Исхраната е еден од најважните фактори за раст, развој и одржување во живот на сите човечки суштества. Исхраната е значајна и за развојот на забите, делувајќи во сите фази на нивниот развој.
Исхраната на мајката за време на бременоста – важна за развојот на забите
Развојот на забите почнува за време на интраутериниот развиток па затоа е важна исхраната на мајката за време на бременоста. Затоа уште за време на интраутериниот развиток, кога се формираат матриксот и органската основа, како и за време на минерализацијата на забите, исхраната на мајката треба да ги содржи сите потребни состојки.
Од посебно значење се минералните соли и витамините заради што храната треба во поголем процент да се состои од овошје и зеленчук. За правилно формирање на забите од минералните соли значaјни се: калциум, фосфор, магнезиум и флуор, а од витамините важни се: витамин А, витамин Ц, витамин Д, витамин Е, витамин К, како и витамините од групата Б.
Хранливите материи и нивната улога во развојот на кариес
Кај забите кои се израснати и се во функција, исхраната исто така има влијание. Особено влијае во појавата на забен кариес.
Исхраната во најголем процент се состои од јаглехидрати (шеќери), масти и протеини. Општо е мислењето дека шеќерите потпомагаат за развој на кариес, додека за белковините и за мастите докажано е дека ја намалуваат можноста за развој на кариозна лезија, што значи дека тие не се кариогени. Исто така, докажано е дека лицата кои што консумираат храна богата со шеќери имаат многу повеќе појава на кариес отколку лицата кои консумираат храна богата со белковини. Мастите имаат кариостатски ефект со тоа што формираат тенок масен слој на површината на емајлот и на тој начин ја намалуваат појавата на кариес.
Шеќерите и нивните деривати од една страна се многу привлечни, вкусни и достапни се во разлицни облици; но од друга страна тие се најодговорни за појавата на кариес. Особено нездрави за забите се оние шеќери кои се т.н.лепливи и кои долго време се задржуваат на површината на забите, во нивните фисури и јамички. Од голема важност е и колку често тие се внесуваат. Колку почесто се внесуваат толку е поголем кариогениот ефект. Кариогениот ефект е голем доколку се внесуваат меѓу оброци, и тоа оние шеќери во т.н.леплива форма (бомбони, чоколади, карамели), а уште поголем кариоген ефект истите имаат доколку долго време се задржуваат во устата. Затоа се препорачува слатките работи да се консумираат после оброк.
Секако дека значајна е и конзистенцијата на храната. Храна со мека конзистенција придонесува за развоја на кариес, додека цврстата храна придонесува за физиолошки чисти заби бидејќи самата храна подолго време се џвака и тоа придонесува за зголемена саливација и чистење на забите.
Бел леб vs Црн леб
Лебот кај нас во најголемиот процент од популацијата е главен дел од исхраната. Кај нас се користи бел леб, црн леб и пченкарен леб. Белиот леб содржи скроб и глутен заради што се лепи за површината на забите и долго време останува во ретенционите места, при што е оневозможена неговата ферментација и делува кариогено.
Црниот леб, пак, содржи целулоза и подолго време се џвака. Сето тоа придонесува за зголемено лачење на плунка, што има позитивен механички ефект. Затоа црниот леб се смета за “пријател на забите“, а белиот леб за “непријател на забите”.
Некариогена vs кариогена храна
Врз основа на дејството на храната врз појавата на кариесот таа може да биде кариогена и некариогена.
Некариогена храна:
- црн леб;
- моркови;
- зелка;
- јаболко;
- млеко, јогурт и млечни производи.
Кариогена храна:
- чоколадо;
- колачи;
- лижавчиња;
- карамели;
- гумени бомбони;
- суво грозје;
- суви смокви;
- бел леб;
- пченично бело брашно и производи од бело брашно.
За кариогена храна се смета и храната со мека конзистенција, како и засладените сокови и чаеви. Затоа се препорачува да се консумира вода, пијалоци и производи кои не содржат шеќер. Tие се познати под логото sugar free.