Прва помош при шок

0

Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. Прочитајте како да пружите прва помош на пациент во шок.

Шокот може да биде резултат на траума, топлотен удар, губиток на крв, алергиска реакција, тешка инфекција, труење, тешки изгореници и други причини. Кога една личност се наоѓа во шок, органите не добиваат доволно крв или кислород и ако не се лекува состојбата – може да доведе до трајно оштетување на органите или смрт.

Како најкарактеристични знаци и симптоми на шокот се:

  • Ладна кожа: може да биде и бледа или сиво пребоена.
  • Слабо исполнет и брз пулс. Дишењето може да е плитко и бавно, или да се јави хипервентилација (брзо и длабоко дишење). Крвниот притисок е под нормалниот.
  • Може да се јави наузеа (лошење). Може и да поврати пациентот.
  • Недостаток на сјај во очите и вкочанет вид. Понекогаш зениците се дилатирани.
  • Личноста може да биде при свест или да ја има изгубено свеста. Ако е свесна, личноста најчесто е слаба или збунета за ситуацијата. Шокот понекогаш може да направи личноста да биде премногу ексцитирана и анксиозна.

Ако се сомневате во шок, дури и да ви изгледа личноста нормално после повредата:

  • Викнете Брза помош.
  • Легнете ја личноста со нозете елевирани над нивото на телото. Ако поткревањето на нозете предизвикува болка или понатамошно оштетување, нека останат во легната положба.
  • Проверете ги знаците на циркулација (дишење, кашлање или движење). Ако се отсутни, веднаш почнете со реанимација.
  • Направете на личноста да и биде топло и комфорно. Отпуштете го каишот и тесната облека и покријте ја личноста со ќебе. Дури и личноста да се жали дека е жедна не и давајте ништо за пиење.

 

  • Поставете ја личноста на страна за да превенирате давење ако има повраќање или крварење од устата.
  • Побарајте помош за повредите, како крварењето или скршената коска.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Стеван Цветкоски
Д-р Стеван Цветкоски е роден на 22.03.1985 год. во Прилеп, каде го завршува своето основно и средно медицинско образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2011 година и се стекнува со титулата доктор на општа медицина. За време на студирањето активно е вклучен во Сојузот на Студенти и Студентскиот Парламент на Медицински Факултет како: Во август 2010 год. работи на Оперативен оддел и Оддел за патолошка бременост при „Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство” – Скопје, Р.Македонија. Во периодот мај 2012 – април 2013 работи како доктор по општа медицина во Поликлиника НЕУРОМЕДИКА – Скопје. Моментален ангажман: Специјализант по трауматологија и ортопедска хирургија ( Баден-Вуртемберг, Сојузна Република Германија). Д-р Стеван Цветкоски во текот на својата богата активност има посетувано медицински конференции во Република Македонија и надвор од неа и се има стекнато со многу вештини од областа на медицината, како и надвор од тоа поле, меѓу кои се и тимската работа, односи со јавност, организациони способности, стратешко планирање, говорни вештини, како и многу други. Одлично ги познава англискиот и германскиот јазик. Член на Извршен Одбор на Сојуз на Студенти на Медицина на Македонија при Медицински Факултет – Скопје, 2007-2008; Генерален Секретар на Студентски Парламент на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Наставно-Научен Совет на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Комисијата за Настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 2008-2009; -Чест и задоволство е да се биде дел од тимот на Доктори.мк. Ова е одлично место каде што еден млад доктор со свои статии може да придонесе за здравствената едукација како на обичните читатели, така и на медицинскиот кадар. Едно големо браво за идејата за веб-сајтот и за професионалниот уреднички тим кој ги обединува докторите од целата држава на ваков интересен начин.