Доктори.мк | Бактериска вагиноза | bakteriska-vaginoza | Портал за медицина и здравје

Бактериска вагиноза

доктор на медицина

Што претставува бактериската вагиноза?

Бактериската вагиноза е состојба при која се продуцира засилен вагинален исцедок и е резултат на нарушување на нормалната вагинална бактериска флора. Во минатото оваа состојба се нарекувала Gardnerella вагинитис, а името го добила по бактеријата за која се мислело дека е предизвикувач на истата. Меѓутоа, новото име бактериска вагиноза го одразува фактот дека постојат различни видови бактерии кои нормално живеат во вагиналната регија и истите можат да го надраснат својот нормален број. Микроорганизмот Gardnerella не е единствениот виновник за симптомите на оваа состојба. Кога е нарушена рамнотежата на овие бројни видови бактерии, жените можат да добијат вагинален исцедок со засилен мирис.

Бактериската вагиноза не е опасна состојба, меѓутоа нејзините симптоми се вознемирувачки и во најмала рака досадни.

Секоја жена која има невообичаен исцедок мора да направи поспецифични прегледи за да се исклучат посериозни инфекции како хламидија и гонореја. Симптомите исто така можат да ги имитираат симптомите на габичните вагинални инфекции (пр. кандидијаза) или пак на инфекцијата со Trichomonas vaginalis, па затоа потребно е да се исклучат и овие состојби кај жените со вагинална симптоматологија.

Секоја жена може да добие бактериска вагиноза. Бактериска вагиноза е најчестата вагинална инфекција кај жените во репродуктивниот период.

  • Некои жени со бактериска вагиноза не знаат дека ја имаат состојбата бидејќи немаат никакви симптоми (во околу 85% не се присутни никакви симптоми).
  • Жените кои никогаш немале сексуален однос исто така можат да имаат бактериска вагиноза, а често пати присутна е и кај бремените жени.
  • Постоењето на бактериска вагиноза може да ја зголеми подложноста на други сексуално преносливи болести. Бремените жени можат да родат прематурни (недоносени) или пак бебиња со мала родилна тежина.

Статистиката покажува дека околу 30% од жените воопшто имаат бактериска вагиноза. Истата е присутна и кај околу 16% од бремените жени и кај околу 60% од жените со присутна сексуално пренослива болест. Околу 18% од жените кои немале вагинален, орален или анален сексуален однос имаат бактериска вагиноза. Преваленцата се зголемува со бројот на сексуални партнери во текот на животот.

Кои се симптомите на бактериската вагиноза?

Многу од жените (околу 85%) со бактериска вагиноза всушност немаат никакви симптоми. Сепак, кога постојат симптоми, главниот е вагинален исцедок со засилен мирис. Количината на вагинален исцедок која се смета за нормална варира од жена до жена. Некои може да почувствуваат непријатен мирис на риба од вагиналниот исцедок. Исцедокот е вообичаено тенок и сиво-белузлав и особено забележлив после сексуален однос. Кај некои може да бидат присутни печење при мокрење и чешање во вагиналната област.

Што ја предизвикува бактериската вагиноза?

Истражувачите имаат тешкотии во одредувањето на точната причина за бактериската вагиноза. Денес се смета дека мора да постои комбинација на мултипли бактерии за да се развие оваа состојба. Бактериската вагиноза вклучува редукција на нормалните хидроген-продуцирачки лактобацили во вагината. Истовремено, постои зголемување на концентрацијата на други видови на бактерии, особено анаеробни бактерии. Како резултат на тоа дијагнозата и третманот не се едноставни од типот на идентификување и ерадицирање на еден единствен вид на бактерија. Не е познато зошто се комбинираат овие бактерии за да предизвикаат инфекции.

Постојат одредени ризик фактори кои ги зголемуваат шансите за развој на бактериска вагиноза. Тука се вбројуваат: мултипли или нови сексуални партнери, разни интраутерини контрацептивни направи (пр. спирала), неодамнешна употреба на антибиотици, вагинален туш и пушење цигари. Како и да е, улогата на сексуалната активност во развојот на оваа состојба не е се уште доволно разјаснета, а бактериската вагиноза се уште може да биде присутна кај жени кои немале сексуални односи.

Дали бактериската вагиноза се смета за заразна болест?

Иако оваа состојба не се смета за заразна болест меѓу партнерите, улогата на преносот на бактерии помеѓу партнерите не е се уште разјаснета. Бидејќи постоењето на мултипли или нови сексуални партнери го зголемува ризикот кај жената за развој на бактериска вагиноза, ова сугерира дека пренесувањето на бактериите помеѓу партнерите може да го промени балансот на бактерии во вагината и да предиспонира кон бактериска вагиноза.

Третман

Иако бактериската вагиноза понекогаш може да помине и без третман, сите жени со присутни симптоми треба да се третираат за да се избегнат компликациите кои може да настанат. За разлика од одредени сексуално преносливи болести, тука не е потребно да се третира партнерот.

Докторите препорачуваат сите жени кај кои е индицирана хистеректомија или абортус да бидат третирани за бактериска вагиноза пред процедурата, без разлика на симптомите, со цел да се редуцира ризикот од развој на инфекција.

Бактериската вагиноза се третира со антибиотици. Рутински се употребуваат два типа на антибиотици: метронидазол и клиндамицин, орално во форма на таблети, локално како вагинален крем или вагитории. Оралната употреба на метронидазол може да предизвика некои минорни несакани ефекти, но се претпоставува дека е најефективниот третман. Вагиналните кремови и вагитории вообичаено немаат несакани ефекти, иако може да се јави габична вагинална инфекција. Тинидазолот има помалку несакани ефекти од метронидазолот и истотака е ефикасен во третирањето на бактериската вагиноза.

Повторното јавување на бактериската вагиноза е можно и по успешен третман. Повеќе од половина од третираните имаат повторни симптоми во рамките на една година. Доколку симптомите се повторуваат, се препишува и втор курс на антибиотици.

Компликации

Бактериската вагиноза може да се излечи комплетно без одредени компликации. Не се неопходни посебни следења доколку симптомите исчезнат.

Во бременоста, бактериската вагиноза може да доведе до предвремени контракции, инфекции на плодовата вода (амнионитис) и инфекции на матката по породување. Како и да е, во повеќето студии не постојат докази дека третманот на асимптоматската бактериска вагиноза во бременоста ја намалува инциденцата на прематурно (предвремено) родени деца. Поради тоа, скринингот и третманот на бактериската вагиноза за време на бременоста се контраверзни и истражувачите се уште дебатираат за корисноста и вредноста на таквиот третман. Денес не се препорачува рутински скрининг на сите бремени жени за бактериска вагиноза. Меѓутоа кај бремени жени кои имаат анамнестички податок за претходно недоносени деца или пак деца со мала родилна тежина, препорачливо е да се врши скрининг и третман за бактериска вагиноза.

Останатите сериозни ризици од присуството на бактериска вагиноза вклучуваат:

  • Присуството на бактериска вагиноза може да го зголеми ризикот од инфекција со ХИВ доколку лицето е изложено на вирусот.
  • Присутвото на бактериска вагиноза кај ХИВ-позитивна жена го зголемува ризикот за пренос на ХИВ инфекцијата на нејзиниот сексуален партнер.
  • Присутвото на бактериска вагиноза е асоцирано со развој на инфекција по хируршки процедури како хистеректомија или абортус.
  • Бактериската вагиноза може да доведе до пелвична инфламаторна болест (инфекција на матката, јајцеводите). Тоа може да доведе до стерилитет или до оштетување на јајцеводите што би го зголемило ризикот за идна ектопична бременост (т.н. вонматерична бременост).

Превенција

  • Апстиненција!
  • Лимитирање на бројот на сексуални партнери!
  • Не практикувајте вагинален туш со разни препарати за интимна хигиена!
  • Примете ја целосната доза на препишаните лекови, и покрај тоа што знаците и симптомите може да поминат и по само неколку денови третман!

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-


Останати статии од рубриката >>>

www.doktori.mk, 28.11.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина