Непријатен здив од устата

0
10

Денеска стравот од непријатниот здив од устата е на трето место од причините за посета на стоматолог, веднаш по кариесот и парадонтопатијата на забите.

стравот од непријатниот здив од устата е на трето место од причините за посета на стоматолог, веднаш по кариесот и парадонтопатијата на забите.

Продавниците се полни со разни производи кои можат да го отстранат непријатниот здив од устата, но за жал само привремено. Научните испитувања покажале дека самостојната употреба на овие производи е помалку ефикасна од плакнење на устата со вода по миење на забите со четкица и паста за заби.

Непријатниот здив може да биде привремен, кој најчесто настанува после јадење и се отстранува со миење на забите, употреба на забен конец или вода за промивање на забите, и траен кој најчесто е предизвикан од метаболитички пореметувања или одредени типови на бактерии.

Причини за појава на непријатниот здив од устата

  • ФИЗИОЛОШКИ

Непријатниот мирис се јавува дискретно, а интензитетот е варијабилен и зависи од периодот на денот. Наутро е поинтензивен, во староста се зголемува со годините и се јавува при глад кај некој особи.

  • ОРАЛНИ

Непријатниот мирис се јавува како резултат на лоша орална хигиена, заби зафатени со кариес, лошо лечена или нелечена пародонтопатија, улцерозни (рани) заболувања во усната шуплина итн. Со неодржување на адекватна орална хигиена (секојдневно миење на заби и употреба на забен конец), остатоци од храната остануваат во устата и претставуваат добра храна за бактериите кои ја разградуваат ослободувајќи материи со непријатен мирис, како што е водород–сулфид, диметасулфид, идол, скатол и сл.

Забниот плак ако не се отстранува редовно, доведува до запаление на непцето – гингвитис и појава на пародонтопатија која уште повеќе го продлабочува проблемот со непријатниот здив во устата. Најновите истражувања потврдуваат дека микроорганизмите – бактериите кои живеат во пародонталните џебови во голема мера се одговорни за непријатниот здив во устата кај особи кои боледуваат од пародонтопатија.

  • ПРИ ОРАЛНИ ХИРУШКИ ИНТЕРВЕНЦИИ

Непријатен здив се јавува во текот на зараснување на раните.

  • КСЕРОСТОМИЈА (Сува уста)

Плунката ја влажни и чисти усната шуплина. Во усната шуплина постојано е присутен процесот на изумирање на површинските клетки на слузокожата и нивно обновување со нови. Мртвите клетки најмногу се акумулираат на горната страна на јазикот и на непцето – гингивата. Со распаѓањето на овие клетки се ствара непријатен мирис во устата. Во текот на сонот физиолошки се лачи помалку плунка што е причина да се јави „утрински здив “ од устата кој е повеќе потенциран ако особата спие со отворена уста. Исто така пушењето или употреба на некои лекови доведуваат до намалување на лачењето на плунката.

  • ЕКСТРАОРАЛНИ ПРИЧИНИ

Непријатен здив со потекло надвор од усната шуплина. Здивот од ова потекло се смета за „вистински“ здив, се јавува многу поретко од оралните причини и не поминува по санација на истите. Најчесто е последица на:

– Заболувања на горните и долните дишни патишта (инфекција на синуси, воспаление на крајници, бронхити или заболувања на плунката);

– Заболувања на дигестивниот тракт (желудечна киселина, проширување на желудник);

– Дехидратација на организмот;

– Општи заболувања (дијабетес, бубрежни заболувања, заболувања на црниот дроб). Бидејќи овие состојби се ретки, особата која има непријатен здив не треба да заклучи дека болува од овие тешки заболувања;

-Внесување на одредена храна која содржи испарливи масла како што се лук, кромид, црни вина, некои сирења, риба, алкохол и сл. Откако ќе се свари храната миризливите материи од нив се ресорбираат во крвотокот и преку белите дробови се исфрлаат надвор од организмот. Овој здив не е со потекло од усната шуплина, туку од издишаниот воздух, затоа и по миењето на забите овој мирис се чувствува се додека не се исфрли од организмот;

– Пушење. Пушењето ја поттикнува сувоста на устата и претставува фактор на ризик за развој на пародонтопатија која сама по себе го влошува проблемот со непријатниот здив во устата;

– Тешки диети. Тешките неконтролирани диети можат да развијат непријатен здив од устата.

Тешко е самостојно да се утврди постоење на лош здив

Научниците сметаат дека особата тешко може да процени постоење на непријатен здив од устата кај себе си поради адаптацијата на чулата за мирис. Затоа најдобро е да се праша за мислење блиска особа во семејството или близок пријател. Постојат неколку популарни методи за да откриете сами дали имате непријатен мирис во устата. Една од нив е да го лизнете зглобот на раката, да почекате да се исуши и да помирисате или на пластична ќеса да се оттргнат наслагите од јазикот, да почекате да се исуши и да помирисате. Сепак, најчесто користено и најсигурно е мислењето на близок пријател.

Како да се отстрани непријатниот здив од устата?

  • Миење на забите по јадење со четкица и паста за заби;
  • Да се користи конец за заби најмалку еднаш дневно;
  • Да се четка јазикот во текот на миење на забите 10–15 пати, со мека четка да се премине преку јазикот за да се отстранат остатоците од храна и мртви ќелии од јазикот;
  • Промена на четката за заби на секои 3–4 месеци;
  • Особи кои носат забни протези мораат да обрнат посебно внимание на одржување на хигиената на забните протези;
  • Особи кои болуваат од Ксеростомија (сува уста) треба да консумираат доволна количина на вода, да користат незашеќерена лимонада, да користат гуми за џвакање и бонбони кои стимулираат лачење на плунка, а во случај на тежок степен на заболувањето да користат вештачка плунка или одредени лекови кои ќе ги препорача стоматолог;
  • Да се оди на редовни контроли кај стоматолог, најмалку 2 пати годишно.

Непријатниот здив се отстранува во најголем број на случаи со одржување на добра орална хигиена. Ако нема резултат потребно е да се посети стоматолог кој ќе спроведе соодветна терапија за исклучување на сите орални причини за оваа појава и ќе ги спроведе сите дополнителни специјалистички испитувања од другите гранки на медицината.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-