Кога растат првите заби?
Најголем број од дечињата своите први запчиња ги добиваат помеѓу петтиот и осмиот месец од раѓањето. Инаку, времето на никнување е индивидуално – многу се разликува од едно до друго дете, па затоа не треба да ве загрижува ако кај детето не се појават млечните запчиња пред првиот роденден.
Се смета дека појавата на првите заби пред четвртиот месец е прерано никнување, а појавата на забите после дванаесеттиот месец е закаснато никнување.
Кај млечните заби нема некое правило при никнувањето, но најчесто прво се појавуваат долните па горните инцизиви, а потоа никнуваат бочните заби. Околу првиот роденден во устата на детето најчесто се видливи околу осум запчиња, а на две и пол до три години детето ги има сите дваесет млечни заби.
Што се случува ако забите се појават веднаш по раѓањето?
Некогаш се случува веднаш по раѓањето во устата на новороденчето да се појават творби слични на забите. Тоа се всушност остатоци од орожнатото ткиво, од кое се развиваат забните клици. Тие, таканаречени предмлечни заби, можат да претставуваат опасност за бебето бидејќи не се поврзани за коска – расклатени се и лесно испаѓаат, па бебето може да ги голтне. Кога и да се појават вакви творби слични на забите во првите неколку месеци (до четвртиот месец), најсигурно е да ги погледне детски стоматолог и да процени за што станува збор. Ако тоа не се правите млечни заби, тогаш треба да се извадат.
Тегоби кои го следат никнувањето на забите
Децата различно реагираат при никнувањето на забите. Некое бебе нема ни да го осети растот на првиот заб, но овој процес на никнување на забите најчесто е пропратен со вознемиреност на детето, локална осетливост, зголемено лачење на плунка, а детето постојано става предмети во устата. Исто така, возможно е и намалување на апетитот, појава на црвенило на образите, лош сон, а понекогаш се појавува и осип по телото.
Дали е точно дека никнувањето на забите е поврзано со зголемување на телесната температура?
Тврдењата дека никнувањето на млечните заби го пратат висока температура – температура поголема од 38°С и дијареа не се точни. Во такви случаи е неопходно педијатарот да ја постави точната дијагноза. Детето во овој период е поподложно на вирусни и бактериски заболувања, бидејќи како што спомнавме погоре ставајќи различни предмети во устата им го олеснува патот на бактериите и вирусите да го совладаат неговиот имунитет.
Како да помогнете при никнувањето на запчињата?
1. Нешто ладно и тврдо за џвакање ќе го ублажи чувството на затегнатост во устата. Бебето често сака оладени, но не и замрзнати играчки за глодање.
2. Нежна масажа на врвовите на ножните бебешки прстиња – таму се наоѓа рефлексната вилична зона.
3. На воспалените вилични гребени им помага чај од камилица или жалфија, односно соодветни тинктури кои со хигиенски стапчиња се нанесуваат на набабрените гребени.
-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-