Миокардитот претставува воспаление на срцевиот мускул кое се каракетеризира со жаришни или дифузни инфилтрати на воспалителни клетки во интерстициумот и во периваскуларното ткиво проследено со дегенарција или некроза на миокардот.
Кој го предизвикува ова воспаление ?
Миокардитисот може да биде предизвикан од инфективни и неинфективни агенси, но најчесто е предизвикан од вирусите, особено ентеровирусите. Посебно треба да се издвојат Coxsackie вирусите и тоа:
- Coxsackie B тип 2-5 (во повеќе од 50% од случаите);
- Coxackie A тип 4 и 16;
- Eховирусите тип 9, 11 и 22;
- Цитомегаловирусот (во поново време).
Како настанува ова воспаление ?
Постојат 3 начини:
- Директно дејство на вирусот врз миокардот;
- Со дејство на токсините (дифтериски миокардитис);
- Автоимуно дејство (по вирусна инфекција, ревматско воспаление, колагеноза итн).
Како се манифестира болеста ?
Во повеќето случаи е асимптоматски, а релативно често се добиваат анамнестички податоци за претходна вироза. Почетно се јавуваат класичните симптоми на системска вирусна инфекција: замор, повраќање, пролив, артралгии, кашлица, кивавица, кожен осип, а исклучително важно за дијагностицирање на оваа состојба е да се добие информација за постоење на мијалгии како и ненадејна појава на аримтии кај дотогаш сосема здрави лица.
По 7-10 дена од манифестирањето на општите симптоми, клиничката слика на миокардитисот станува јасна. Па така болните се жалат на замор, отежнато дишење при напор, неподносливост на физичка активност, срцебиење, а понекогаш и на вртоглавици со последователна несвестица. Состојбата прогредира брзо и може да развие левосрцева слабост (во 25% од случаите). Покрај ова присутна е и покачена температура, срцето е зголемено и крвниот притисок е намален. Аускултаторно првиот тон е потивок, често постои галопен ритам како и систолен шум – митрална или трикуспидална функционална слабост. Според тоа може да се каже дека текот на болеста е варијабилен, односно таа може да биде асимптоматска, умерено тешка и фулминантна.
Како компликација може да се јават:
- Преткоморно – коморни аритмии;
- Тотален AV блок;
- Системски емболии;
- Конгестивна срцева слабост;
- Кардиоген шок;
- Ненадејна срцева смрт.
Како се дијагностицира оваа болест ?
За жал не постојат некои стандардни критериуми за дијагностицирање на оваа состојба, но сепак постојат одредени неинвазивни и инвазивни иследувања преку кои може да заклучиме дали станува збор за миокардит или не.
Лабораторија
- Леукоцитоза, еозинофилија, забрзана седиментација на еритроцитите и зглемена активнст на AST ALT, CK и LDH);
- Изолација на вирусот во култура на крв, урина, спутум, столица, плеврален или перикарден излив (7-14 ден – ран стадиум на болеста);
- Серолошки тестови (2-6 недела од почетокот на болеста);
- РВК и инхибиција на хемаглутинација;
- Хемокултура, AST, серологија на Токсоплазма итн.
ЕКГ
- Пречки во реполаризацијата (депресија на SТ сегментот и депресија на T бранот);
- Синусна тахикардија со можен тотален AV блок;
- Во потешки случаи елевација на ST со појава на патолошки Q бран.
РТГ – Постои намалено, нормално или зголемено срце (кардиомегалија).
Еходоплеркардиографија– Се забележува глобална хипокинезија на двете комори со растројство во контрактилноста.
Сцинтиграфија со галиум-67 или технициум 99-м-пирофосфат – При акутен миокардит има депозиција на изотопот во некротично-инфламираните подрачја.
Биопсија на ендомиокардот – според голем број случаи е златен стандард за конечен доказ на миокардитот.
Диференцијална дијагноза
- Дилатациона кардиомиопатија;
- Исхемична болест на срцето;
- Валвуларни мани;
- Миокарден инфаркт.
Како се лекува миокардитот?
Пред се е важно да се напомене дека како сериозна состојба, болеста треба да се лекува во болница, лекувањето е симптоматско и е насочено кон основните манифестации на болеста. Се препорачува:
- Мирување;
- Давање на антипиретици (Аспирин);
- Антиинфламаторни лекови;
- Кортикостероиди;
- Бета блокатори;
- Антибиотици;
- Профилактичка примена на хепарин;
- Трансплантација на срце (како последна опција).
Прогностички, миокардитот предизвикан од Coxackie вирусот е болест која може да даде комплетно заздравување без било какви последици. Останува надеж дека во иднина ќе се најдат антивирусни лекови кои соодветно ќе се употребуваат и ќе допринесат за излекување на оваа болест. Се смета дека тоа би било изводливо преку стимулација на интерферонската продукција, бидејќи интерфероните заштитуваат од ефектите на вирусниот миокардит барем кај експерименталните животни.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-