Варикоцела – проширени вени на скротумот

0

Што претставува варикоцелата?

Варикоцела е состојба на проширување на венскиот садовен сплет (plexus pampiniformis) во скротумот и на внатрешните тестикуларни вени (venaе spermaticaе internaе) кои ја враќаат венската крв од тестисот. Доколку е во блага форма, варикоцелата не покажува никакви клинички симптоми, но нејзиното значење е во тоа што се смета дека претставува значаен фактор за настанување на стерилитет кај мажите. Најпогодени возрасни групи се оние кои се наоѓаат помеѓу 15-тата и 20-тата година од животот. Во општата популација оваа состојба се среќава кај 10-20% мажи, додека кај неплодните мажи овој процент е многу повисок и се искачува до 40%.

Поделба на варикоцелите

Во зависност од големината на варикоцелата, поделбата е направена на 3 групи и тоа:

  • Мали варикоцели – се забележуваат само при палпација на скротумот и при поголем физички напор, а се поради намалено и отежнато венско враќање на крвта со што варикоцелата се зголемува;
  • Средни варикоцели – веќе добро евидентни на палпација;
  • Големи варикоцели – добро се гледаат и зафаќаат значаен дел од скроталната кеса.

Според страната која ја зафаќаат, варикоцелите можат да бидат еднострани (лево или десно позиционирани) или обострани. Сепак тука треба да се потенцира дека во 90% од случаите се појавуваат на левиот тестис поради анатомската поставеност и аголот кој го зазема v. testicularis при влезот во v.renalis (бубрежна вена), како и поради повисокиот венски притисок кој физиолошки е присутен во левата ренална вена.

Причини за појава на проширените вени

Варикоцелите се најчесто состојби со непознат причинител, знаејќи го фактот дека мнозинството пациенти немаат придружни патолошки состојби или болести. Се смета дека главен проблем може да биде горенаведената анатомска поставеност на крвните садови. Интересно е да се напомене дека постои мит за поврзаноста на настанувањето на варикоцела со претераната мастурбација, но сепак научните сознанија не корелираат со овие гласини (барем не во целoст) и истите не можат да се сврстат во главни причини. Љубителите на овој спорт можат релаксирано да ја проследат оваа информација.

Но, во некои случаи, варикоцелата може да се јави како последица на заболувања на горните мочни патишта, а најчесто при тумор на бубрегот. Во прилог на постоење на тумор на бубрегот е наглото настанување на варикоцелата, која брзо се развива и манифестира. Пореметената циркулација доведува до враќање на крвта назад од бубрежната циркулација во тестисите и зголемување на притисокот во нив, поради што доаѓа и до проширување на вените, т.е. до нагло настанување на варикоцела.

Клинички знаци и симптоми

Варикоцелите во поголем број од случаите се без особена симптоматологија и потешкотии. Обично се откриваат при преглед поврзан со машки инфертилитет. Понекогаш пациентите се жалат за непријатна болка или тежина во предел на скротумот.

При палпација скротумот наликува на вреќа полна со глисти. На кожата на скротумот може да дојде до појава на воспаление, црвенило, појава на чешање и зголемено потење.

Поради поврзаноста на варикоцелите со стерилитетот се препорачува следење на промените и брзината на создавањето на истите. Особено мониторингот е клучен кај млади мажи заради финалните оштетувања кои можат да се манифестираат како тотално изумирање, односно атрофија на тестисот.

Дијагностицирање на варикоцелите

За препознавање на варикоцелата најважен е физикалниот преглед од страна на лекарот. Се дијагностицира со палпација на тестисот во стоечка положба. Доколку промените се големи со самата инспекција се забележува варикоцелата. При легнување промените се повлекуваат. Од голема помош е изведување и на т.н. Валсалва маневар (се бара од пациентот да се напне како при дефекација) кога промените се истакнуваат поради зголемениот притисок во тестикуларните вени. Тестисот на страната на варикоцелата е често помал во однос на оној од спротивната страна.

Но, сепак, дефинитивната дијагноза се поставува со помош на ултразвук (ехо) и тоа најчесто се користи Color- Doppler ултразвук, со кој се покажува протокот на крв во снимената регија на крвниот сад. Доколку пак, се сомневаме во настанување на т.н. секундарни варикоцели, односно проширени вени како резултат на болест во абдоминалната празнина (карцином), тогаш задолжително се извршува томографско снимање (CT).

Иако често точната дефиниција за големината на варикоцелата е предмет на расправа, повеќето доктори сметаат дека за постоење на варикоцела може да се зборува кога вените се со дијаметар поголем од 3 mm или повеќе.

Третман на варикоцелите

Лекување кај малите и средно-големите варикоцели најчесто не е потребно кај повеќето мажи. Доколку се присутни полесни болки или чувство на тежина во пределот на скротумот, се препорачува носење на специјални ортопедски помагала т.н. суспендери.

Големите варикоцели се лекуваат хируршки, начин кој засега останува единствен во решавањето на овој проблем. Операцијата се извршува со подврзување на дел од вените или, поретко, целосно отстранување на варикоцелата. Се разбира процедурата се врши во општа, односно локална анестезија. Оваа интервенција спаѓа во групата на лесни хируршки зафати и пациентите по овој зафат многу брзо се враќаат во нормален живот. Веќе по 48 часа е дозволено туширање, а потешки и спортски активности се избегнуваат во период од најмалку две седмици. Забраната важи и за сексуални активности, и тоа за период од минимум една недела.

Јасни индицирани случаи за пациентот да замине “под нож” се долунаведениве:

  • интензивна болка во тестисот/ите;
  • пореметена функција на тестисот – намален квалитет на сперматозоидите;
  • смалување (атрофија) на тестисот – волумен помал од 20 ml, должина помала од 4 см.

Прогноза

По хируршкото отстранување на варикоцелата, во просек 60-70% од мажите имаат подобрен спермограм. Околу 40-60% од пациентите, дотогаш неплодни мажи, по отстранувањето на варикоцелата стануваат плодни и имаат деца. Бидејќи развојот на сперматозоидите (спрматогенезата) трае 72 дена, првите резултати за зголемување на плодноста можат да се очекуваат дури по 3-4 месеци од хируршкото отстранување на варикоцелата.

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ѓорги Коњаноски е роден на 06.07.1984 во Битола. Денес живее во Охрид, каде што претходно завршува основно и средно образование. Во 2010 година дипломира на Медицинскиот Факултет при универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, стекнувајќи се со назив Дипломиран доктор по општа медицина. Учесник е на повеќе семинари и предавања од областа на медицината и активно ги следи новините во неа. Одлично говори англиски и српско-хрватски јазик а во слободното време ужива во долги прошетки по езерскиот брег. Конечно македонскиот веб етер доби вистинско освежување, иновативни содржини, можност за едукација, афирмација, како и обединување на медицинските лица. Сето ова е вкомпонирано во модерен дизајн, професионален техничко-уреднички тим полн со ентузијазам и современи идеи. Чест и задоволство е да се биде дел од тимот.