Лековите против болка предизвикуваат болка

0

Колку нелогично звучи ова? Од прво, многу, но ако ги разгледате сите докази кои го потврдуваат ова и се разбира стотиците случаи со кои се среќаваме во праксата, не премногу…

Иронија

Што попрво би направиле ако добиете силна главоболка, или ако “не дај Боже”, ве мачи некоја хронична болка, како што се долногрбните болки, невралгиите, радикулопатиите и фибромијалгиите? Се разбира, би зеле некој аналгетик, кој би ја санирал или ублажил болката. А ако ви се случи тоа пак? И пак? И пак! Дали сте сигурни дека болката ја имате под контрола? Всушност, соочете се со една „болна“ иронија:

Лековите кои треба да ви ја намалат болката, всушност, ќе ја предизвикаат и ќе ја направат поголема!

При кои болни состојби треба да размислите пред да земете лек против болка?

Мигрена и хронични главоболки

Лековите за намалување на болката (уште се нарекуваат и аналгетици) кои најчесто се користат припаѓаат на групата НСАИЛ (не-стероидни анти-инфламатарни лекови), а поретко, барем по избор и достапност кај нас на групата опиоиди, кои имаат заедничко потекло со опиоидните дроги.

Од НСАИЛ во секојдневието меѓу најкористените се ацетилсалицилната киселина, ибупрофен, диклофенак, ацетаминофен, парацетамол, кетопрофен, метамизол (*имињата на лековите во текстот се генерички, трговските имиња на регистритраните лекови во Р Македонија се достапни на www.reglek.com.mk, н.з.).

Сите тие на извесен начин ја спречуваат болката и го намалуваат воспалението преку инхибиција на воспалителните трансмитери – простагландини, односно преку влијание на ензимите со кои тие се произведуваат.

Простагландините во одредени количини нормално се произведуваат во организамот и го регулираат протокот на крвта преку ширење (простациклинот) и стеснување (тромбоксанот) на крвните садови, односно вазодилатација и вазоконстрикција.

Редовното земање на аналгетици доведува до дисбаланс меѓу претходниве два, а со тоа и последичен недостаток на крвен проток (исхемија), или пак преполнетост на крвните садови (хиперемија), кои најчесто на ниво на главата или во мускулите ги чувствуваме како болки.

Тогаш се нарушени по неколку метаболни процеси што повлекува продукција и натрупување на материи (како млечна киселина, калиум) кои ги дразнат рецепторите за болка (ноцицепторите).

Аналгетиците предизвикуваат и блокирање на преносот на болните дразби врзувајќи се за рецепторите од нервите. Тоа допринесува да се појават уште повеќе рецептори кои ќе „бараат“ да бидат заситени со уште поголеми дози од лекот!

Се намалува и излачувањето на ендорфините кои пак се природни аналгетици кои си ги создава нашето тело. Претопувајќи се со метаболизмот на нормалните процеси од организмот, аналгетиците го пореметуваат прагот на осетливост и нормалниот пренос на болката преку нервните патишта до центрите во мозокот.

И така, мигренозните напади ќе стануваат се почести и потешки, главоболките подолги и поизмачувачки, реуматските болки понеподносливи и поонеспособувачки… Иако на почетокот би било тешко за совладување, доколку во овие случаи би направиле напори да не земете аналгетик, болките постепено би се намалиле и во интензитет и во зачестеност!

Мозочен и срцев удар

Неспорно е дека некои НСАИЛ, а најчесто ацетил салицилната киселина, се препорачани од доктори – специјалисти заради антиагрегационото дејство ( спречуваат лепење на тромбоцитите еден со друг и за крвниот сад), во превенција од васкуларни инциденти (коронарна срцева болест и акутен миокарден инфаркт, длабока венска тромбоза, транзиторна мозочна исхемична атака, и состојби после вградување на васкуларни имплантанти и трансплантанти).

Не се може против сите докази кои ја оправдуваат оваа примена, но поновите истражувања кои се осврнале на теоријата со дисбалансот на простагландините, покажуваат и докажуваат голема поврзаност помеѓу зголемениот внес на аналгетици со мозочниот и срцевиот удар.

Уште повеќе, тоа е поткрепено со сознанијата дека некои од НСАИЛ предизвикуваат зголемување на бројот на мазни мускулни влакна во ѕидот на крвните садови, а со тоа и нивно стеснување. Така, повторно се повикуваме на рационалната употреба.

Желудник, бубрези, црн дроб и бели дробови

За болките во желудникот после земена таблета против болка, не треба многу да се зборува. Верувам дека барем некои од вас (како и јас) ја почувствувале потребата да го изедат северниот пол со се пингвините за да ги изгаснат жарчињата во стомакот после само еден испиен кетопрофен…

Но нештата можат да бидат и многу посериозни. Најголемиот процент на хроничен гастритис, скриени или пак крваречки улкуси се директно поврзани со земањето на аналгетици. Во вакви случаи НСАИЛ се контаиндицирани или пак се даваат само оние со заштитна обвива кои не ја дразнат слузницата на желудникот, или пак се менува начинот на администрација (ампули, супозитории) иако ни тоа не обезбедува целосна заштита, бидејќи лекот доаѓа до лигавиците преку крвта.

За бубрезите нема многу што да се каже освен директната поврзаност со внесот на лековите против болка и нивната намалена функција, за што во медицината е воведен терминот аналгетска нефропатија.

За црниот дроб важи стандардното – страда од се што е во вишок…

За болните од астма и хронична обструктивна белодробна болест, посебно кај децата кои страдаат од нив, само предупредување дека некои НСАИЛ можат да ги предизвикаат или потенцираат нападите и да ја влошат респираторната функција.

Како тогаш да се справиме со болките?

Болката е ваш пријател. Меѓутоа онаа која ве известува дека нешто се случува во вашето тело и дека треба за тоа на време да се реагира. Силната и хроничната болка е ваш непријател, особено кога ја потхранувате со овие таблети.

Затоа, земајте ги аналгетиците рационално, поретко и во доза не поголема од дозволената. За поблаги болки применете природни и билни препарати и физички методи.

Топлина и туширање со топла вода кај ревматските болки, мраз и ладни облоги кај повредите, препарати од камфор и ментол кај мускулно-зглобните болки, магнезиум кај мигрената, грбната болка и мускулните грчеви, чаеви од нане, маточина, мајчина душица и валеријана кај ПМС. И за крај, побарајте од партнерот да ви ги измасира вратот, грбот, рамената и стапалата. Задоволството ке биде обострано 🙂