Ендометриоза – симптоми и лекување

0

Ендометриозата е заболување кое во последно време се почесто е застапено во гинеколошките клиники, но благодарение на професионално обучениот кадар е точно дијагностицирано  и соодветно третирано.

За да ја разбереме суштината на ова заболување потребно е најпрво да се објасни што е ендометриум и кои се неговите функции.

Ендометриумот ја претставува слузницата односно лигавицата на матката. Со други зборови тоа е најповршинскиот дел (првиот слој) на матката кој е во сооднос со шуплината на матката. Како дополнение, ѕидот на матката има уште два слоја и тоа: миометриум, кој го претставува мускулниот дел на матката односно делот што се наоѓа веднаш над ендометриумот и периметриум односно делот што го покрива телото на матката однаднвор и се наоѓа веднаш над миометриумот.

Според тоа може да заклучиме дека зидот на матката е составен од три слоја однадвор кон внатре: периметриум, миометриум и ендометриум.

Функционално гледано, ендометриумот е дел од ѕидот на матката во кој секој менструален циклус се одвива нормално.

Дефиниција

Од досега кажаното конечно може да ја изнесеме и дефиницијата за тоа што е ендометриоза. Тоа е патолошка состојба при која ендометријалниот слој од ѕидот на матката е застапен и на други места во организмот на жената за кои тоа не е вообичаено. Според тоа присуството на ендометриум надвор од матката е состојба  која се нарекува ендометриоза. Вон маткиниот – ектопичен ендометриум по својата застапеност, најчесто се сретнува во јајниците (во 50% од случаите), а може да се најде и во грлото на матката, вагината, вулвата, ректумот, перитонеумот на малата карлица, тенкото црево, на лузните направени по оперативни интервенции како што се лапаратомијата и епизиотомијата.

Етиологија

За причините од каде потекнува и како настанува ендометриозата, постојат повеќе теории кои биле долги години испитувани, а некои и експериментално докажани. Тоа се:

  1. Теоријата на трансплантација
  2. Теоријата на метаплазија
  3. Лимфогената теорија
  4. Хематогената теорија

1. Самсоновата теорија или уште наречена теорија на трансплантација на ендометријалните огништа, датира од 1921 година и воедно е првата протолкувана. Според неа ендометријалните огништа во перитонеалната празнина настануваат како резултат на регургитација на менструалната крв низ јајцеводите,при што делови од ендометриумот пркеу крвта биваат пренесени во перитонеумот и малата карлица. Таму овие жаришта на ендометриумот продолжуваат да се развиваат под дејство на хормоните што се секретираат од јајниците – естрогенот и прогестеронот.

2. Маер и Новак исто така се обиделе да ја објаснат причината за настанување на ова заболување во перитонеалната празнина по пат на метаплазија – трансфомрација на клетките од перитонеумот на малата карлица во ендометријални огништа.

3. Според Халбан можноста за настанување на оваа патолошка состојба е преку лимфогено ширење на ендометријалните огништа. Тие на тој начин преку лимфните садови се пренесуваат до другите органи каде се вгнездуваат. Во прилог на оваа теорија е и доста честиот наод на ендометриум во регионалните лимфни жлезди.

4. Како последна е хематогената теорија, според која ендометријалните огништа се пренесуваат преку крвните садови.

Патологија

Макроскопскиот изгледна овие огништа  зависи од нивната локализација, големина и број. Во суштина тие се мали темно-сини зрнца или цисти на површината на јајниците, исполненени со заматена течност со чоколадна боја. Големината на цистите може да варира, па во некои случаи тие може да достигнат и димензии на портокал.

Како заболување се јавува од периодот на пубертет до периодот на климактериум, но најчесто е застапена во периодот што се наоѓа помеѓу овие два, а тоа е периодот на полна зрелост или генеративниот период. Карактеристика на ова заболување е тоа што менструалниот циклус по свој автоматизам протекува како во нормални услови во ендометриумот на матката, така и во ендометријалните огништа било каде во организмот. Поради тоа се јавува крварење што последователно доведува до појава на болка.

Клиничка слика

Од симптоматологијата на ова заболување, често жените имаат болни менструации, метрорагија – нерегулирани крварења кои одстапуваат од нормалните менструални циклуси,  менорагија – обилни крварења кои траат подолго од нормалните, болки во долниот дел на абдоменот, опстипација, болки при дефекација, диспареунија – болки кои се јавуваат во текот на половиот однос или после него итн. Доколку ендометриозата е локализирана на тенкото црево, таа може да предизвика сраснување на ендометријалните огништа со цревните вијуги, па дури и сраснување на самите цревни вијуги помеѓу себе, а со тоа да предизвика непотполна опструкција на цревниот лумен – состојба на субилеус. Посебен тип на ендометриоза е состојбата при која ендометријалните огништа продираат во миометриумот – мускулниот дел од ѕидот на матката. Оваа појава се нарекува аденомиоза и е поврзана со фактот дека овој патолошки процес се јавува и во климактериумот. Со други зборови се јавува кај жени кои во текот на својот живот веќе имале неколку раѓања односно жени кои се во четвртата декада од својот живот.

Дијагноза

Дијагнозата на ова заболување се поставува преку анамнеза, гинеколошки преглед,  утразвучен преглед и при лапароскопија, а дефинитивно може да биде потврдена само при микроскопски преглед на материјалот добиен од операција.

Ендометриозата како патолошка состојба може да биде поделена и на неколку стадиуми:

  • Нулта стадиум– кога таа се јавува поради диспареунија.
  • Прв стадиум– кога таа е ограничена на перитонеумот на половите органи и е без прирастоци.
  • Втор стадиум– кога постојат помали ендометријални цисти и помалку прирастоци.
  • Трет стадиум– кога ендометријалната циста има дијаметар> 5 цм, постојат поголеми прирастоци и задебелувања на сакроутерините лигаменти.
  • Четврт стадиум– состојбата е идентична како во третиот стадиум, со дополнително присуство на ендометријалните огништа вон гениталните органи.

Терапија

Терапијата е базирана според тоа во кој стадиум на болеста се наоѓа жената. Имено првиот и вториот стадиум се лекуваат медикаментозно со аналгетици и седативи. Останатите стадиуми имаат неопходност од оперативна интервенција (лапаротомија или лапароскопија). Во втор стадиум се раскинуваат прирастоците, во трет покрај тоа се одстрануваат и цистите на јајниците и воедно тоа е најконзервативен пристап на една ваква оперативна интервенција. Во четвртиот стадиум се отстрануваат јајниците со јајцеводите, цревата и други органи зависно од проширеноста на лезијата.

Од поновите тераписки методи се препорачува за 2, 3 и 4 стадиум, хормонско лекување преку кое ќе се избегнува овулацијата, а со тоа ќе се спречат цикличните промени на ендометриумот и појавата на менструација. На тој начин се намалуваат и атрофираат ендометријалните жаришта. Таква хормонска терапија се постигнува со помош на: оралните контрацептивни средства, гестагените, Даназалом и Гестриномом со континуирана употреба во тек на 9 месеци.

Превенција

Превенцијата на оваа болест произлегува од податокот дека таа се јавува најчесто во генеративниот период – периодот на полната зрелост кога жената и мажот треба да планираат семејство. За тоа говори фактот дека ендометриозата најчесто се дијагностицира кај девојки што не стапиле во брак, кај жени кои не раѓале и  жени кои се постари од 30 години. Според тоа за превенција на болеста се препорачува порано стапување во брак и порано раѓање. За превенирање на оваа состојба од голема важност е и фактот дека ендометриозата во 75% од случаите е придружена со стерилитет.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Александар Милосавлевиќ
Д-р Александар Милосављевиќ е роден на 09.10.1989 во Скопје. 1996-2004 ОУ “Љубен Лапе” – Скопје. 2004-2008 ДСУ “Марија Кири Склодовска” – Скопје. 2008-2014 Медицински Факултет – Скопје. 2011 Волонтер во Хируршката Клиника “Св.Наум Охридски” во Скопје на одделот за Урологија. 2012 Волонтер на КАРИЛ во клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје. 2014 Волонтер на Институтот по Клиничка Фармакологија и Токсикологија во Скопје. 2013-2014 Стажирање во клинички центар “Мајка Тереза” и Хируршката клиника “Св.Наум Охридски” – Скопје. 2009 Учество на симпозиумот “Новости во Педијатрија” во Скопје. 2012 Учество на 36-от Интернационален медицински научен конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид. 2011-12 Добива државна стипендија. 2012-14 Добива приватна стипендија од фондацијата “Трајче Мукаетов” – Алкалоид. ЈАЗИЦИ Српско-хрватски, англиски и моментално изучување на германски. СТРУЧНИ ИНТЕРЕСИ Кардиологија, Неврологија, Неврохирургија, Психијатрија и Клиничка Фармакологија. Александар за Доктори: Мило ми е што ја имам честа да бидам дел од Доктори.мк, еден прекрасен портал кој овозможува да се едуцираме, доучуваме и осознаваме различни видови информации од областа на медицината, стоматологијата, фармакологијата и психологијата. Порталот го има тој потенцијал да ја подигне свеста кај народот за осознавање и спречување на разни видови болести, а со тоа да има подобрување на здравјето и унапредување на животот. Се надевам дека и моите статии ќе придонесат во остварувањето на тој потенцијал.