Трет крајник – одбрана или жариште на инфекции

0
39

Крајниците, или тонзилите, претставуваат прва одбрана на организмот, или пак влезна врата за инфекции. Често поставувано прашање од страна на родителите е дали мора да се оперира третиот крајник кај нивните дечиња.

Што претставува воспалението на крајниците?

Крајниците се лимфно-епително ткиво, сместено во грлото, кои доколку се здрави претставуваат прва одбрана на организмот од респираторни инфекции, додека заболените крајници се опасност за детскиот организам од намалување на слухот, тешкотии при дишење, главоболка, црвено грло со беличести наслаги, целосно затворање на ларинксот и можно жариште на инфекции. Во воспаление на крајниците учествуваат повеќе фактори – пад на имунитетот поради студ, неисхранетост, замор, вируси, бактериски инфекции итн. Воспалението се јавува кога детскиот организам не е во состојба да ги совлада микроорганизмите и притоа се јавува: зголемена телесна температура, болки во грлото, отежнато голтање, болки во ушите, малаксаност, како и отекување на вратните жлезди. Претставува акутна состојба за која треба веднаш да се консултирате со матичниот педијатар на вашето дете.

Антибиотици – да или не?

Воспалените крајници кои не предизвикуваат болка или тешкотии при дишењето немаат потреба од третман со антибиотик, меѓутоа кај воспалените крајници кои даваат намалување на слух, тешкотии при дишење и целосно затворање на ларинксот – пеницилинските антибиотици претставуваат прв избор на лек, или пак антибиотиците одредени според антибиограм во комбинација со витамини, многу течности, калорична исхрана и мирување.

Одлука

Доколку кај детето се јавуваат чести горнореспираторни инфекции кои се проследени со болки во грлото, потешкотии со дишењето и намалување на слухот, одлуката за операција треба да се донесе врз основа на лабораториски и микробиолошки иследувања, како и врз основа на возраста на детето, во консултација со матичниот педијатар и оториноларинголог. Третиот крајник најчесто се оперира во детската возраст, а поретко кај возрасни бидејќи атрофира до 25 година од животот.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

-Софија Тодоровска е родена на 04.05.1985 година во Скопје. Средно училиште завршила во ДСМУ Д-р Панче Караѓозов, отсек медицинска сестра. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2010 година и се стекнува со титулата дипломиран доктор по општа медицина. Учесник е на повеќе конгреси и семинари и активно ги следи новостите од областа на медицината. Одлично го познава англискиот јазик, а има познавања и од француски и шпански јазик -Доктори.мк е одличен сајт кој овозможува добра едукација на пациентите од сите области на медицината, а истовремено ги следи и сите најнови истражувања со што овозможува да се согледаат многу интересни факти за здравјето. Драго ми е што сум дел од тимот на Доктори.мк.