Под терминот торзија (увртување) на тестисот или Torsio testis се подразбира акутна васкуларна инсуфициенција која настанала со увртување на васкуларната петелка околу својата оска.
Се јавува кај мажите од 1-65 год., но статистички најчесто се јавува во 14-тата година, а исто така е честа појава и кај новороденчињата. Почесто го зафаќа левиот тестис бидејќи истиот има подолга васкуларна петелка.
Причина за оваа акутна состојба може да биде траума, подвижен тестис од различни фактори, хормонски причини (високи количини на тестостерон) и ниски надворешни температури.
Според нивото на увртување, торзијата на тестисот може да биде:
- Екстравагинална торзија – подразбира увртување на васкуларната петелка над припојот на tunica vaginalis. Оваа форма е најчеста кај новородени и кај деца со крипторхизам.
- Интравагинална торзија – подразбира увртување на васкуларната петелка под припојот на tunica vaginalis. Оваа форма е најчеста кај адолесценти.
- Поретка форма е увртување помеѓу тестисот и епидидимисот, поради подолг мезотелиум.
Клиничка слика:
Доколку се работи за блага торзија, ќе настане венска стаза, а при поизразена торзија има и венска и артериска стаза.
Покрај локалните знаци, како изразено црвенило, оток и болка, може да има и општи симптоми како покачена телесна температура, гадење и повраќање. Патогномоничен знак е губење на кремастерниот рефлекс.
Дијагнозата се поставува според клиничката слика, ултрасонографски и доплер иследувања.
Терапијата е ургентен оперативен третман (експлорација и деторзија). Идеално време е 4 часа од појавата на симптомите, до 12 часа се смета дека тестисот е во исхемија која е реверзибилна, а од 12 до 24 часа настанува некроза и во тој случај се отстранува тестисот.
Навременото сомневање од родителите и брза дијагностика и терапија од страна на хирургот се неопходни за позитивен исход.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-