Пластична хирургија – силиконски гради

0

Силиконските импланти се меки и не можат да се откријат со допирање или притискање на градите.

Градите се симетрични парни органи кои се наоѓаат на предниот дел на градниот кош. Нивната форма и функција се одраз на сексуалната ориентација и на тој начин придонесуваат за естетскиот, емоционалниот и психолошкиот идентитет на жената.

Големината и обликот на градите зависи од количината на жлездено и масно ткиво во нив. Со текот на времето, овие фактори се менуваат со стареење, бременост или доење. Исто така, се менува и кожата на дојката во смисла на губење на еластичност, појава на стрии, со што значително се влијае на изгледот.

Различни методи на пластичната хирургија успешно го задржуваат и враќаат младешкиот изглед, што придонесува за поубав изглед на секоја жена. Еден од хируршките методи е, секако, зголемување (силиконски гради) и корекција на положбата на дојките со користење на силиконски импланти.

Избор на имплантот и индикации за операција

Силиконските импланти се направени од творба која е исполнета со желатинозна или течна содржина од силиконско потекло. Денес се користат и силиконски импланти каде наместо силиконски гел (желатин), се наполнети со физиолошки раствор (солена вода).

Изборот на имплантот зависи од конституцијата на пациентот и саканиот облик на градите. Силиконските импланти се меки и не можат да се откријат со допирање или притискање на градите. Дојките истовремено ја задржуваат својата напнатост и нормалната мобилност. Исто така, важно е да се напомене дека по интервенцијата можат слободно да се изведуваат сите медицински испитувања, бидејќи имплантот е под млечните жлезди и под градните мускули.

Оперативните индикации се различни, од неразвиени и мали гради, асиметрија, вродени аномалии на дојките итн. Возраста на пациентката за оваа постапка треба да е над 18 години (за помлада возраст потребна е писмена согласност од родител), по целосниот развој на градите.

Операцијата може да го корегира обемот, формата и положбата на градите. За добар резултат потребни се соодветни протези по форма и димензии, како и дополнителна манипулација на постоечкото ткиво за да се потенцираат одредени области и детали во согласност со желбите на пациентката.

Поставување на силикони

Потребно е пред операцијата да се направат испитувања, како: крвна слика, други лабораториски анализи (гликоза, уреа, креатинин, натриум, калиум), коагулациони фактори (PT, ПТТ и INR), електрокардиографија, РТГ снимање на граден кош (над 45 години) итн. Оние пациентки кај кои постојат хронични заболувања (хипертензија, дијабетес, астма) треба да се консултираат со своите лекари предоперативно, како и за секоја промена на терапијата.

Апсолутни контраиндикации за оваа операција нема. Операцијата се изведува под општа или со локална анестезија со седација.

4-5 цм долг рез е доволен за вршење на операцијата. Резот може да се прави под пазувите, под дојката или кружно околу брадавицата. Аксиларниот пристап е естетски најдобар, но сепак, индивидуално се одредува кој пристап е најдобро решение во секој случај. Имплантот се поставува над или под мускулите, а зависи од обликот и големината на постоечките гради, се со цел млечните жлезди не бидат засегнати.

Постоперативен период, компликации од операцијата

По операцијата е можна минлива неосетливост на брадавицата, благ оток и чувство на напнатост, кои обично исчезнуваат по 1-2 недели. Се препорачува домашна нега и боледување од 7-10 дена. Потоа пациентките може да продолжат со својот нормален живот и професионални активности.

Во постоперативниот период треба да се избегнуваат потешки физички активности и кревање на тешки предмети. По 6-8 недели, пациентките можат да се вратат и на спортските активности.

Реакцијата на организмот кон имплантот како туѓо тело, односно негово отфрлање, е многу ретка, речиси занемарлива. Можна е блага реакција што резултира со создавање на тенка фиброзна мембрана како природна бариера околу имплантот. Многу ретко се манифестира како силен инфламаторен одговор и формирање на цврста фиброзна капсула. Главните компликации т.н. стврднување на дојката (формирање капсула) може да се случат по неколку месеци или години, но нема правила. Најретко може да се случи т.н. капсуларна контрактура, што е причина за отстранување на капсулата и замена на имплантот.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Анџела Витанова
Анџела Витанова е родена на 03.08.1987 во Скопје. Средно образование завршува во ДСМУ „Д-р Панче Караѓозов“ со одличен успех и се здобива со диплома медицинска сестра-техничар. Поради големата љубов кон медицината во 2006 година своето образование го продолжува на Медицинскиот факултет во Скопје, отсек општа медицина. Поради покажаните успеси во тек на студиите се здобива со државна стипендија, а подоцна и приватна стипендија. Учесник е на многубројни проекти, презентации и други активности поврзани со медицината, се здобива со бројни сертификати за конгреси и размена на студенти. Во август 2011 година успешно завршува со положување на испитите, со просек 9.3. Моментално е стажант на Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје. Своето практично искуство го стекнува во тек на студирањето и стажирањето на: Клинички центар во Скопје - интерни клиники, клиника за инфективни болести, хируршки клиники, клиника по гинекологија и акушерство, психијатрија; Институт по фармакологија и институт по микробиологија; Институт по трудова медицина на Р.М.; Градска општа болница „8-ми Септември” - оддел дигестивна хирургија; Клиника по општи хируршки болести „Св.Наум Охридски”. Посебен афинитет покажува кон хирургија и гинекологија и планира и понатамошна едукација во тој смер. Чест е да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Ова е сајт кој овозможува да се едуцираме, запознаеме со интересни теми од областа на медицината, фармакологијата, стоматологијата, психологијата, а со тоа да се превенираат или рано препознаат симптомите на различни заболувања, да се сочува и унапреди здравјето. Се надевам дека и моите статии ќе бидат интересни, како и останатите, и дека ќе допринесат во подигнувањето на здравствената свест.