Како функционира личноста - Ид, Его и Суперего

специјализант по радиодијагностика

Личноста е составена од желба, моќ, контрола и слобода. Плотот е доста комплексен и е во постојана борба за преовладување еден врз друг. Античките Грци сметале дека сите луѓе се актери во драмата чии режисери се боговите, но за Фројд ние сме едноставно актери во драмата на нашите умови, потиснати од желбите, повлечени од совеста.

Ќе се потрудам преку неколку примери да разберете како нашиот ум функционира, како носи одлуки и како се брани од нив. Во нашата драма има тројца актери. Тоа се:

1. Ид: Стожерот на нашите нагони/импулси;

2. Его: Во постојани расправии со Ид за да го задоволи суперегото;

3. Суперего: Перфекционистот кој не држи секогаш строго ;

Личност бр 1: Го сакам тоа!!!

Леле колку убава кола, морам да ја имам. Уф какава девојка видов, сакам да ја освoјам, сакам да бидам космонаут... Од каде ли доаѓа сево ова? Доаѓа од Ид, секогаш нестрплив, импулсивен и итен. Ќе се запрашате каде е тој, кај се наоѓа. Тој е во длабочините на нашиот ум, тој е насекаде, кај Вашите колеги, пријатели, кај Вашиот шеф. Дури и кај старецот кој чека автобус со саати. Ид ги содржи сите наши животински и примитивни импулси кои бараат задоволства. Тој е неприкосновен хедонист, она мало ѓаволче од Том и Џери кое го тера Џери да прави глупости. Па зарем баба ви не ви рекла "Кој ѓавол те натера да крадеш од на комшиите црешите"? Или разгалени деца во продавница кои врискаат и плачат оти најновата "Spiderman" играчка не им е купена. Тоа е Ид во акција. Поинаку гледано со малку пософистицирани зборови тој е една кошница од желби кои се под контрола на енергијата на животински инстинкти т.н либидо.

Кога се раѓаме Ид има наголема моќ, бидејќи нема апсолутно ништо да го контролира. Бебето кога е гладно плаче, не чека стрпливо да дојде 18 часот за вечера. Немојте да мислете дека Ид е лош, каде би биле без нашите желби и соништа, што би не движело да преживееме, да опстанеме. Без Ид би било многу досадно. Значи, запаметете дека голем дел од нашата личност е составена од желбите.

Личност бр 2: Да го запознаеме Его

Нели би било најдобро да добиеме се што сакаме и кога сакаме. Се согласувам, но за жал во реалноста многу соништа се неостварени, многу желби се неисполнети. Кутриот Ид, којзнае колку се фрустрира. Епа за ова ќе го обвинам Его, да тој никаквец кому омилена песна му е “You Can’t Always get What You Want” од Rolling Stones. Ах, си велите да не беше Его ќе бевме многу позадоволни и посреќни.

Его е како менаџер на некој добар спортист. Спортистот сака милионски договор што е можно побрзо, а менаџерот вели дека треба уште неколку добри помали договори за да стигнеш до милионскиот. Да, Его е доста реален и умешен во пренасочувањето на нагоните од помалку реални кон повеќе реални. Тој ја контролира моќта на Ид, ја преработува и ја пушта во употреба. Тој е контролната соба на нуклеарната централа, а Ид е ураниумот. Да не би бил Его ќе има нуклеарна катастрофа.

Личност бр 3: Кој ја носи Конечната одлука?

Ех да ги оставиме вака да се караат Ид и Его, би биле за никаде. Мора да има кадија кога има спор. Некој мора да пресече. Суперего или како што го викаат луѓето Совест. Тој е пристрасен и е од страната на Его и очекува Его да носи правилни одлуки при расправањето со Ид. Но, ќе прашате од каде е Суперего? Како се насадил кај нас? Епа, тој е Вашето домашно и општествено воспитување. Стандардите кои ни се наметнати од домот, средината и државата.

 

Но, дали во секој од нас има Суперего? Да, меѓутоа кај некои е толку ослабнат што нема никаква контрола врз конфликтот меѓу Ид и Его. Така настануваат монструозните ликови низ историјата кои не се вредни да ги споменувам. Кога некој ќе Ви рече "па добро, имаш ли малку грижа на совест" тој всушност Ве прашува дали Суперегото Ви е јако т.е дали сте воспитани. Злиот човек може да направи толку многу штета, колку што добриот не може ни да замисли.

 

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

објавено на 2011-09-07 

 

>>> Форум за медицина и здравје - Доктори.мк <<<

www.doktori.mk, 16.11.2015

Последна вест

Најчитани статии - медицина