Омфалоцела и гастрошиза

0

Инциденца

Омфалоцела – 1:6 000

Гастрошиза – 1:15 000 во седумдесеттите години

Според последните истражувања инциденцата се изедначува.

Етиологија

Омфалоцелата се смета дека е генетски условена.

Гастрошизата, пак, е предизвикана од надворешни фактори – тератогени, што го објаснува фактот на зголемување на инциденцата на истата во последниве години.

Дефиниција и патогенеза

Омфалоцелата е конгенитална (вродена) аномалија во која абдоминалните органи остануваат хернирани во умбиликалниот или супраумбиликалниот дел на абдоминалниот ѕид, обвиткани со перитонеум и амнионска мембрана, од која продолжува умбиликалната врвца. Перитонеалната празнина е мала и ротацијата на цревата не е завршена.

Херниа (кила) на умбиликалната врвца се дефинира како умбиликален (папочен) дефект помал од 4 цм кој содржи само дел од тенкото црево. Ротацијата на цревата не е завршена, но перитонеалната празнина е пропорционално развиена.

Гастрошиза е дефект на абдоминалниот ѕид параумбиликално, долу и десно од умбиликусот (папокот). Папочната врвца е нормално поставена, а пролабираните црева не се покриени со перитонеум и амнионска обвивка.

Клиничка слика

Омфалоцела: Видлива пролабирана абдоминална содржина низ голем дефект во средните партии на абдоменот, обвиткани со перитонеум и амнионска обвивка, од која продолжува папочната врвца.

Херниа на умбиликалната врвца: Пролабирани само дел од тенките црева низ папочен дефект, помал од 4 цм. Цревата се обвиткани со перитонеум и амнионска обвивка.

Гастрошиза: Видлив пролапс на тенките црева, долу и десно од папокот. Пролабираните цревни виуги се задебелени, едематозни, ливидни, препокриени со жолто зелени налепи, сраснати меѓусебно.

Дијагноза

Дијагнозата се поставува според клиничката слика, а кога постои сомневање се прават радиолошки инвестигации (бебиграм).

Терапија

Омфалоцела: Присуството на честите придружни кардијални аномалии, како и големата диспропорција на абдоминалната празнина и пролабираните органи го диктираат конзервативниот третман. Компликациите, како руптура и воспаление, оперативно се третираат.

Гастрошизите и херниите на умбиликалната врвца се третираат оперативно.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Илина Гаџевска
Д-р Илина Гаџевска е родена на 13.01.1986 во Скопје. Средно образование завршува во Д.С.М.У. „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје во 2004 год. Со називот Доктор на општа медицина се здобива во 2010 год. со завршување на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Со лиценца за работа од Лекарската комора на Р.М. се стекнува во 2011 год. Моментално е на специјализација по општа хирургија. Имам многу позитивно мислење за оваа идеа и проект. Како што е запишано во многу медицински книги: „Ако постои добра едукација и превенција, нема да има болести за лекување.“ Редно беше да постои ваков креативен, модерен и ефективен начин тоа да се спроведе.