Како да ги заштитиме децата од нездрава храна

0
62

Индустриската храна, во која за подобрување на вкусот масивно се користат разни адитиви е се почесто присутна на нашите трпези. Први жртви на оваа вкусна и примамлива храна се децата и емотивно лабилните личности, кои својот неуспех и емоции ги задоволуваат на тој начин.

“Taто, сакам

да ми купиш чипс”

„Тато сакам да ми купиш чипс, соленки” итн. Тоа е секојдневната борба со индустриската храна, која мами со своите вкусови. Неодамна е објавено едно истражување, кое ја докажува врската помеѓу „брзата храна„ и зависноста, која се создава во мозокот и нашиот организам. Значи не е претерано ако се каже дека “децата се дрогираат со нездрави грицки”и ТВ- нездрави емисии, тоа е веќе и научно докажано.

Во комбинација со гледање телевизија децата најчесто грицкаат, а со оглед на тоа дека нашите деца гледаат претерано многу, некаде во просек 5-6 саати дневно, тоа е навистина нездрава комбинација. Се поголемиот број на дебели деца, како и епидемијата од алергии, па дури и срцеви заболувања, се само некои од показателите за лошата здравствена состојаба на децата. Иако исхраната не е единствениот фактор кој влијае на тоа, тука се и еколошките загадувања, психолошките односи во семејството и друштвото генерално, но таа е еден од најважните фактори.

Како на децата во ова море од примамливи солени и слатки намирници да им обезбедиме здрав избор на исхрана?

Она основното од кое треба да почнеме, е што е тоа здрава исхрана и како таа треба да изгледа? Како што се препорачува и во официјалната пирамида на здрава исхрана,  дневното мени би требало да се основа на околу 50% житарици,30% зеленчук и овошје, 10% мешунки, 10% јаткасти плодови и семки (тиква, лен, сусам, сончоглед, бадем, орев, лешник), ладно цедено масло.

Многу е важно намирниците да бидат од органско потекло и интегрални.

Термичката обработка треба да биде сведена на минимално време, и секако најдобро е да конзумираме намирници кој растат на нашето поднебје.

Како би можеле да изгледаат дневните детски оброци?

Доручек

  • сомелена каша од органски интегрални житарици (јачмен, овес, рж, просо, пченица, хељда, пченка..), со додаток на мед, суво или свежо органско овошје (јаболка, сливи, смокви), може да се додаде и некое самоникнато растение како коприва (сува или свежа), пире од костен.
  • исто така за доручек може да се комбинира и некој намаз од мешунки ( леќа, грав, наут, семки од сончоглед и тиква, леблебија) во комбинација со бесквасен интегрален леб.
  • Органските интегрални житрици и мешунки може да се најдат во повеќето продавници за здрава храна, во некои од нив може да се најде и органски зеленчук, додека органското овошје тешко може да се најде во продавниците и за него мора да се потрудите да го најдете или кај проверен прдавач на пазар или кај роднини и познаници од село.

За ужина

  • секогаш е препорачливо да имаат свежо овошје.

Ручек

  • Чорби од житарици, зеленчук, мешунки со свежа салата од зеленчук и самоникнати растенија  со додаток на семки, ладно цедено масло и оцет од диво јаболко. За ручек може да се подготви и ориз, компир, со сите останати додатоци.

Вечера

  • Вечерата треба да биде слична како доручекот. Тука може да се додаде и јогурт.

 

Иако децата  не терба да ги навикнуваме на сладолед, затоа што ладната и замрзната храна не му одговара на желудникот, постои можност и за здрав сладолед, без сите штетни додатоци, кој инаку се наоѓаат во обичниот сладолед кој се наоѓа во нашите продавници. Здрав сладолед може да се направи од банана (или некое друго овошје со погуста структура) и овошје ( малина, јаболко, кајсија итн), какао и мед. Потоа сето тоа замрзнете го, ставено во калапи за сладолед со стапчиња.

Наместо купечки сокови, на децата треба да им се  дава обична вода или чаеви без засладувачи. Исто така  децата треба да пијат само природно цедени сокови кои треба да им се нудат како замена за млеко, а понудата може да се прошири со соино млеко (секако проверено и не ГМО).

Наместо бомбони и генерално слатки намирници треба да им се дава свежо и суво овошје, бисквити и колачи направени од интегрално брашно со мед или малтекс.

Во периодот на навикнување доколку е потребен и го има, постепено заменувајте ја старата нездрава храна со здрава (нa пр. белиот ориз заменете го со интегрален додавајќи го постепено во помали количини, додека децата не се навикнат на малку поинаквиот вкус и изглед. Истото направете го и со белото брашно и шеќер). И така постепено додавајте ги оние природни и помалку вештачки вкусови, за да полека ја  смените и перцепцијата за вкус, што е и всушност најтешката задача, додека децата сами не станат свесни за важноста на здравата исхрана без оглед на вкусот.

Значи, секаде каде што е можно, во некои комбинации како чорби, намази и слично додавајте самоникнати растенија, зеленчук и друга здрава храна, чиј што вкус нема да се осети. Постепено менувајте ги солените намирници и грицки со помалку солени или несолени.

Солта и сличните додатоци се многу опасни и претставуваат еден од најраспространетите предизвикувачи на срцеви заболувања, од кои умираат најголем број на луѓе во светот. Многу земји во светот пробуваат да ја намалaт количината на сол во намирниците.

Препорачливо е да ја избегнувате или потполно да ја исфрлите храната која е пржена во многу масло (пр.помфрит, чипс), секако и храната која е само пропржена, како и конзервираната храна.

Многу е важно покрај постојаното објаснување, на децата да им се дозволи и сами да спремат некој свој оброк (секако во ваше присуство), и во тоа да најдат мотив за игра и креација. Децата никако не треба да ги присилувате на здрава исхрана, туку потајно да им нудите вкусни здрави алтернативи, до конечната цел кога самите ќе бидат свесни за здравата исхрана.

Еден од најважните принципи секако дека е оној кој вели дека децата не треба да ги “тераме”да јадат, туку треба да им нудиме, да ги пуштиме сами да јадат за да стекнат доверба во самите себе и во своите можности. Децата јадат кога се гладни и јадат онолку колку што им треба. Ако се занесат во игра треба да ги потсетите на јадењето.

Сигурно е тоа дека децата би јаделе многу поприродна и здрава храна, доколку ние би ја контролирале нивната исхрана од самото раѓање и кога не би им внесувале засладена и посолена храна. Природниот нагон за храна ќе ги научи децата да го јадат она што е на менито. Нормално е тоа секој да има свои посебни навики, желби и потреби во исхраната, што значи дека секој има своја помалку и повеќе омилена храна. Без оглед на тоа, неопходно би било и семејството и околината да го менува својот однос спрема потребите на детето. Затоа е потебно здраво влијание и на институциите во кои престојуваат децата, како училиштата и градинките кој треба да ја ширата свеста за здрава исхрана кај децата.

Што наместо оваа храна?

  • Месо – намази и други производи од мешунки,семки и јаткасти плодови
  • Млеко –вода, цедени сокови, “млеко”- односно напитоци од соја, ориз и други житарици
  • Маргарин – намази од мешунки, семки, јаткасти плодови и ладно цедено масло
  • Чипс и други грицки – повторно здрави намази и интегралниоргански пецива, пуканки (со малку или без ладно цедено масло и малку морска сол)…
  • Слатки – домашен здрав сладолед, здрави интегрални колачи со мед и овошје

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Билјана Ристеска
Дипломиран Нутриционист Родена на 12 јуни 1981 година во Скопје. Спортист во душа, нутриционист на лист хартија и секогаш подготвена за нови предизвици. Искусен поборник за здравиот начин на живот и здравата исхрана како дел од него. Еден од советниците во Клубот за здрав начин на исхрана "New Nutritionism". Препознатлива по насмевката, упорноста и желбата за успех. -Доктори.мк мислам е портал кој ги задоволува повеќето потреби од областа на здравјето, медицината, исхраната... Секоја дилема има одговор токму на Доктори Мк. Темите се во тек со модерните трендови и токму тоа ги тера посетителите да се враќаат на овој портал и неколку пати во денот. Со еден збор Доктори.мк е модерен, забавен и пред се корисен портал достапен за сите.