Митови и вистини за оралното здравје – прв дел

Се чини како да е се познато кога се зборува за правила и препораки како ефикасно да се грижиме за оралното здравје. Меѓутоа, од ден на ден се појавуваат нови верзии на старите добри принципи на оралната хигиена. Како резултат на тоа, многу луѓе и понатаму остануваат збунети. Колку често треба да се мијат забите? Дали избелувањето на забите е штетно? Се отвораат прашања и во врска со многу други стоматолошки постапки… Во продолжение прочитајте некои од најпопуларните митови во врска со оралното здравје!

 

МИТ: Миењето на забите неколку пати во текот на денот е штетно за забите.

ВИСТИНА:  Делумно ова е точно. Обично се смета дека доволно е забите да се мијат 2 пати дневно, но доколку имате прилика да ги миете забите често (на пр. После секој оброк) задолжително употребувајте мека четка за заби.

МИТ:  Скапите пасти за заби се секогаш поубави од ефтините.

ВИСТИНА:  Тоа не е секогаш точно. Некои умерено скапи пасти за заби можат да бидат многу ефикасни. Во зависност од состојбата на Вашите заби, побарајте совет од стоматолог каква паста најмногу Ви одговара.

МИТ:  Џвакањето гуми за џвакање без шеќер со ксилитол после оброк може да го замени миењето на забите и има ист ефект.

ВИСТИНА: Тоа не е точно, но доколку немате можност да ги измиете забите после секој оброк, можете да користите гуми за џвакање без шеќер за чистење на забите и освежување на здивот. Немојте да џвакате гума за џвакање повеќе од 10 минути.

МИТ: Не треба да се мијат забите доколку непцата крварат.

ВИСТИНА: Крварењето на непцата е знак дека треба да посетите стоматолог. Меѓутоа, доколку не сте во можност веднаш да го направите тоа, можете да ги миете забите со мека или екстра мека четка за заби.

МИТ: Поставувањето на таблети аспирин покрај забот кој боли може да ја олесни болката.

ВИСТИНА: Аспиринот на овој начин не делува на олеснување на болката. Освен тоа, може да ги оштети меките ткива во Вашата уста. Подобро е да се користат природни аналгетици на пример некои растителни масла.

МИТ: Нема потреба да одите на стоматолог доколку немате никаков проблем со забите.

ВИСТИНА: Подобро е да се спречи и да се лечи во најраната фаза. Не заборавајте на правилото посета на стоматолог на секои 6 месеци.

МИТ: Ако глеѓта е бела, забот може да се смета за здрав.

ВИСТИНА: Тоа апсолутно не е точно. Забот може да изгледа здрав и бел, а во исто време може да има шуплини, проблеми со коренот или други абнормалности кои бараат лечење на забот.

МИТ: Подобро е да се лекува кариозниот заб отколку да се одлучите за негова екстракција.

ВИСТИНА:  Пред да ја донесете одлуката дали забот ќе го лекувате или не, мора да се посоветувате со стоматолог или да побарате мислење од повеќе стоматолози. Понекогаш дури и премногу деструиран заб може да биде “обновен”, а во исто време постои ситуација кога дури здрав заб може да биде екстрахиран.

МИТ: Подобро е да се изврши екстракција на умниците бидејќи тие обично предизвикуваат проблеми.

ВИСТИНА: Немојте да ги екстрахирате умниците пред тие да почнат да Ви создаваат проблеми.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!