7 совети за одржување на здрави заби во текот на бременоста

0

Зголеменото ниво на хормони во текот на бременоста доведува до појава на големи промени во организмот, а голем број од нив ја зафаќаат и усната празнина. Сепак, со редовна и правилна хигиена и со професионална нега од стоматологот, забите на трудницата можат да останат здрави во текот на целата бременост.

 

Еве неколку совети кои, се надевам, ќе им помогнат на сите трудници:

1. Четкајте ги забите најмалку два пати на ден, со паста за заби која содржи флуор.

2. Доколку се појави крварење од гингивата, не престанувајте со четкање, купете помека четка за заби и продолжете со редовно четкање на забите.

3. Ако четката или пастата за заби ви предизвикува нагон за повраќање, купете четка со помала глава, не ја отварајте силно устата при четкањето и променете ја пастата за заби. Може да се обидете да слушате музика додека четкате и со тоа да го насочите вашето внимание на музиката и да заборавите на непријатното чувство кое ви се јавува при четкањето. Ако не помага и тоа, обидете се да четкате со затворени очи и да се концентрирате на дишењето, па така да го одвлечете вниманието од нагонот за повраќање.

4. Не четкајте ги забите веднаш по повраќање. Нека помине извесно време, бидејќи киселината која се јавува после повраќањето во комбинација со четката ја оштетуваат глеѓта. После повраќање исплакнете ја усната празнина со вода, а забите исчеткајте ги за саат време.

5. Испирајте ги забите со течност за испирање на усната празнина која содржи флуор.

6. Користете конец за заби или интердентална четка, кои ќе ви го олеснат чистењето на просторот помеѓу забите.

7. Четката за заби менувајте ја на секои два до три месеци.

Во текот на бременоста најмалку два пати посетете го вашиот стоматолог.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Слаѓана Пашовска е родена на 01.06.1983 год. во Берово. Основно образование завршува во родниот град, а средно образование во ДСМУ „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје, отсек забен техничар. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ”Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. и се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. По завршувањето на студиите стажира и волонтира во повеќе стоматолошки ординации во Берово и Скопје. Учесник е на повеќе конгреси, семинари и саеми од областа на стоматологијата. Од 2011 год. работи во сопствена ординација по општа стоматологија „Д Е Н Т И К О“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје. -Доктори.мк е портал кој мене лично многу ми се допаѓа. Единствено место каде секој може да научи нешто ново и нешто корисно. Портал кој ги приближува пациентите кон докторите, овозможува да се добијат повеќе мислења на едно место, да се одбере најблиската потребна ординација преку локаторот на доктори.мк и да се дознаат најновите и најзанимливите работи од областа на медицината. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк и се надевам дека сите заедно здружени ќе придонесеме да се подигне здравствената свест кај нашата популација. Секоја чест за оснoвачите, за нивната добра идеа и голема посветеност... Само напред