Прва помош при губење на свест

0

Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. За почеток, прочитајте што да правите во ситуација на загуба на свест.

Губењето на свеста се случува кога снабдувањето на мозокот со крв е моментално неадекватно. Овој губиток на свеста е обично краток.

Онесвестувањето може да нема никакво медицинско значење, но и да биде сериозен знак за некое заболување. Затоа губењето на свеста се третира како итна медицинска состојба, се додека знаците и симптомите не се откријат и причината стане позната. Ако почесто ја губите свеста консултирајте се со Вашиот доктор.

Ако почуствувате дека ќе ја изгубите свеста:

Легнете или седнете. За да ја намалите шансата пак да се онесвестите, не станувајте брзо од столот или креветот.

Ако некој друг ја изгуби свеста:

Поставете ја личноста да легне на грб. Ако личноста дише, воспоставете го протокот на крв низ мозокот со тоа што ќе ги подигнете неговите/нејзините нозе над нивото на срцето – околу 30 центиметри – ако е можно. Ослободете ја личноста од каишот или од било која друга констриктивна облека. За да се намали шансата индивидуата да се онесвести пак, не ја терајте да стане одма. Ако личноста не ја поврати свеста за една минута, веднаш повикајте брза помош.

 

Проверете ги дишните патишта на личноста за да бидете сигурни дека се проодни. Внимавајте на повратени маси.

Проверете ги знаците за циркулација (дишење, кашлање или движење на градниот кош). Ако се отсутни, почнете со срцево-белодробно оживување или СБО (CPR). Продолжете со помошта додека не пристигне брзата помош или додека личноста не почне да дише.

Ако личноста била повредена при пад и притоа е изгубена свеста, контролирајте го крварењето со директен притисок врз раната.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Стеван Цветкоски
Д-р Стеван Цветкоски е роден на 22.03.1985 год. во Прилеп, каде го завршува своето основно и средно медицинско образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2011 година и се стекнува со титулата доктор на општа медицина. За време на студирањето активно е вклучен во Сојузот на Студенти и Студентскиот Парламент на Медицински Факултет како: Во август 2010 год. работи на Оперативен оддел и Оддел за патолошка бременост при „Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство” – Скопје, Р.Македонија. Во периодот мај 2012 – април 2013 работи како доктор по општа медицина во Поликлиника НЕУРОМЕДИКА – Скопје. Моментален ангажман: Специјализант по трауматологија и ортопедска хирургија ( Баден-Вуртемберг, Сојузна Република Германија). Д-р Стеван Цветкоски во текот на својата богата активност има посетувано медицински конференции во Република Македонија и надвор од неа и се има стекнато со многу вештини од областа на медицината, како и надвор од тоа поле, меѓу кои се и тимската работа, односи со јавност, организациони способности, стратешко планирање, говорни вештини, како и многу други. Одлично ги познава англискиот и германскиот јазик. Член на Извршен Одбор на Сојуз на Студенти на Медицина на Македонија при Медицински Факултет – Скопје, 2007-2008; Генерален Секретар на Студентски Парламент на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Наставно-Научен Совет на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Комисијата за Настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 2008-2009; -Чест и задоволство е да се биде дел од тимот на Доктори.мк. Ова е одлично место каде што еден млад доктор со свои статии може да придонесе за здравствената едукација како на обичните читатели, така и на медицинскиот кадар. Едно големо браво за идејата за веб-сајтот и за професионалниот уреднички тим кој ги обединува докторите од целата држава на ваков интересен начин.