Пелвична воспалителна болест (ПВБ)

0

Сексуално преносливи болести – Втор дел

Пелвичната воспалителна болест опфаќа воспаленија со различна локализација во женските полови органи: ендоцервицит, ендометрит, салпингит, параметрит, оофорит, пелвеоперитонит. Оваа нозолошка единица е прифатена меѓу гинeколозите во целиот свет поради следните причини:

1. Многу ретко воспалителниот процес има само една локализација. Во практиката едновремено или последователно се засегаат различни делови од женските полови органи.

2. Ова е најчеста болест во гинекологијата.

3. Пелвичната воспалителна болест има тенденција да стане хронична.

4. Има многу тешки последици врз репродуктивната способност на жената.

ПВБ е болест на младите, сексуално активни жени во репродуктивна возраст. Група со најголем ризик се жени од 15-39 години. Околу 75% се жени до 25 години, 50% жени под 20год. Засилената сексуална активност и склоноста кон менување на повеќе сексуални партнери го зголемува ризикот.

Етиологија

ПВБ најчесто се предизвикува од 2 вида инфекции – егзогени и ендогени.

Егзогените инфекции најчесто се предизвикани од микроорганизми кои нормално не се среќаваат во половите органи. Тие достигнуваат во човечкиот организам при сексуални контакти и многу ретко при дијагностички и терапевтски манипулации. Најчести инфекции од оваа група се хламидијаза и гонореа. Во 25% од случаите овие две инфекции се комбинирани.

Ендогените инфекции се полимикробни. Овој вид инфекција се предизвикува од условно патогени микроорганизми кои ги има макар и во мало количесто во вагиналната биоценоза. Ова се однесува на цревната аеробна и анаеробна флора, која навлегува во вагината по соседство од анусот. При нормални услови количеството на оваа флора е мало, бидејќи нивното размножување се потиснува од киселата реакција на вагината. Но, при определени услови (намален имунитет, имуносупресија, употреба на перорална контрацепција и др.) се создаваат услови за нивно брзо размножување кое предизвикува воспалителен процес. Многу поретки причинители можат да бидат Mycobacterium tuberculosis и Actinomyces israelli.

Патишта на распространување

Патиштата на распространување на инфекцијата се следните:

  • Асцендентен пат:

Интраканаликуларно – од вагината, преку цервикалниот канал и матката по ендосалпингсот кон пелвичниот перитонеум. По овој пат најчесто се распространуваат гонококите, хламидиите и др.;

Инфекција распространета по лимфен пат.

  • Десцендентен пат:

При остар и особено перфоративен апендицит, перитифлит, дивертикулит, перитонит и др., аднексите се инфектираат десцендентно од соседството.

  • Хематоген (крвен) пат

ПВБ предизвикана од Neisseria gonorrhoeae

Инкубациониот период е од 3-10 денови. Причинителот на оваа инфекција се размножува многу брзо – за околу 15 мин. Гонореата кај жената е многу жаришна инфекција. Може да биде горна и долна гонореа.

Долна гонореа – При полов контакт со заразен партнер се населуваат во 90% во уретрата и 80% во ендоцервиксот. Тоа е првичната локализација на инфекцијата кај жената. Од таму подоцна се засегаат и другите делови од женските полови органи. При орогенитални контакти се забележуваат како гонороичен фарингит. Долната гонореа претставува голема опасност од асцендирање на инфекцијата и предизвикување на ПВБ.

Горна гонореа – Во 20% од случаите спонтано или под влијание на провоцирани моменти, инфекцијата асцендира и предизвикува ендометрит, ендосалпингит, салпингооофорит и пелвеоперитонит. Како можни причини за асцендирање на инфекцијата се: менструација, полови контакт, трихомонален колпит, при манипулации (поставување на спирала, абразија, абортус и др.) и пуерпериум.

Клинички симптоми – Клиничките симптоми и кај двете форми се многу различни.

Долната гонореа најчесто се изразува како акутен или хроничен уретрит, ендоцервицит, бартолинит и многу ретко како проктит. Во околу 80% од пациентите инфекцијата се развива субклинички со минимални симптоми – малку засилен вагинален секрет, лесна дизурија (отежнато мокрење). Најчесто се открива при случајно микробиолошко испитување и гинеколошки преглед, како и при анамнеза на заразен сексуален партнер.

Горната гонореа најчесто протекува со тешки клинички симптоми на акутен ендометрит, аднексит и пелвеоперитонит:

  • Болка;
  • Гадење, повраќање, дијареа;
  • Палпаторна болка и позитивен знак на Блумберг;
  • Висока температура;
  • Гноен вагинален секрет;
  • Нарушување на менструалниот циклус (менорагија и метрорагија);
  • Леукоцитоза и покачена седиментација.

Сите симптоми многу брзо намалуваат по започнувањето на терапијата со антибиотици.

Компликации – Најчести комликации се тубарен стерилитет, вонматерична бременост, хронични болки, болки во зглобовите.

Терапија – Пациентките кај кои нема компликации се лекуваат со антибиотици, а оние кај кои веќе има комликации, се лекуваат болнички и со антибиотици. Најчести антибиотици кои се користат при терапијата се Azithromycin, Doxycyclin, Tetracycline и др. За да се избегне повторна сексуална зараза, се препорачува и двата сексуални партнера да се лекуваат истовремено.

ПВБ предизвикана од Chlamydia trachomatis

Инкубациониот период е од 7-14 денови. И при оваа ПВБ има две форми на инфекцијата: горна и долна хламидијаза.

Клинички симптоми:

При долна хламидијаза, воспалителниот процес ги опфаќа ендоцервиксот и уретрата. Инфекцијата протекува субклинички. Субјективните симптоми се: зголемено количество вагинален секрет и поретко дизурија (отежнато мокрење). Објективно, само со колпоскоп може да се забележи оток и зацрвенет ендоцервикален епител, како и гнојни „нишки” и гноен секрет. Оваа бессимптоматска инфекција може да перзистира со месеци, па при случаен гинеколошки преглед или при анамнеза на болна со уретрит да се открие. Во низа различни состојби (менструација, сексуален контакт, манипулации, поставување на спирала и др.) може да се предизвика асцендентна инфекција.

Горна хламидијаза (ендометрит, катарален ендосалпинит) – исто така протекува со лесни симптоми. Ендометритот е изразен со менорагија, интерменструално крварење или метрорагија. Други симптоми се: силна болка, палпаторна болка, позитивен симптом на Блумберг, висока температура, леукоцитоза и зголемена седиментација.

Компликации – епидидимит, простатит, стерилитет, болки во зглобовите, ендокардит, вонматерична бременост, предвремено породување, интранатална инфекција на новороденото, конјуктивит и пневмонија кај бебето, синдром на Reiter (уретрит, конјуктивит и артрит).

Терапија – Лекувањето е со антибиотици со широк спектар. Најчесто се употребуваат Doxycyclin, Tetracycline и Erythromycin, а при потешки случаи се употребува комбинација од Clindamycin и Gentamicin и др. За да се избегне повторна зараза, се препорачува и двата сексуални партнери да се лекуваат едновремено.

Генитална актиномикоза

Причинител на оваа инфекција е Actinomyces israelli. Оваа бактерија е сапрофит во устата, желудникот и цревата на човекот. Во вагината актиномицетите навлегуваат при ректо-вагинална контаминација (вагиноректален полов однос) или при орогенитален контакт. Обично тие многу брзо се елиминират од вагиналната флора.

Клинички симптоми – Воспалителниот процес е хроничен, има пелвични болки, висока температура, леукоцитоза, зголемена седиментација, палпаторно се напипува туморовидна формација.

Терапија – оперативна, со или без тотална хистеректомија. После операцијата се продолжува со терапија со антибиотици.

Профилакса – Не треба да се поставуваат спирали кај девојки кои уште немаат родено. Жените кои имаат спирала треба да прават редовни гинеколошки прегледи, а спиралата треба да се менува редовно, во зависност од рокот на употреба.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ангела Златковска
Д-р Ангела Златковска е родена на 13.03.1986. Високо образование завршува на Медицински универзитет Пловдив, Република Бугарија, со што се здобива со титулата доктор на медицина. Дипломира со висок просек, при што е наградена со златен орден и пофалница за одличен дипломиран доктор. Има учествувано на многу семинари и конгреси. Од посетата на повеќе обуки се има стекнато со пофалници и сертификати. Специјализант е по интерна медицина и асистент во Универзитетската клиника во Баден - Вуртемберг, во рамките на Универзитетот Хајделберг - Германија. За Доктори.мк Живееме во време кога медицината од момент во момент се повеќе се развива, како на полето на дијагностиката, така и на полето на лекувањето. Доктори.мк е идеално место каде што ние докторите од различни области на медицината можеме да споделуваме наши искуства, знаења и новости од областа на медицината и на тој начин да ги едуцираме граѓаните - нашите пациенти. Навистина ми е чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, кој од ден на ден се повеќе се зголемува.