“Дете без насмевка е како градина без цвеќе”
Ортодонтските аномалии – мултипричинска појава
Ортодонтските аномалии се многу честа и мултикаузална појава. Фундаментално е сознанието дека генетскиот фактор има предоминантна улога во појавата на малоклузиите. Покрај генетскиот фактор, како значајни фактори се појавуваат и: пропратните заболувања, дефицитарната исхрана, ендокрините пореметувања, како и конгениталните аномалии. И покрај комплексноста на овие аномалии, денес за среќа постојат безброј методи со кои успешно се добива една нормооклузија и убава насмевка.
Принципи на ортодонтскиот третман
Есенцијално постојат три основни принципи за ортодонтски третман:
- 1. Подобрување на дентофацијалниот изглед;
- 2. Корегирање на оклузалната функција на забите;
- 3. Елиминација на оклузијата која што може долгорочно да ги оштети забите и периодонциумот.
Изгледот на забите е важен
Денес една од главните причини за превземање на ортодонтски третман е подобрување на изгледот на забите. Докажано е дека имањето на било каква ортодонтска аномалија предизвикува пречки во психо-социјалниот живот на индивидуата. Многубројните истражувања покажуваат дека децата многу повеќе се шегуваат за забите отколку за облеката што ја носат или пак тежината и висината. Токму поради тоа ортодонтскиот третман е неопходен и оправдан поради сите наведени проблеми.
Третманот зависи од различни фактори
Терапијата на ортодонтските случаи е долготрајна и бара многу трпеливост и од страна на терапевтот и од страна на пациентот. Мобилните апарати за разлика од фиксните на повеќето пациенти им изгледаат како поедноставно решение бидејќи можат да ги ставаат кога сакаат. За разлика од нив фиксните апарати не можат да се извадат од устата и се носат подолг временски период. Порано фиксните апарати се носеле исклучиво во трајна дентиција, но денес ортодонтите ги скратуваат ограничувањата и потенцираат дека може да се носат од 7 до 77 год. Каков третман ќе одбереме зависи од видот на аномалијата, планот на терапија и се разбира желбата и мотивираноста на пациентот.
Во секој случај ортодонцијата како гранка веќе станува една од најпопуларните во стоматологијата. Со напредокот на науката и новите откритија во оваа област речиси и не постои нерешлива ортодонтска аномалија.