Миокардитис – воспаление на срцевиот мускул

0

Миокардитот претставува воспаление на срцевиот мускул кое се каракетеризира со жаришни или дифузни инфилтрати на воспалителни клетки во интерстициумот и во периваскуларното ткиво проследено со дегенарција или некроза на миокардот.

Кој го предизвикува ова воспаление ?

Миокардитисот може да биде предизвикан од инфективни и неинфективни агенси, но најчесто е предизвикан од вирусите, особено ентеровирусите. Посебно треба да се издвојат Coxsackie вирусите и тоа:

  • Coxsackie B тип 2-5 (во повеќе од 50% од случаите);
  • Coxackie A тип 4 и 16;
  • Eховирусите тип 9, 11 и 22;
  • Цитомегаловирусот (во поново време).

Како настанува ова воспаление ?

Постојат 3 начини:

  • Директно дејство на вирусот врз миокардот;
  • Со дејство на токсините (дифтериски миокардитис);
  • Автоимуно дејство (по вирусна инфекција, ревматско воспаление, колагеноза итн).

Како се манифестира болеста ?

Во повеќето случаи е асимптоматски, а релативно често се добиваат анамнестички податоци за претходна вироза. Почетно се јавуваат класичните симптоми на системска вирусна инфекција: замор, повраќање, пролив, артралгии, кашлица, кивавица, кожен осип, а исклучително важно за дијагностицирање на оваа состојба е да се добие информација за постоење на мијалгии како и ненадејна појава на аримтии кај дотогаш сосема здрави лица.

По 7-10 дена од манифестирањето на општите симптоми, клиничката слика на миокардитисот станува јасна. Па така болните се жалат на замор, отежнато дишење при напор, неподносливост на физичка активност, срцебиење, а понекогаш и на вртоглавици со последователна несвестица. Состојбата прогредира брзо и може да развие левосрцева слабост (во 25% од случаите). Покрај ова присутна е и покачена температура, срцето е зголемено и крвниот притисок е намален. Аускултаторно првиот тон е потивок, често постои галопен ритам како и систолен шум – митрална или трикуспидална функционална слабост. Според тоа може да се каже дека текот на болеста е варијабилен, односно таа може да биде асимптоматска, умерено тешка и фулминантна.

Како компликација може да се јават:

  •   Преткоморно – коморни аритмии;
  •   Тотален AV блок;
  •   Системски емболии;
  •   Конгестивна срцева слабост;
  •   Кардиоген шок;
  •   Ненадејна срцева смрт.

Како се дијагностицира оваа болест ?

За жал не постојат некои стандардни критериуми за дијагностицирање на оваа состојба, но сепак постојат одредени неинвазивни и инвазивни иследувања преку кои може да заклучиме дали станува збор за миокардит или не.

Лабораторија

  •   Леукоцитоза, еозинофилија, забрзана седиментација на еритроцитите и зглемена активнст на AST ALT, CK и LDH);
  •   Изолација на вирусот во култура на крв, урина, спутум, столица, плеврален или перикарден излив (7-14 ден – ран стадиум на болеста);
  •   Серолошки тестови (2-6 недела од почетокот на болеста);
  •   РВК и инхибиција на хемаглутинација;
  •   Хемокултура, AST, серологија на Токсоплазма итн.

ЕКГ

  •   Пречки во реполаризацијата (депресија на SТ сегментот и депресија на T бранот);
  •   Синусна тахикардија со можен тотален AV блок;
  •   Во потешки случаи елевација на ST со појава на патолошки Q бран.

РТГ – Постои намалено, нормално или зголемено срце (кардиомегалија).

Еходоплеркардиографија– Се забележува глобална хипокинезија на двете комори со растројство во контрактилноста.

Сцинтиграфија со галиум-67 или технициум 99-м-пирофосфат – При акутен миокардит има депозиција на изотопот во некротично-инфламираните подрачја.

Биопсија на ендомиокардот – според голем број случаи е златен стандард за конечен доказ на миокардитот.

Диференцијална дијагноза

  • Дилатациона кардиомиопатија;
  • Исхемична болест на срцето;
  • Валвуларни мани;
  • Миокарден инфаркт.

Како се лекува миокардитот?

Пред се е важно да се напомене дека како сериозна состојба, болеста треба да се лекува во болница, лекувањето е симптоматско и е насочено кон основните манифестации на болеста. Се препорачува:

  •   Мирување;
  •   Давање на антипиретици (Аспирин);
  •   Антиинфламаторни лекови;
  •   Кортикостероиди;
  •   Бета блокатори;
  •   Антибиотици;
  •   Профилактичка примена на хепарин;
  •   Трансплантација на срце (како последна опција).

Прогностички, миокардитот предизвикан од Coxackie вирусот е болест која може да даде комплетно заздравување без било какви последици. Останува надеж дека во иднина ќе се најдат антивирусни лекови кои соодветно ќе се употребуваат и ќе допринесат за излекување на оваа болест. Се смета дека  тоа би било изводливо преку стимулација на интерферонската продукција, бидејќи интерфероните заштитуваат од ефектите на вирусниот миокардит барем кај експерименталните животни.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Александар Милосавлевиќ
Д-р Александар Милосављевиќ е роден на 09.10.1989 во Скопје. 1996-2004 ОУ “Љубен Лапе” – Скопје. 2004-2008 ДСУ “Марија Кири Склодовска” – Скопје. 2008-2014 Медицински Факултет – Скопје. 2011 Волонтер во Хируршката Клиника “Св.Наум Охридски” во Скопје на одделот за Урологија. 2012 Волонтер на КАРИЛ во клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје. 2014 Волонтер на Институтот по Клиничка Фармакологија и Токсикологија во Скопје. 2013-2014 Стажирање во клинички центар “Мајка Тереза” и Хируршката клиника “Св.Наум Охридски” – Скопје. 2009 Учество на симпозиумот “Новости во Педијатрија” во Скопје. 2012 Учество на 36-от Интернационален медицински научен конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид. 2011-12 Добива државна стипендија. 2012-14 Добива приватна стипендија од фондацијата “Трајче Мукаетов” – Алкалоид. ЈАЗИЦИ Српско-хрватски, англиски и моментално изучување на германски. СТРУЧНИ ИНТЕРЕСИ Кардиологија, Неврологија, Неврохирургија, Психијатрија и Клиничка Фармакологија. Александар за Доктори: Мило ми е што ја имам честа да бидам дел од Доктори.мк, еден прекрасен портал кој овозможува да се едуцираме, доучуваме и осознаваме различни видови информации од областа на медицината, стоматологијата, фармакологијата и психологијата. Порталот го има тој потенцијал да ја подигне свеста кај народот за осознавање и спречување на разни видови болести, а со тоа да има подобрување на здравјето и унапредување на животот. Се надевам дека и моите статии ќе придонесат во остварувањето на тој потенцијал.