Проширени вени (варикси) на долни екстремитети

0

Вариксите на долните екстремитети, кои уште се нарекуваат проширени вени, варикоза, варикозен синдром или варикозна болест, претставуваат заболување кое се манифестира со нерамномерно проширување и змијовидно набрчкување на поткожните вени на нозете. Најчесто засегната е женската популација (под влијание на женските полови хормони).

Етиопатогенеза

Етиолошки фактор за појава на варикоза е генетско определена слабост на ѕидовите на венските садови, кои постепено ја изменуваат структурата и ја губат својата еластичност. Притоа се појавува слабост на венските валвули (клапи) и се развива венски рефлукс, доаѓа до варикоза на површинските и перфорантните вени. Ова заболување најчесто е комбинирано со хернии, хемороиди и/или рамни стапала. Во патогенезата на вариксите значајна улога имаат и други фактори: бременост (компресија на пелвичните вени) или професионално оптоварување кое се должи на продолжителна работа во стоечка положба.

Клинички симптоми

Ова заболување е хронично и прогресивно. При мали почетни варикси (varici incipiens) нема изразени симптоми. Понекогаш кај спортисти или жени со тенка кожа, нормалните, но појасно изразени субдермални вени со дијаметар под 4мм, кои не се папират (ретикуларни вени – reticular veins), неправилно се сметаат за варикси. Постојат и посебни варијанти на почетна варикоза, кои се изразени со интрадермални дилатации на венули и мали вени – телеангиектазии со „пајаковидна“ форма (spider veins) или „метловидни” (hypen veins).

Типични за примарната варикоза се дилатираните и набрчкани варикозни вени со дијаметар над 4мм кои што се палпират. Тие се распространети поединечно или во групи околу централна вена, која обично комуницира со длабокиот венски систем (перфорантна вена).

Во подоцнежниот стадиум вариксите опфаќаат поголем дел од долните екстремитети – varices permagna; и образуваат помеѓу себе конфлуирачки пакети.

При инсуфиенција на клапите во луменот на сафенските или во деловите на перфорантните вени на Дод, Кокет, Бојд, Меј и Хантер, можат да се образуваат венски варикси. Во почетокот заболувањето е без симптоми (компензирани варикси). Постепено, во зависност од професионалниот режим на пациентите и други фактори, се стигнува до симптоми на чувство на тежина на нозете на крајот од работниот ден, грчеви преку ноќта, болки во областа на најизразената веностаза (субкомпензирни варикси – II стадиум). При најтешките случаи кон наброените симптоми се појавуват и парамалеоларен оток (се појавува при работа, а исчезнува при одмор), ограничена кафеава пигментација и/или ограничен дерматит. Овие симптомите се израз на декомпензирани варикси (III стадиум).

Дијагноза

Дијагнозата се поставува со следните тестови:

  • Проба на Тренделенбург – Во легната положба ногата која се прегледува се подигнува нагоре до испразнување на v.saphena magna. Се поставува есмарх дистално од луменот, болниот се исправува и се отстранува есмархот. Пробата е позитивна и покажува инсуфициенција на клапите во луменот на v.saphena magna ако вената се исполни веднаш од горе на долу – венски рефлукс.
  • Проба на Шварц – Со брановидна палпација врз проксимален сегмент на вената се достигнува до периферниот нејзин крај. Тоа е доказ за инсуфициенција на клапите на варикозните вени.
  • Проба на Делбе-Пертес (маршова проба) – На пацентот, во исправена положба, се поставува есмарх проксимално од вариксите, и на тој начин се блокира венскиот тек по површинските вени. Во период од 1-2 минути пациентот се раздвижува. Пробата е позитивна ако вариксите се намалат значително или изчезнат. Тоа е доказ за суфициентни перфорантни вени и прооден длабок венски систем.

Во текот на прегледот, пациентот се набљудува за флебити (перифлебити) или отоци (симетрично мерење на циркумференцијата на екстримитетите). На типичните места за перфораторни вени се проверува симптомот „копче за ѕвонење”, при кое прстот од докторот пропаѓа во зоната на инсуфициентната перфорантна вена (ограничена атрофија на поткожно ткиво, предизвикана од локална хипоксија).

Инструментални дијагностички методи

  • Доплер-ултрасонографија – Златен стандард. Неинвазивен метод кој дава информација за инсуфициенција на клапите на површинските вени, проодноста на магистралните длабоки вени, инсуфициенција на перфорантните вени, присуство на артерио-венски комуникации и.т.н.
  • Флебографија – Рентген-контрастно иследување со голема веродостојност, со помош на кое може да се прикаже венскиот систем. Методот е инвазивен и со извесни ризици (алергиски реакции) поради кои се употребува само при некои диференцијално-дијагностички проблеми.
  • Флеботонометрија – статична и динамична.

Диференцијална дијагноза

Најчесто се мисли на вродени срцеви аномалии, пост-тромбофлебитен синдром или пост-трауматски венски лезии. Дијагнозата е од големо значење за правилна терапија, која се разликува значително кај примарна и секундарна варикоза. Не треба да се заборава дека и придружните заболувања на вариксите – рамни стапала, спондило-артроза и др., можат да доведат до слична симптоматика, која насочува погрешно кон оперативна интервенција.

Компликации при варикозни вени

Површинскиот тромбофлебит (варикофлебит) е најчестата компликација на примарната варикоза (забавен крвоток, промена на венските ѕидови). Друга компликација, која обично настанува при траума, е крварење од варикозен јазол.

Терапија

  • Конзервативен третман: Елевација на екстремитетот, носење на компресиони чорапи, диосмин/хесперидин(и други флавоноиди), анти-инфламаторни лекови (ацетилсалицилна киселина и ибупрофен).
  • Активен третман

Активниот третман може да биде нехируршки и хируршки.

Во нехируршки методи спаѓаат ендовенската радиофреквентна аблација и склеротерапијата.

За хируршки методи се сметаат: стрипингот, амбулантската флебектомија, лигатура на вените и криохирургијата.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-
Д-р Ангела Златковска
Д-р Ангела Златковска е родена на 13.03.1986. Високо образование завршува на Медицински универзитет Пловдив, Република Бугарија, со што се здобива со титулата доктор на медицина. Дипломира со висок просек, при што е наградена со златен орден и пофалница за одличен дипломиран доктор. Има учествувано на многу семинари и конгреси. Од посетата на повеќе обуки се има стекнато со пофалници и сертификати. Специјализант е по интерна медицина и асистент во Универзитетската клиника во Баден - Вуртемберг, во рамките на Универзитетот Хајделберг - Германија. За Доктори.мк Живееме во време кога медицината од момент во момент се повеќе се развива, како на полето на дијагностиката, така и на полето на лекувањето. Доктори.мк е идеално место каде што ние докторите од различни области на медицината можеме да споделуваме наши искуства, знаења и новости од областа на медицината и на тој начин да ги едуцираме граѓаните - нашите пациенти. Навистина ми е чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, кој од ден на ден се повеќе се зголемува.