Миокардитис

0

Што е миокардитис?

Миокардитис претставува фокално или дифузно воспаление на срцевиот мускул. За неговото настанување одговорни се: разни инфективни процеси, токсини, зрачење и преосетливост на лекови.

Често овие фактори предизвикуваат и појава на автоимуна реакција, која уште повеќе го потенцира заболувањето. Со воспалителниот процес често истовремено е зафатен и перикардот (миоперикардитис).

Миокардитисот може да биде акутен или хроничен, примарен или секундарен (со непозната или позната етиологија).

Акутниот миокардитис се карактеризира со дифузни интерстициски воспалителни инфилтрати и силна миоцитолиза. Фулминантната форма на акутниот миокардитис брзо ги оштетува миоцитите и развива фиброза.

Хроничниот миокардитис главно се карактеризира со жаришно, умерено оштетување на миоцитите и умерен развој на фиброза.

Етиологија

Најчести предизвикувачи на миокардитис од инфективните агенси се вирусите. Коксаки вирусот група Б е одговорен за 50% од случаите на вирусен миокардитис. Други вируси предизвикувачи можат да бидат: аденовируси, цитомегаловирус, хепатитис Ц и ХИВ вирусот (директно или индиректно).

Бактериите ретко предизвикуваат миокардитис. Бактериското воспаление на срцевиот мускул обично настанува како компликација на инфективниот ендокардитис или во склоп на ревматската треска. Лајмската болест, предизвикана од спирохетата Borrelia burgdorferi, како секундарна компликација може да предизвика миокардитис.

Не ретко миокардитисот има паразитарна етиологија. Може да се јави во тек на токсоплазмозата предизвикана од протозоата Toxoplasma gondii. Друга протозоа, под име Trypanosoma cruzi, е одговорна за познатата Шагасова болест, која е многу честа во руралните предели на Централна и Јужна Америка. Шагасовата болест се карактеризира со хронично воспаление на миокардот.

Од неинфективните предизвикувачи на миокардитисот вреди да се спомнат реакциите на преосетливост (алергиските реакции) на лекови. Најчести лекови кои можат да предизвикаат ваква реакција се трицикличните антидепресиви, антибиотиците и антипсихотиците.

Клиничка слика

Клиничката слика на миокардитисот варира од лесна, асимптоматска, до фулминантна форма со аритмии, срцева декомпензација и нагла срцева смрт. Пациентите со вирусен миокардитис често даваат анамнеза за неодамнешна горнореспираторна фебрилна состојба, грип или тонзилофарингитис.

Како најчести симптоми на миокардитисот се јавуваат: треска, замор, палпитации и симптомите на конгестивно срцево затајување (диспнеа, отоци, тахикардија).

Клиничката слика може да симулира и акутен коронарен синдром, со градна болка, ST сегмент елевација и покачено серумско ниво на тропонин. Оваа слика е типична за помлади пациенти.

Дијагностика

Дијагнозата за миокардитис се поставува врз следниве испитувања:

  • Физикален преглед – наодот е најчесто нормален. Кај потешките клинички форми на аускултација се слуша трет срцев тон, како и систолен шум на митрална регургитација. Кај пациентите со пропратен перикардитис се слуша звук на перикардно триење.
  • Електрокардиограм – транзиторна ST сегмент депресија и инверзија на Т бранот во сите одводи. Обично е присутна и синус тахикардија. Блок на гранка на Хисовиот сноп или тотален A-V блок се наоѓа кај околу 15% од болните. При пропратен перикардитис присутна е ниска волтажа на QRS комплексот. Потешките случаи на акутен миокардитис можат да дадат псеудоинфарктна слика со ST сегмент елевација и појава на патолошки Q забец.

ЕКГ при миокардитис: инверзија на Т бранот во D1, D2, aVL и V1-V6:

-24-часовен ЕКГ Холтер мониторинг – индициран е кај сите болни со акутен миокардитис поради навремено откривање на потенцијално опасни нарушувања на ритамот.

-Ехокардиографија – кај акутниот миокардитис типично се наоѓа глобална хипокинезија на двете комори, регионални нарушувања на контрактилноста и намалена ејекциона фракција. Ехокардиографијата е од голема корист за откривање на пропратен перикардитис.

-Радионуклеидни методи – во поново време се користат специфични антитела на миозин обележани со индиум-111. Радиоизотопот се собира во некротичните, односно воспалителните подрачја.

-Биопсија на ендомиокардот – овозможува конечно хистопатолошко дијагностицирање на миокардитис. Индицирана е кај пациенти со знаци за конгестивна срцева слабост или неодамнешни нарушувања на ритамот. Не е препорачана при лесни и неспецифични форми на миокардитис.

Хистопатолошка слика на лимфоцитна инфилтрација во миокардот:

Диференцијална дијагноза

– Акутен миокарден инфаркт;

– Пнеумонија;

– Конгестивна срцева слабост од други причини.

Лекување

Болните со акутен миокардитис треба да се лекуваат во болница. Оние со фулминантна форма на болеста (срцева инсуфициенција, перикарден излив, хипотензија, шок) треба да се сместат во единица за интензивна нега.

Мирувањето в кревет е единствена мерка насочена кон лекувањето на миокардитисот бидејќи вредноста на лековите кои го супримираат воспалението и автоимуниот одговор е контраверзна. Лекувањето со антивирусни лекови (интерферон, рибавирин) нема сигурни резултати. Антипиретичните лекови (парацетамол) се индицирани заради намалување на температурата. Употребата на кортикостероиди е оправдана кај болни со тешка токсемија и по извршена биопсија со наод за воспалителен инфилтрат. Антибиотици (интравенска апликација на цефтриаксон или пеницилин) се користат само при докажана бактериска или паразитарна инфекција.

Кај болните со синусна тахикардија се даваат бета-блокатори. Оние кои ќе развијат левокоморна дисфункција се третираат соодветно со диуретици, вазодилататори, инотропни лекови, ACE-инхибитори, како и диета со намален внес на соли.

Прогноза

Кај најголемиот број болни со акутен вирусен миокардитис (особено предизвикан од Коксаки Б вирусот) се очекува комплетно закрепнување без последици. Состојбата на болните кај кои дошло до развој на левокоморна дисфункција спонтано се подобрува во 50% од случаите. Прогнозата кај болните со слабост на левата комора е непредвидлива, но обично лоша.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Благоја Стефановски е роден на 03.11.1984 год. во Охрид, каде го завршува своето основно и средно образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2009 година. За време на студирањето во повеќе наврати се вклучува во активностите на Медицинскиот студентски сојуз. За споменување се ангажманот како претседател на Локалната програма за студентска размена во Охрид во 2008 г. и учеството во организацијата на Генералното годишно собрание на IFMSA (International Federation of Medical Students’ Associations) кое во август 2009 г. се одржа во Охрид. Во август 2008 г. стажира на Универзитетската клиника по гастро-ендокрина хирургија во Вроцлав, Полска. Активист е во Националната фондација за трансплантација и Црвен Крст - Охрид. Сертификати и признанија: Учество во организација и партиципација на кардиолошка меѓународна работилница – „CTO – Tips and tricks, with George Sianos“, Охрид 05.04.2012. Благодарница од Македонско Лекарско Друштво - За активно учество во извршувањето на целите и задачите на МЛД, 07.04.2013. Во периодот јуни-јули 2013 г. успешно минува програма на медицинска едукација за кардијална катетеризација и ангиографии на Кардиолошкото одделение во болницата Florence Nightingale во Истанбул, Турција, под менторство на проф. д-р Ведат Ајтекин и проф. д-р Нуран Јазиџиоглу. Презентирање на тема: „One-year clinical outcomes of percutaneous treatment with drug-eluting balloons: Results from our Center's registry“ на 5-тиот Македонски Кардиолошки Конгрес, јуни 2014 г. Во периодот август-септември 2015 г. минува програма на медицинска едукација од областа на интервентната кардиологија на Кардиолошкото одделение во болницата Liv во Улус, Истанбул, Турција, под менторство на д-р Алп Бурак Чатакоглу и д-р Енис Огуз. Учество во организација и партиципација на меѓународна работилница: „Периферна артериска болест, предизвици и третман“, со главен едукациски инструктор д-р Ара Угурлуоглу, Мецицински Универзитет Парацелзус – Салцбург Австрија, во Охрид 18.12.2015. Професионален ангажман: ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања - Охрид, специјализант по кардиологија. Наша цел е да ги активираме, а потоа и поврземе докторите по медицина и стоматологија од Р.Македонија. Само со Ваша помош и вклучување, можеме да направиме оваа веб-страна да стане вистински форум на здравјето и место кое сите доктори во државава ќе го чувствуваат како свое.