Укажување на медицинска помош при повреди на окото

0

Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Следат неколку медицински совети за укажување на итна помош при повреди на окото.

Прва помош при хемиска повреда на окото

Ако некоја хемикалија навлезе во окото, веднаш применете ги чекорите наведени подолу.

Измијте го окото со вода. Употребете чиста и млака вода од чешма, најмалку 20 минути и направете некоја од следниве работи која ви е најдостапна и најбрза:

  • Влезете под туш и пуштете млаз млака вода во делот на челото над афектираното око. Обидете се да ги држите двете очи отворени.
  • Измијте ги рацете со сапун и вода. Темелно исплакнете ги рацете за да не остане дел од сапуницата на Вашите раце. Прва цел е да ја отстраните хемикалијата од окото, но пред тоа и од Вашите раце.
  • Отстранете ги контактните леќи ако ги носите. Ако сами не се извадат за време на плакнењето со вода, тогаш отстранете ги со чисти раце.

Внимавајте:

  • Не го тријте окото – ова може да предизвика понатамошна штета.
  • Не ставајте ништо друго во окото, освен вода или раствор за плакнење на контактните леќи и не употребувајте вештачки капки, освен ако медицинско лице не ве посоветува тоа да го направите.

Побарајте итна медицинска помош!

Откако ќе ги направите овие чекори, побарајте медицинска помош, или ако е неопходно викнете ја брзата помош. Земете го садот во кој што била хемикалијата или пак запомнете го името на хемикалијата. Ако ви се достапни, носете и очила за сонце, зашто окото ќе биде сензитивно на светлина.

Прва помош при модро око

Таканареченото модро око е предизвикано од поткожно крварење околу окото. Понекогаш модрото око индицира поголема повреда, па дури и фрактура на черепот, особено ако областа околу двете очи е модра (очи на ракун) или ако имало повреда на главата.

Иако повеќето вакви случаи на модро око не се сериозни, понекогаш може да има придружна повреда на самото очно јаболко доволна да предизвика крварење во окото. Крварењето во предниот дел на окото е сериозна состојба која може да го редуцира видот и да ја оштети корнеата – таа претставува чист заштитен „прозорец” на предниот дел од окото.

Во некои случаи може да се јави и абнормален висок притисок во окото (глауком). Заради оваа причина, препорачливо е да се направи преглед кај специјалист-офталмолог за да се провери дали е настаната некоја поголема штета на самото око.

 

За да се погрижите за модрото око:

  • Со нежен притисок аплицирајте мраз завиткан во парче ткаенина околу областа на окото. Внимавајте да не притискате на самото око. Аплицирајте мраз што е можно побрзо по повредата за да се намали отокот и продолжете да користите мраз 24-48 часа по повредата.
  • Осигурајте се дека нема крварење во белиот дел (склерата) и во другите делови на окото.
  • Веднаш побарајте итна медицинска помош ако почувствувате проблеми со видот (двоен вид, заматен вид), јака болка или крварење во окото или од носот.

Прва помош при страно тело во окото

Прво нешто што треба да направите ако имате страно тело во окото e:

  • Измијте ги рацете;
  • Пробајте да го исперете окото, а со тоа и туѓото тело од окото со млаз вода или физиолошки раствор. Можете да користите чиста чаша со вода.

Ако му помагате на некој друг:

  • Измијте ги рацете;
  • Седнете ја личноста во добро осветлена просторија;
  • Внимателно испитајте го окото и најдете го страното тело. Повлечете го долниот капак надолу и кажете и на личноста да гледа нагоре. Потоа повлечете го горниот очен капак нагоре додека личноста гледа надолу;
  • Ако страното тело изгледа дека лежи на тенок филм од солзи врз окото, пробајте да го исперете окото со физиолошки раствор или со чиста млака вода.

Внимавајте!

  • Не се обидувајте да го отстраните туѓото тело ако е навлезено во очното јаболко.
  • Не го тријте окото.
  • Не се обидувајте да отстраните предмет кој го отежнува затварањето на окото.

Кога да побарате помош?

  • Ако не можете да го отстраните туѓото тело.
  • Ако страното тело е навлезено во очното јаболко.
  • Ако личноста со страно тело во окото има абнормален вид поради последица на истото.
  • Ако постои болка, црвенило или сензација дека во окото се уште е тука предметот откако веќе бил изваден.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Стеван Цветкоски
Д-р Стеван Цветкоски е роден на 22.03.1985 год. во Прилеп, каде го завршува своето основно и средно медицинско образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2011 година и се стекнува со титулата доктор на општа медицина. За време на студирањето активно е вклучен во Сојузот на Студенти и Студентскиот Парламент на Медицински Факултет како: Во август 2010 год. работи на Оперативен оддел и Оддел за патолошка бременост при „Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство” – Скопје, Р.Македонија. Во периодот мај 2012 – април 2013 работи како доктор по општа медицина во Поликлиника НЕУРОМЕДИКА – Скопје. Моментален ангажман: Специјализант по трауматологија и ортопедска хирургија ( Баден-Вуртемберг, Сојузна Република Германија). Д-р Стеван Цветкоски во текот на својата богата активност има посетувано медицински конференции во Република Македонија и надвор од неа и се има стекнато со многу вештини од областа на медицината, како и надвор од тоа поле, меѓу кои се и тимската работа, односи со јавност, организациони способности, стратешко планирање, говорни вештини, како и многу други. Одлично ги познава англискиот и германскиот јазик. Член на Извршен Одбор на Сојуз на Студенти на Медицина на Македонија при Медицински Факултет – Скопје, 2007-2008; Генерален Секретар на Студентски Парламент на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Наставно-Научен Совет на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Комисијата за Настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 2008-2009; -Чест и задоволство е да се биде дел од тимот на Доктори.мк. Ова е одлично место каде што еден млад доктор со свои статии може да придонесе за здравствената едукација како на обичните читатели, така и на медицинскиот кадар. Едно големо браво за идејата за веб-сајтот и за професионалниот уреднички тим кој ги обединува докторите од целата држава на ваков интересен начин.