Забен камен – зошто и како настанува

0

И покрај сите напори за имање на здрав орален медиум, кај голем број луѓе се забележува создавање на тврди забни наслаги.

Сите луѓе ја знаат важноста за одржување на оралната хигиена за превенирање на кариозни лезии и други оштетувања на оралните ткива. Но, и покрај сите напори за имање на здрав орален медиум, кај голем број луѓе се забележува создавање на тврди забни наслаги.

Зошто и како настануваат?

Овие тврди забни наслаги се создаваат со минерализација на супрагингивалниот и субгингивалниот дентален плак. Иако практикуваме добра орална хигиена, сепак имаме бактерии во устата, а тие заедно со протеините и продуктите од храната, создаваат леплив филм (биофилм), наречен дентален плак, кој претставува атхерентна маса од бактериски депозити, која што ја покрива површината на забот.

Денталниот плак настанува и два часа после четкањето на забите, но неговата минерализација е различна кај различни индивидуи и започнува од првиот до четиринаесеттиот ден од почетокот на создавањето на денталниот плак. Сепак, постоењето на тврди забни наслаги укажува на низок степен на орална хигиена, иако тоа зависи и од составот на плунката.

Поинтензивна минерализација е присутна кога:

Плунката содржи високи концентрации на калциум и фосфор;

Кога имаме поголема киселост на плунката (понизок pH);

При поголема количина на мукополисахариди во плунката;

Во присуство на ензими.

Како предиспонирачки фактори за отежнато самочистење и создавање на ретенциони места за акумулирање на дентален плак се:

Неправилна положба на забите;

Несоодветни стоматолошки изработки;

Ортодонтски апарати;

Протетски изработки.

За отстранување на плакот и спречување на неговата минерализација е потребно добро механичко чистење на забите од сите страни, а потребно е подетално чистење на ретенционите места, доколку постојат такви. За поквалитетно механичко чистење треба да се избере соодветна четка, да се применува техника на четкање со која се чистат забите од сите страни (иако секој човек си има свој индивидуален стил на четкање со модифицирање на одредени техники), употреба на интердентални четки, интердентален конец, четкањето да не трае помалку од 2 минути (четкање најмалку 2 пати на ден).

Но, имаме група на пациенти (физички и ментално хендикепирани), кои не можат да ги совладаат механичките техники на плак контролата, па како алтернатива кај нив се применува хемиската плак контрола. Хемиската метода само ја дополнува механичката метода, поради тоа што не ги отстранува целосно бактериите, туку делува антимикробно и врши разградување на компоментите на плакот. Како најефикасни хемиски плак инхибитори се покажале Chlorhexsidine и Listerine.

Забен камен, супрагингивални и субгингивални конкременти

Со минерализацијата на супрагингивалниот дентален плак настанува супрагингивален забен камен. Со веќе настанатиот забен камен се отежнува чистењето на забите. Забниот камен се карактеризира со цврста конзистенција и е цврсто припоен за површината на забот. Има боја која варира од бела до темно жолта.

Најмногу се создава на гингивалната третина на коронката на забот, следејќи го работ на гингивата, но со неотстранување на веќе настанатиот забен камен, може да се наталожи и по целата таа површина на забот. Предилекциони места за создавање на забниот камен се: внатрешната страна на долните предни заби и надворешната страна на горните бочни заби.

Субгингивалните конкременти се создаваат во субгингивалната регија, што значи не се видливи со голо око и нивно откривање е можно само преку РТГ снимка, сондирање и случаи каде имаме рецесија на гингивата. Минералите на субгингивалните конкременти потекнуваат од гингивалната течност или од крвта, поради што имаат и потемна боја (црна). Тие се цврсто припоени за цементот на коренот на забот и потешко се отстрануваат.

Ефекти на забниот камен и субгингивалните конкременти:

Индиректна улога за инфламација на гингивата (гингивит) преку создавање на ретенциони места, отежнато одржување на орална хигиена, компресија на гингивата;

Трауматизирање на припојниот епител и негово мигрирање во апикална насока (повлекување на гингивата);

Луксација на забите (расклатеност);

Создавање на пародонтални џебови;

Пародонтопатија;

Лош здив;

Лоша естетика.

Третман

Отстранувањето на цврстите забни наслаги се врши професионално, кај стоматолог, на механички начин: рачно или машински. Рачното отстранување се врши со специјални остри инструменти, но подобра варијанта е ултразвукот (машински), со кој побрзо и полесно се отстранува забниот камен, со вибрациите на ултразвучниот продолжеток. Доколку може, субгингивалните конкременти се отстрануваат со ултразвук, но ако се наоѓаат подлабоко, тогаш се киретираат со специјални кирети.

Можни контрадиндикации за употреба на ултразвукот

Машинските ултразвуци не треба да се употребуваат кај сите пациенти, поради тоа што има пациенти со медицинска или забна состојба каде е тоа контраиндицирано. Доколку постојат вакви случаи, пожелно е да се консултира општиот доктор на пациентот. Задолжителна е консултација ако пациентот има респираторна или инфективна болест, пренослива преку аеросоли, и кај пациенти со срцев pace-maker, поради можна интерференција на електро-магнетните бранови од ултразвучните инструменти во работата на pace-maker-от (иако денеска сите pace-maker-и се електрично заштитени).

Состојби кои се предупредувачки кај пациентите при работа со ултразвук:

Предиспозиција кон инфекции;

Инфективни болести;

Респираторни болести;

Pace-maker;

Деца;

Делови на деминерализација на забот;

Маргини и реставрации;

Екстремна сензитивност;

Забни импланти.

Треба да се истакне дека има група на пациенти кои се многу лошо информирани во врска со професионалното чистење на забите и се оправдуваат дека после третманот имаат болки, или пак други велат дека „не треба да се отстрани забниот камен поради тоа што забите ќе почнат да се клатат“, а всушност ситуацијата е обратна.

Освен одржување на орална хигиена во домашни услови (според горе наведеното, во делот на плак контролата), пожелно е секој пациент секои шест месеци да оди на стоматолог за контрола и евентуално професионално чистење на забите (меки и тврди наслаги).

Подобро да спречиш, отколку да лечиш!!!

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Ариф Арифи е роден на 27.02.1990 во Тетово. Средното образование го завршува во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ - природно математичка насока, во Тетово. Во 2008 година се запишува на додипломски студии на Стоматолошкиот Факултет (програма Доктор по Стоматологија) при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Дипломира во 2013 г. Во 2014год се запишува на постдипломски студии во Стоматолошкиот Факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје и во соработка со University of Greenwich, Medway School of Science – Chatham Maritime, Kent, United Kingdom каде и го обработува научниот дел од својот труд ``Компарација на својствата на различни типови светлосно-полимеризирачки ортодонтски атхезиви (In-vitro студија)``. Во фебруари 2016год успешно го брани својот труд и се стекнува со назив Магистер по стоматолошки науки. Зборува течно албански (мајчин јазик), македонски, англиски и српско-хрватски. Добро ги владее компјутерските вештини. Покажува посебен интерес за спортот (рекреативно се бави со спорт поради тоа што мисли дека, како медицински лица, треба да бидеме физички подготвени да им пружиме помош на пациентите), технологијата, музиката, филмовите; а во професионален аспект посебен интерес има за Ортодонцијата. Како студент учествува на 19-от Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012, со објавен труд „Ортодонтски третман со Invisalign“ и активно ги следи семинарите за професионална надоградба и најновите трендови во областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Од 2013год - Приватна ординација ПЗУ „САНОДЕНТ“ во Гостивар. Од 2018год е ангажиран и како part-time асистент за практична настава во Стоматолошкиот Факултет при Државниот Универзитет во Тетово. Ја поздравувам иницијативата за создавање на ваков преубав и корисен портал. -Порталот Доктори.мк е место каде медицинските лица имаат можност да го истакнат своето знаење, а истовремено и пациентите се поблиску до информациите за многу актуелни проблеми, заболувања и совети за водење на здрав живот. Мене ми е голема чест и задоволство да сум дел од тимот на Доктори.мк и се надевам дека сите заедно преку нашите статии ќе придонесеме за едуцирање и создавање на здраво општество. https://www.linkedin.com/in/arif-arifi-a57a9683 Instagram: @ aarifi & sanodentdentalclinic