Миокардна перфузиона сцинтиграфија – МПС

0

Дeфиниција

Миокардната перфузиона сцинтиграфија (МПС) е радионуклеарна медицинска имиџинг метода која го користи својството на интравенски администрираните радионуклеидни изотопи да се врзуваат за здравото (вијабилното) миокардно ткиво. Кога ќе се врзат со здравиот миокард радиоизотопите емитираат радиоактивно зрачење.

Радиоактивното зрачење се регистрира со гама-камера, поставена над градниот кош на пациентот. Светкањата (сцинтилациите) кои зрачењето ги предизвикува на кристалот од гама-камерата се претвораат во електрични импулси кои се регистрираат во компјутерот и се прикажуваат како слика. Радиофармаколошките средства се акумулираат во миокардот право-пропорционално на крвниот проток и вијабилноста на срцевиот мускул. На тој начин се идентифицираат зони на намалена перфузија и исхемија.

Индикации

Индикации за употреба на МПС се:

-Евалуација на пациенти со градна болка од нејасно потекло;

-Дијагноза и проценка на КАБ (посебно кај пациенти неподобни за коронарен стрес тест: пациенти со ортопедски, невролошки и васкуларни заболувања на нозете, LBBB) при што негативниот скенограм дефинитивно ја исклучува КАБ;

-Проценка на влијанието на коронарната стеноза на регионалната перфузија;

-Разликување на вијабилниот исхемичен миокард од лузна;

-Проценка на успешноста на реперфузиските интервенции (PTCA, Stenting, CABG);

-Потешкотии при утврување на АМИ (кај пациенти со LBBB, ритам од електростимулатор, WPW синдром, субендокардијален инфаркт, мал инфаркт, миокарден инфаркт на десна комора)

Процедура

Миокардната перфузија се испитува во мирување, при физички напор (кардиоваскуларен стрес) или најчесто комбинирано (рест-стрес)

1. МПС при мирување

Скоро секогаш се комбинира со Стрес МПС и потоа се прави споредба на оштетувањата на миокардната перфузија кои се јавуваат при физички напор кај пациенти со КАБ.

2. Стрес МПС

Се извршува со помош на treadmill лента или ерговелосипед. Не смее да се внесува храна најмалку 4 часа пред испитувањето. За извршувањето на Стрес МПС пациентот мора да е хемодинамски и клинички стабилен најмалку 48 часа пред испитувањето. Доколку нема контраиндикации, на денот на испитувањето не треба да се земаат бета-блокатори, Ca-антагонисти или други лекови кои делуваат на крвниот притисок и фреквенцијата.

  • Фармаколошка стрес МПС

Тоа е често употребувана процедура. Со помош на фармаколошки средства се напрега срцето и тоа на два начини:

  1. Предизвикување на коронарна вазодилатација (дипиридамол, аденозин)
  2. Зголемување на кислородната побарувачка на миокардот (ино/хронотропни адренергици-добутамин) Идеална е за изведување кај пациентите со ортопедски, невролошки и васкуларни заболувања на нозете кои не се во можност да го извршат тестирањето на лента или велосипед.

3. Комбинирана МПС – најчесто се изведува.

Се прават снимки и при мирување и при стрес. Постојат најразлични протоколи (дводневен стрес-рест, еднодневен стрес-рест, еднодневен рест-стрес). Најупотребуван е протоколот еднодневен рест-стрес.

Контраиндикации

Контраиндикациите за изведување на МПС најчесто се однесуваат на стрес компонентата:

  • Нестабилна ангина во последните 48 часа и АМИ во последните 4 дена;
  • Неконтролирана системска (систолен>220 mmHg и дијастолен>120 mmHg) или пулмонарна хипертензија;
  • Срцева декомпензација.

Други контраиндикации се:

  • Напреднат A-V блок;
  • Акутен миокардитис и перикардитис;
  • Тешка митрална или аортна стеноза.
  • Важно е да се напомене дека не смее да се изведува фармаколошката стрес МПС кај пациенти со ХОББ поради бронхоконстриктивното дејство на дипиридамолот и аденозинот.

Рaдиофармаколошки агенси

  • Радиоактивен Талиум-201 (201Tl)
  • Радиоактивен Технециум-99m (99mTc) -sestamibi, tetrofosmin, teboroxime
  • Рубидиум-82 (82Rb)

Имиџинг техники

Постојат три визуелизациони техники на МПС: Планарна техника, SPECT и PET.

  • Планарна техника Тоа е постара техника која користи три пресеци: антериорен (пациентот легнат на грб), лев кос антериорен (визуелизација на септум) и лев латерален (пациентот легнат во положба на десен декубитус). Како најкористен метод на планарната техника е Радионуклеидната вентрикулографија (РНВ). РНВ е метод за евалуација на лево-вентрикуларната функција, валвуларните болести и конгениталните аномалии (шантови). Во основа на методата е обележувањето на сопствените еритроцити со Tc-99m. Денес оваа метода е истисната од ехокардиографијата, која има предност поради тоа што е поевтина, нема зрачење, а прецизноста во пресметувањата на срцевите параметри е скоро иста.
  • SPECT (Single-Photon Emission Computed Tomography) Тоа е преферабилна и моментално најкористена техника. Се базира на систем на ротирачки камери, колиматори со висока резолуција и томографска репродукција за добивање на квалитетна 3D-слика. Пациентот најчесто лежи на грб (доколку не е премногу обезен). Има софтвер за добра корекција на атенуацијата (ослабувањето на сигналот) која настанува од меките ткива околу срцето: дијафрагмата, абдоминалните органи, белите дробови, дојките. Во последно време се повеќе се користи Tc-99m. GATED SPECT техниката која е дополнување на SPECT миокардната перфузија за попрецизно разјаснување на дилемите околу постоење на КАБ и нејзината реперкусија врз функцијата на срцевиот мускул. Таа се одликува со водење на симултан ЕКГ запис. Со оваа техника освен миокардната перфузија се определуваат и: ејекционата фракција, регионалната и глобална кинетика на левата комора и задебелувањето на ѕидовите.
  • PET (Positron Emission Tomography) Оваа техника е привилегија на најразвиените медицински центри поради скапата апаратура (PET камера) и неопходноста акцелераторот да биде во непосредна близина. Позитронските емитери се изотопи на јаглерод, азот и кислород и како такви се вклучуваат во метаболните процеси. Потоа се квантифицираат метаболните процеси и рецепторската дистрибуција на коронарниот проток, прецизно се разликуваат старите од новите миокардни инфаркти и се прави апсолутна проценка на миокардната перфузија.

Евалуација на снимките

Три пресеци за евалуација:

  1. „Short axis view“
  2. „Vertical long axis view“
  3. „Horizontal long axis view“

Радиофармаколошкото средство при нормален крвен проток се врзува за здравиот миокард што на сцинтиграмот се отчитува како „топла“ зона. Оштетениот миокард и деловите кои се послабо снабдени со крв на сцинтиграмот се отчитуваат како „ладна“ зона.

Заклучоци

Бенефиции од МПС се: можноста за прецизна евалуација на КАБ врз база на миокардната перфузија и поголема прецизност од коронарниот стрес тест (кој се базира претежно на ЕКГ записот). Ризиците од МПС се незначајни: градна болка при стрес МПС и ретки алергиски реакции на фармаколошките стрес агенси и радиоизотопите. Минималната доза на радијација при МПС не се смета за опасна.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Др Благоја Стефановски
Д-р Благоја Стефановски е роден на 03.11.1984 год. во Охрид, каде го завршува своето основно и средно образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2009 година. За време на студирањето во повеќе наврати се вклучува во активностите на Медицинскиот студентски сојуз. За споменување се ангажманот како претседател на Локалната програма за студентска размена во Охрид во 2008 г. и учеството во организацијата на Генералното годишно собрание на IFMSA (International Federation of Medical Students’ Associations) кое во август 2009 г. се одржа во Охрид. Во август 2008 г. стажира на Универзитетската клиника по гастро-ендокрина хирургија во Вроцлав, Полска. Активист е во Националната фондација за трансплантација и Црвен Крст - Охрид. Сертификати и признанија: Учество во организација и партиципација на кардиолошка меѓународна работилница – „CTO – Tips and tricks, with George Sianos“, Охрид 05.04.2012. Благодарница од Македонско Лекарско Друштво - За активно учество во извршувањето на целите и задачите на МЛД, 07.04.2013. Во периодот јуни-јули 2013 г. успешно минува програма на медицинска едукација за кардијална катетеризација и ангиографии на Кардиолошкото одделение во болницата Florence Nightingale во Истанбул, Турција, под менторство на проф. д-р Ведат Ајтекин и проф. д-р Нуран Јазиџиоглу. Презентирање на тема: „One-year clinical outcomes of percutaneous treatment with drug-eluting balloons: Results from our Center's registry“ на 5-тиот Македонски Кардиолошки Конгрес, јуни 2014 г. Во периодот август-септември 2015 г. минува програма на медицинска едукација од областа на интервентната кардиологија на Кардиолошкото одделение во болницата Liv во Улус, Истанбул, Турција, под менторство на д-р Алп Бурак Чатакоглу и д-р Енис Огуз. Учество во организација и партиципација на меѓународна работилница: „Периферна артериска болест, предизвици и третман“, со главен едукациски инструктор д-р Ара Угурлуоглу, Мецицински Универзитет Парацелзус – Салцбург Австрија, во Охрид 18.12.2015. Професионален ангажман: ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања - Охрид, специјализант по кардиологија. Наша цел е да ги активираме, а потоа и поврземе докторите по медицина и стоматологија од Р.Македонија. Само со Ваша помош и вклучување, можеме да направиме оваа веб-страна да стане вистински форум на здравјето и место кое сите доктори во државава ќе го чувствуваат како свое.