Колкав е Вашиот ризик од појава на кариес?

0

Современиот начин на живеење со себе носи низа привилегии што значат подобрување и унапредување на квалитетот на животот. Но, гледано од стоматолошки аспект, тие со себе носат и зголемен ризик од појава на кариес.

 

Тука се надоврзува и отсуството на информации за тоа кои се причините за настанувањето и развивањето на болеста, а со тоа и слабата едуцираност на популацијата за овој проблем. Нашата земја им припаѓа на земјите со екстремно високо ниво на кариес и важи за земја која речиси никогаш не ќе биде во можност да ги обезбеди потребните средства за целосно згрижување на последиците од кариесот, бидејќи тоа не им успеало и на некои економски развиени држави. Од тука се наметнува и потребата за непосредно информирање и едуцирање на популацијата за унапредување на оралното здравје. Оваа статија во продолжение ќе ви помогне да направите ориентирна проценка за тоа во која ризична група за појава на кариес спаѓате, а со тоа и да ја зголемите грижата за вашите заби и да ги зачестите посетите на стоматолог.

Треба да се истакне дека забниот кариес е еден вид инфективно заболување предизвикано од бактерии кои се наоѓаат на површината на забите. Како и секоја инфективна болест, така и оваа ќе стане манифестна само ако предизвикувачот ја надвладее одбранбената способност, било да е тоа поради зголемено помагање на бактериите за нивно опстојување и нивно недоволно остранување, било поради намалена одбрана на самите ткива. Оттука, за појава на кариес се одговорни многу фактори, од кои некои се однесуваат на нашите навики, некои се однесуваат на други заболувања, а некои се едноставно наследени и на нив не може да се делува.

Проценката на Вашиот ризик од појава на кариес ќе ја направиме преку неколку показатели:

1. Хигиена на устата и забите. 

честота, времетраење, техника, забен конец

Ризикот од појава на кариес се зголемува ако забите не ги четкате минимум 2 пати дневно (особено пред спиење). Четкањето треба да трае 2-3 минути, опфаќајќи ги сите површини на забите, а потребно е и четкање на јазикот. Дали познавате или применувате некоја посебна техника на четкање? Ако одговорот е не, тогаш побарајте од Вашиот стоматолог да Ве обучи како правилно треба да ги четкате забите. Побарајте и обука за правилно користење забен конец, бидејќи четката не може да допре до просторите каде што забите се допираат меѓу себе, а токму тоа е едно од најчестите места каде се појавува кариесот.

Кај децата треба да се обрне внимание на забите кои никнуваат. Тие се под нивото на забната низа и со четката често се промашуваат. Четката треба да се доведе во посебна позиција за тоа да се стори правилно. Оттука и ризикот од појава на кариес кај децата е поголем. За да проверите дали навистина правилно одржувате орална хигиена, набавете таблетки за обојување на плакот (наслагите). Употребете ги пред и после четкањето. Така ќе дознаете на кои места треба да обрнете поголемо внимание.

 

2. Исхрана

 Навиките во исхраната и односот на пациентот кон нив се од огромно значење, бидејќи несооднетната исхрана е исто така меѓу првите причини за развој на кариесот. Размислете што се внесувате како храна во текот на денот, како и интервалите на внесување на храната. Особено се важни продуктите кои содржат многу шеќери, како што се чоколадата, колачите, рафинираните шеќери во вид на бонбони и сл. Ако имате доста слатки навики, оброци и меѓуоброци кои содржат шеќер, особено пред спиење, ризикот од кариес се зголемува. Прифатливо решение би било ограничување на внесувањето на шеќер само при или веднаш после главниот оброк, а тоа да не биде постојано или замена за меѓуоброците.

 

3. Флуор 

Податоците за флуор се исто така многу важни, зашто е докажана големата улога на флуорот во заштитата од кариес. Бидејќи во нашата земја флуорот во водата е под оптималното ниво, задолжително е пастата што ја користите да биде флуорирана. Понекогаш пациентите кои имаат многу кариозни заби одбираат паста од познат бренд која е наменета за некој специфичен проблем на забот, а не содржи флуор во неа.

4. Плунка

Најважен фактор е нејзиното количество и протокот, а тоа се одредува со стимулирање на саливацијата во стоматолошка ординација. Ако долго време употребувате лекови за смирување, антихипертензиви и диуретици, голема е веројатноста да имате сува уста и намален проток на плунка. Тоа е знак за висок ризик од кариес. Исто така, постои и можност за одредување на пуферскиот капацитет на плунката и нејзината pH. Покиселата плунка значи и голем ризик од кариес.

 

5. Број на бактерии

Индивидуално е различен бројот на бактерии во усната празнина кои се одговорни за појава на кариесот. Одредувањето може да се прави на неколку начини, од кои се издвојува deep slide методот со кој има работено и авторот на статијата. Всушност се работи за микробиолошко испитување на плунката и визуелно одредување на бројот на кариогени бактерии во неа, со посебни софистицирани сетови.

 

6. Број и поставеност на забите

Ако ги имате сите заби, вклучувајќи ги и умниците и истите се збиени во забниот лак, ризикот од појава на кариес е поголем. Тоа е така затоа што е отежнато одржувањето на хигиената на секој дел од забот. Ризикот е уште поголем ако постојат и ортодонтски аномалии во смисла на извртени, преклопени и неправилно поставени заби.

7. Залеани фисури

 Бидејќи децата најчесто не можат да спроведуваат целосно правилна хигиена, денес се прави залевање (запечатување) на фисурите на моларите (катниците) со посебни материјали. Ако овие заби кај Вашето дете не се залеани, ризикот за појава на кариес е многу голем.

8. Расипани млечни заби

Многу родители сметаат дека млечните заби не треба да се поправаат бидејќи и онака ќе се сменат со трајни. Меѓутоа, сосема спротивно, расипаните млечни заби се еден од главните фактори за рано расипување на трајните заби. Ако трајниот заб никне во средина со многу кариозни млечни заби, веднаш е нападнат од кариогените бактерии.

9. Пародонтопатија

Соголените заби се подложни на кариес на коренот. Ако имате вакви проблеми, посетата на стоматолог треба да биде доста честа.

10. Општо здравје

Одредени болести кои ги напаѓаат плунковите жлезди (од кои се истакнува Сјогреновиот синдром) имаат голема улога во појава на оралните заболувња, поради намалениот проток на плунка. Проблеми со желудникот (рефлукс), анорексија и булимија, дијабетес, физичка и ментална хендикепираност, СИДА се само уште некои состојби кои го зголемуваат ризикот од појава на кариес.

11. Социјални фактори

Социјално загрозената класа, послабото знаење за заболувањата на забите, како и немањето на посебни желби за изгледот на забите се само дел од социјалните фактори кои претставуваат висок ризик од појава на кариес.

 

Најдобар индикатор за ризикот од кариес сепак претставува клиничката состојба на забите. Ако имате чести интервенции поради кариес и рестраврации, а при тоа во устата се забележуваат многу нови лезии, јасно е дека ризикот од кариес е многу висок. Некои ризични фактори како хигиената, исхраната и употребата на флуор се подложни на промена од страна на пациентот. На другите фактори, на пример сувата уста тешко може да се влијае. Оние со хронични и автоимуни болести (дијабетес, Сјогренов синдром) постојано ќе бидат со висок ризик и секогаш ќе мора да прават сериозни напори за превенција на кариесот.

 

Стоматологот треба да ги одреди релативно важните кариогени фактори индивидуално кај секој пациент поединечно. И се додека стоматологот и пациентот не работат заедно за да ја пронајдат главната причина на проблемот, правилно решение не може да се најде. Инволвираниот пациент почнува да го разбира значењето на соработката и често влегува во детективска работа за откривање на проблемот. Се надевам дека со оваа статија барем малку го побудив детективскиот дух во Вас. Ако детектирате висок ризик, веднаш закажете си посета кај Вашиот стоматолог.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Филип Конески е роден на 7.1.1991 год. во Белград. Основно училиште завршил во Прилеп, а средно медицинско училиште во Битола, насока забен техничар. Во 2009 год. се запишува на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Дипломира во 2014 год. со среден успех 9,62 и се стекнува со титулата д-р по стоматологија. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет и поддржан и препорачан од бројни професори и претставници од релевантни стоматолошки здруженија во Македонија, во 2013 год. ја добива престижната Награда на Град Скопје „13 Ноември“ за континуирани успешни достигнувања во наставните и воннаставните активности, кои се од особено значење за афирмацијата на градот и Р. Македонија. На 19. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012 год. освојува втора награда за усна презентација. На 21. и 22. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во 2013 и 2014 год. ги освојува првите награди за најдобри усни презентации. Организатор е на работилници во рамките на студентските конгреси. Секоја година е дел од акцијата на Македонското стоматолошко друштво за одбележување на Светскиот ден на оралното здравје, преку одржување предавања и едукација на учениците во основните училишта за важноста на оралното здравје и начинот на неговото зачувување и унапредување.Дел е и на бројни хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства и деца со пречки во развојот. Дел е од организациониот тим на бројните стручни настани и симпозиуми на Македонското стоматолошко друштво и специјалистичките здруженија кои се во склоп на друштвото. Свој придонес дава и во организирањето на 18. Конгрес на Балканското стоматолошко здружение во 2013 год. Од 2012 год. Филип Конески е амбасадор на Р. Македонија во меѓународното списание International Dental Journal of Students’ Research (ISSN 2278-3784). Во 2011 год. станува дел од тимот на македонскиот веб портал за медицина и здравје доктори.мк, на кој објавува авторски текстови од областа на стоматологијата. Во 2012 год. е добитник на Признание за особен придонес во развојот на здравствените веб содржини и подобрување на здравствената едукација во Р. Македонија. Од особен интерес на Филип е максилофацијалната хирургија и денталната патологија, во чии полиња работи на неколку проекти и истражувања со реномирани професори од тие области. Контактирајте го Филип на koneski_filip@hotmail.com -Здравствената едукација на населението и пациентите има непроценлива важност за нивното здравје, особено за превенцијата, на која треба да се обрнува поголемо внимание. Доктори.мк е место каде се интегрира и на достапен начин се презентира знаењето на професионалци од многу медицински области, со што се постигнува целта за подигнување на свеста и здравствената култура на секој поединец. Доктори.мк е наш бренд со кој треба да се гордееме. Да се биде дел од тимот автори и соработници претставува голема чест и задоволство.