Во усната шуплина може да настанат ограничени патолошки процеси кои под одредени околности предизвикуваат заболувања на некои органи или системи. Заболувањата на тие органи или системи предизвикани од агенсите од таквите ограничени периапикални и други процеси во усната шуплина се нарекуваат консекутивни заболувања, а самиот процес фокална инфекција. Ограничениот процес кој под одредени околности предизвикува консекутивно заболување со заедничко име се нарекува жариште или фокус. Таквите жаришта може да настанат било каде во организмот, но се смета дека устата е место на нивното најчесто јавување.
Како настануваат фокуси?
Присуството во устата на вирулентните микроорганизми кои потекнуваат од денталниот плак се причина ваквите жаришта најчесто да се појавуваат во устата во однос на другите места во човечкото тело.
Оралните жаришта имаат инфективна етиологија и предизвикани се од микроорганизмите од денталниот плак. Такви жаришта најчесто се формираат во алвеоларната коска т.е. во апикалниот предел на забот и според тоа се нарекуваат периапикални жаришта. Со кариозниот процес настанува деструкција на забот и овозможен е продор на микроорганизми до пулпата. Оттука инфекцијата преку коренскиот канал се пренесува во периапикалниот простор на алвеоларната коска. Самиот организам се обидува да го изолира и ограничи самото жариште, па се создава гранулом.
Консекутивни заболувања
Активното делување на жариштата се смета дека не е траен процес. Продорот на микроорганизмите и фокалните супстанци (алергени) обично не тече трајно туку се одигрува во вид на повремени бранови. Се смета дека се јавува после продорот на клеточната механичка преграда на грануломот и нарушување на имунолошко – биолошката одбрана на организмот поради: траума настаната при џвакање, намален имунитет, гасови во коренскиот канал, пореметена циркулација околу жариштето, општа алергизација на организмот. Консекутивните заболувања можат да бидат заболувања со кардиоваскуларно потекло, кожни заболувања, заболувања на органите за дишење, заболувања на очите, заболувања на локомоторниот апарат, заболувања на бубрезите и заболувања на дигестивниот тракт.
Како се лекуваат оралните жаришта?
Кога во прашање се живото загрозувачки заболувања, треба да се заземе радикален став. Во согласност со лекарот кој го лекува консекутивното заболување се пристапува кон вадење на забот со хируршка обработка на алвеолата. Кога жариштата се неактивни и не постојат знаци на некое фокално делување и појава на консекутивни заболувања, постои постојана опасност за нивно активирање. Неопходно е потребно санирање на сите орални жаришта. Во голем процент оралните жаришта се периапикални процеси кои се отстрануваат на три основни начини:
- Екстракција на забот
- Ресекција на врвот на коренот (апикотомија)
- Лекување со полнење на коренските канали
Како да се спречи појавата на орални жаришта?
Примарна улога во настанувањето на оралните жаришта, а со тоа и консекутивните заболувања е превенцијата на настанувањето на кариесот на забот. Тоа се врши со правилно одржување орална хигиена, лекување на забите и пародонтопатијата, односно чување на здрава уста и заби и редовни контролни прегледи кај стоматолог.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-