Мералгија парестетика – Meralgia paraesthetica

0

Meralgia paraesthetica, или уште позната како Bernhardt-Roth syndrome, е состојба која што настанува поради повреда на nervus cutaneus femoris lateralis. Овој сензитивен нерв има улога во инервација на кожата на надворешната страна на натколеницата. Поради повреда на овој нерв се јавува чувство на вкочанетост и болка на надворешната страна на бутот.

Етиологија

Овој нерв често е повреден поради негова компресија кога минува под ингвиналниот лигамент во близина на неговиот припој на spina iliaca superior anterior (на илеумот). Нервот може да се оштети и кај дијабетичарите со нерегулирана гликемија, како и при траума (пр.сообраќајна незгода).

Болката се јавува при носење на тесна долна облека, тесни пантолони или каиш кои што притискаат на нервот и предизвикуваат чувство на вкочанетост или болка која што може да се шири кон препоните и бедрото.

Наглото слабеење и стареењето доведуваат до намалување на заштитните масни наслаги во пределот на бутот и нервот станува поизложен на можна повреда.

Симптоми

Болка во надворешната страна од бутот, чувство на трнење или вкочанетост, зголемена сензитивност на допир, зголемена сензитивност на топлина.

Дијагноза

Дијагнозата се поставува најчесто врз основа на клиничката слика, но можно е да има потреба и од други иследувања за да се исклучат коскени абнормалности, тумор и сл., кои може да вршат притисок врз нервот.

Терапија

Најдобро решение е да се отстрани причинителот. Да се носи лесна и удобна облека (не тесна), да се избегнува носењето каиш, да се избегнува стоење на нозе долго време. Кај гојазните пациенти се препорачува намалување на телесната тежина.

Вежбањето е препорачливо за зајакнување на мускулите.

НСАИЛ се препорачуваат за да се намали воспалението и болката. Доколку болката е неподнослива и пациентот не може да спие може локално да се блокира нервот со локален анестетик или хируршки да се направи декомпресија. Отстранување на нервот се применува како крајно решение, чувството на вкочанетост во тој случај е перманентно.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ирина Беде Спалевиќ
Д-р Ирена Беде Спалевиќ е родена на 06.10.1982 год. во Охрид. Завршува Медицински факултет во Скопје. Покраj медицината интерес има за спортски активности како пливање, аеробик и пилатес. Смета дека редовната физичка активност и здравата исхрана се во најголем процент одговорни за одржување како на физичкото така и на менталното здравје. мото Во здраво тело, здрав дух. Never say never Доктори.мк е супер веб страна на која може да се најдат многу интересни и поучни информации. Ова е добар начин да се информираат луѓето за најчестите проблеми во врска со здравјето, а воедно и да дознаат некои интересни факти и феномени во медицината. :)