Кога не се чувствувате најдобро, го посетувате вашиот доктор и ако тој мисли дека би било од помош, ќе ви каже дека треба да се направи крвна слика, односно анализа на крвта и урината.
За секој вид на анализа која што се испитува, се добива резултат кој може да биде во квалитативна (позитивно-негативно) или квантитативна форма (број). Бројчаните резултати се споредуваат со референтните вредности кои всушност се границите во кои се движат нормалните вредности од анализата.
Но треба да се знае дека добивањето на вредност надвор од референтните не секогаш е ненормален наод. Вредностите се многу зависни од профилот на испитуваното лице (пол, раса, возраст, диететски навики, храна која е конзумирана претходните 24 часа, пушење, конзумирање алкохол, менструален циклус, физичка активност непосредно пред испитувањето, лекови кои се земаат на своја рака како ацетилсалицилна киселина, витамини, НСАИЛ, претходно препишани лекови, должината и квалитетот на сонот пред анализите) и од чувањето на примероците и ракувањето со нив.
Како до лабoраторија?
Вашиот доктор утврдил дека треба да направите анализи на крв и урина. Од него ќе добиете упат. Тоа е медицински документ кој во горниот дел ги содржи вашите лични податоци (име и презиме, адреса, матичен број, број на здравствена легитимација, регистарски број од институцијата која ви обезбедува здравствено осигурување, податоци за амбулантата во која се лечите, број на вашиот здравствен картон и упатна дијагноза). Во долниот дел има листа на анализи, од која вашот доктор ќе избере што да се испита.
Да напоменеме дека во таа листа е содржан само еден основен профил на анализи кои се дозволени на матичниот лекар (ЛУ1). За некои поспецифични анализи, во зависност од болната состојба, ќе треба да посетите специјалист, а тој на нов упат (ЛУ2) ќе ги допише додатните испитувања.
Бројот на анализи кои може да се направат преку вашата крв и урина е навистина голем, а истите можат да се однесуваат на уште поголем број на здравствени состојби. За значењето на анализите ќе зборуваме во иднина, а за сега е доволно само да знаеме како се прави ова испитување.
Зошто тестот се прави на гладно?
За испитување на нивото на шеќер (глукоза) и маснотии (холестерол, триглицериди), е потребно гладување од 12 до 14 часа, бидејќи резултатите кои се добиваат кај нив се директно зависни од храната што сме ја внесле претходните неколку часа, кога таа сеуште е дел од активниот метаболизам на материите во телото.
Иако овие две се најосетливи на внесот на храна, пожелно е гладување и за другите анализи, зошто и тие знаат да дадат отстапки во зависност од продуктите кои сме ги внесле (деградациони продукти, вкупни протеини, ензими…).
При испитувањето на ОГТТ (глукоза толеранс тест, односно барање на т.н. скриен дијабет), во лабараторијата на пациентот му се дава приготвена гликоза во форма на блага вода откако му зеле крв, а по извесно време, повторно се зема крв и се мери нивото на шеќер во крвта. Како и да е не се грижете, и на тие кои им се слошува од игли (а ги има), после боцкањето веднаш може да одат и да јадат и да се напијат нешто.
Долгите 3 минути…
Откако сте отишле во лабараторијата, за вас ќе се погрижи лабораториски техничар – лице кое е стручно за земање на примерок од крв (за урината нема многу што да се зборува, сте добиле чашка, па во WC, примерокот треба да е од средниот млаз, нормално претходно да е направена тоалета на отворот од мочниот канал). Техничарот потоа ќе ве праша дали ви е страв и ќе ви каже да не се плашите. Овој дел од постапката не е задолжителен 🙂 …
Крв се зема од вени кои се близу до површината на кожата, кои се добро фиксирани и со добар калибар. Обично се избираат вените на кубиталната јама, односно од внатрешната страна на лакотот. Ако се тука недостапни, се боцкаат вените на задниот дел од дланката. Постојат и други места каде може да се најде вена за боцкање, но сепак да продолжиме со едукација наместо со плашење.
Лабораторискиот техничар ќе ја стегне раката неколку сантиметри од местото каде има намера да Ве боцка со гумена (или од друг материјал) повеска наречена Есмарх. Тоа ќе предизвика краток застој при враќањето на крвта кон срцето и вената ќе набобри, ќе стане подобро видлива и подобро ќе се пипа. Потоа местото се дезинфицира со алкохол. Следува боцкањето.
Ќе ви биде кажано за колку време (обично после неколку часа) да дојдете по резултатите. За тоа време вашите примероци ќе бидат тестирани во различни апарати.
Постојат испитувања на крвта кои се прават за краток временски рок, кога анализите се итно потребни во поставувањето на дијагнозите, како што е хемограм со хематокрит кај крварењата, леукоцити кај некои хируршки состојби, седимент на урината кај бубрежни колики, срцеви ензими кај инфаркти, амилази за панкреатит итн.
Резултатите ќе ги добиете во листа, на која вашите вредности на анализите се напишани до референтните. Не ги читајте и толкувајте вредностите сами, бидејќи може безпотребно да се испаничите. Разгледајте ги резултатите заедно со вашиот доктор и од него побарајте подетални информации. Пожелно е да ги чувате и постарите резултати за да направите споредба, а вашиот доктор нека ги запише вредностите во вашиот здравствен картон.
На овој начин вие ќе имате подобар увид во вашата здравствена состојба, а вашиот доктор подобар пристап при ординирањето на евентуалната терапија.