Орални лезии предизвикани од ХПВ

0

ХПВ – опасност за човековото здравје

Хуман Папилома Вирусот припаѓа на групата вируси Papovaviridae и е релативно мал ДНА вирус. Постојат над 118 видови на ХПВ, но само дел од нив можат да бидат опасни за човековото здравје. Како највисоко ризични ХПВ типови се сметаат ХПВ тип 16 и ХПВ тип 18, кои се поврзуваат со оралните премалигни и малигни лезии. Воедно, овие 2 типа се одговорни и за карциномот на грлото на матката.

ХПВ најчесто се пренесува по полов пат, но и при директен контакт со заразена кожа или слузница. Сепак постои огромна поврзаност меѓу ХПВ и оралниот карцином па следствено на тоа се подразбира колку е значајно раното откривање и правилната терапија на ваквите лезии.

Најчесто овие лезии се бенигни, асимптоматски и многу често исчезнуваат спонтано. Но, секогаш треба да обрнеме огромно внимание на секоја лезија која перзистира подолго од 2 недели и која воопшто не реагира на ниту еден вид терапија.

Најчести орални лезии асоцирани со ХПВ

Промените најчесто се разновидни и можат да бидат присутни на било кој дел од оралната лигавица, поединечно или во група. Најчести орални лезии асоцирани со ХПВ се:

  • Сквамозен папилом: Претставува најчеста бенигна неоплазма на оралниот епител која може да ја има на било кој дел од оралниот медиум, но најчеста е на вентралната страна на јазикот, околу френулумот, тврдото непце и мукозата на усните. Оралниот сквамозен папилом може да резултира со прстести импресии до егзофитични лезии со верукозни формации. Најчесто се беличасти и се појавуваат без оглед на возраста. Третманот им е хируршка ексцизија, секогаш до здраво. Но, нивното повторно појавување може да биде само почеток на еден малигнитет.

 

  • Веруки (Verrucae vulgaris): Тоа се најпознатите кожни лезии предизвикани од ХПВ, но доста се чести и во усната шуплина. Предилекциони места им се кератинизираните делови на усните и тврдото непце. Доста се контагиозни и специфични за детската возраст. Рапидно ја зголемуваат својата големина и потоа можат да останат стабилни дури и неколку години. Хируршката ексцизија и овде е препорачан третман.

  • Фокусна епителна хиперплазија: Како и претходната лезија, многу е почеста кај децата отколку кај возрасните. Речиси секогаш ја има кај имунодефициентни особи, поготово кај ХИВ позитивните. Лоцирана е на лабијалната и букалната слузница и јазикот со нормална боја, како и здравата мукоза, па ја одвојуваме од здравиот дел само по нејзиниот папиларен изглед. Обично се перзистентни и упорни лезии кои знаат да траат и до неколку години.

  • Кондиломи (Condyloma acuminatum): Нивната специфична локализација е на гениталиите, но многу чести се и во оралниот медиум, најчесто присутни во групи од неколку кондиломи. Забележливи се на лабиумот, мекото непце и околу френулумот. Најчесто се пренесуваат преку орален секс или од мајката носител преку автоинокулација. Третманот е хируршки со ексцизија на настанатите промени.

ХПВ vs орален карцином

Кога се зборува за ХПВ многу јасно е да се посочи неговата корелација со оралниот карцином. Од обична дисплазија до орален карцином во огромен број од случаите е пронајден ХПВ како причинител. Докажана е неговата улога во предизвикувањето на сквамозниот карцином во орофарингсот, како и карциномот на долната усна, едни од најмалигните во ова регија. Токму затоа правилната и навремена дијагноза на овој вирус ќе превенира од понатамошните несакани заболувања предизвикани од ХПВ. Понекогаш токму стоматологот е првиот кој ќе го открие овој вирус во нашиот организам.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.