Проблеми со варењето? Констипација (запек), дијареа, подуеност и чести болки во стомакот – ви звучи доста познато? Не постои човек кој не ги искусил непријатностите на горенаведените состојби, тие редовно можат да не стават во непријатна состојба, да се чувствуваме нелагодно и да не можеме да си ги извршуваме секојдневните обврски нормално. Дигестивниот систем е подложен на многу влијанија кои ги внесуваме од надвор, кои секојдневно му ја отежнуваат работата. Не секогаш тој успева правилно да се справи со храната која сме ја внеле па често се појавуваат состојби кои знаат навистина да не остават дома со денови. Најголемите виновници сме секако ние самите – нередовната исхрана, избегнувањето на овошјата и зелечуците, користењето на брзата и „модерна” храна, се директни антагонисти на правилната дигестија и здравјето на целиот дигестивен систем.
„Што да правам, така морам, не сум виновен јас, работата ми е таква” – ова несомнено е одговорот што повеќето од вас ќе си го помислите уште додека го читате воведот на оваа статија, но размислете – можеби сепак не сте во право, можеби сепак нешто можете да направите доколку само малку се потрудите.
Да, сите живееме во време кога од нас се бара максимална флексибилност, работа, постојано сме под стрес и работни обврски, па и нормално ретко сме во можност да останеме дома и да си направиме нешто „здраво” за јадење. Сепак, проследете ги советите кои јас денеска одбрав да ви ги презентирам, сигурен сум дека дел од нив ќе можете да примените, а уште повеќе сум сигурен дека доколку ги примените, проблемите со варењето ќе се јавуваат многу поретко, а здравјето на целиот дигестивен систем ќе ви биде многу подобро.
Па, да не должиме повеќе, еве за што се работи…
Користете пробиотски јогурт секој ден
Пробиотскиот јогурт е една од ретките модерни здрави намирници. Пробиотскиот јогурт е навистина делотворен, тој може да ви помогне да го подобрите варењето, да ја намалите подуеноста во стомакот, да ги неутрализирате токсините, да ги намалите килограмите. Чаша пробиотски јогурт е навистина чаша полна здравје и благодет за вашиот дигестивен систем. Само една чаша во денот и дигестивните органи ќе ви бидат бескрајно благодарни, ќе им пружите значителна помош за правилна дигестија и апсорпција на храната во целиот дигестивен систем.
Сега, ајде да размислиме – Дали чаша пробиотски јогурт навистина не можете да си дозволите во текот на денот? Без разлика колку кратка пауза за јадење имате, еден пробиотски јогурт лесно ќе набавите, брзо ќе го испиете и двојно ќе ја подобрите работата на дигестивниот систем.
Зелен чај
Придобивките на овој чудесно моќен и здрав напиток не верувам дека веќе на некому му се непознати. Зелениот чај е одличен за целото тело, не само за дигестивните органи. Зелениот чај е моќен чувар на здравјето на сите дигестивни органи, почнувајќи од устата, хранопроводот, желудникот, па се до правото црево и завршетокот на дигестивниот тракт. Според истражувањата, луѓето кои пијат по една чаша зелен чај дневно имаат повеќе од 10% помал ризик да заболат од карцином на некој од дигестивните органи.
Сега, ајде да размислиме – Дали навистина во текот на целиот ден не можеме да најдеме време да испиеме барем една чаша зелен чај? Ова не морате да го правите на работа или на факултет. Можете да го направите дома, наутро или навечер, нема да ви одземе повеќе од 15 минути, а толку многу ќе ви даде.
Овошје
Да, овошјето не можеме и не смееме никогаш да го прескокнеме, како и зеленчукот. Само едно јаболко дневно може многу поволно да влијае на вашиот дигестивен тракт, а освен на дигестијата и дигестивниот тракт, влијае и на крвната слика и општото здравје. Овошјата се богати со растителни влакна, тие се неизмерно важни за правилната дигестија и образувањето на столицата. Во почетокот зголемената количина на влакна може да предизвикува подуеност, но после неколку дена се ќе се врамнотежи. Со консумирање на овошјето имате многу континуирани придобивки: подобро варење, заштита од малигни неоплазми, редовна столица, многу витамини и минерали, добра крвна слика, многу анти-оксиданти и уште многу други придобивки, не само за дигестивниот треакт, туку и за целото тело.
Сега, ајде да размислиме – Дали навистина не можеме да најдеме време во текот на денот да изедеме барем едно или две јаболка? Не мора да е јаболко, може да е било што од овошје, навистина не се знае кое од кое е поздраво и поквалитетно. Дали можеби некогаш сте размислувале да консумирате овошје додека седите пред компјутер и работите? Или додека ги средувате документите? Или можеби додека правите кратка пауза? Не е лоша идеа, може да биде дури и забавно и вкусно, а истовремено и здраво.
Движење
Движењето е половина здравје, не само за кардио-васкуларниот систем, туку и за сите останати. Велам „движење”, а не спортување, бидејќи денес зборуваме како да ја подобриме дигестијата, иако сме под психички и физички напор во текот на целот ден. Затоа, иако нормално, спортувањето е здраво, обичното движење навистина може многу од него да замени, не само за здравјето на срцето и мозокот. Движењето е од исклучителна важност за правилното дигестирање на храната во желудникот и цревата. Со редовно, барем минимално движење, ќе го намалите ризикот од појава на многу дигестивни заболувања, особено заболувања на цревата, карциноми, хемороиди и слично. А ќе допринесете за правилна дигестија и редовна столица.
Можеби немате време за спортување, но дали навистина немате време да направите кратки прошетки, макар да се работи за прошетки внатре во компанијата каде работите. Дали наместо да праќате друг за да ви купи нешто од маркет, би можеле тоа да го направите самите, наместо за време на паузата да го гледате времето од прозорец, да излезете до балконот да вдишите свеж воздух и да направите чекор плус?
Прошетка во природа
Природата е силен релаксатор на нашите нерви, освежувач на нашиот мозок. Ги опушта нервите, ги освежува, го стимулира лачењето на хормоните кои го опуштаат целото тело, и што е најважно, природата е еден од најефективните елиминатори на стресот. Многумина сега ќе речат „Каква врска има ова со дигестијата?” Верувале или не, повеќе од половина од проблемите со дигестијата, односно со варењето на храната во желудникот и цревата, се поврзани со стресот. Желудникот е склон навистина силно да влијае врз стресни промени, па сериозни проблеми со варењето може да имате и само поради хроничен или акутен невроген ефект. Природата, гледањето во зеленилото и синото небо го стимулира организмот да се опушти и има значително превентивна улога кога се работи за проблемите со дигестивните органи.
Можеби ќе речете „немам време за пикник и прошетки на планина”, но дали навистина немате време да прошетате во парк? Дали навистина немате време да се одморите на некоја клупа во паркот, или да излезете до најблиското зеленило во вашата фирма каде што работите, некогаш за време на паузата? Можеби можете барем еднаш во неделата пеш да отидете на работа или да се вратите од работа? Доволно е да одите пеш во едниот правец, притоа ќе ги опуштите и одмотате мислите, а истовремено и ќе го намалите стресот кој е причинител број еден за разни карциноми, но и за дигестивни, срцеви и проблеми со скоро сите други органи.
Заклучок
Навистина, понекогаш за едно нешто да се направи е потребно само да се посака и да се направи плус уште само еден мал чекор. Дали вие посакавте да немате повеќе проблеми со варењето на храната и да имате здрави дигестивни органи? Доколку одговорот е да, логично ви останува да го направите само уште тој мал чекор. Целта на денешното кратко излагање во оваа статија е не само да ги повториме здравите намирници и навики за здрав дигестивен систем, туку и да ве поттикнам, како читатели, да размислите дека навистина не е потребна посебна промена на животниот стил за да направите нешто плус за вашиот дигестивен систем, а и општо за здравјето, и да ставите крај на проблемите кои редовно ве мачат.
За да се најде решението на некој проблем, понекогаш е потребно само да помислиме на проблемот, а патот до решението можеби и нема да биде толку долк и макотрпен како што сме очекувале.
-авторски текст, не смее да се користи за коемрцијанни цели и/или реемитување-