Минувајќи меѓу преполните рафтови свеж и сочен зеленчук во маркетите не е ни чудно што еден неправилен, бледо кафеав и неатрактивен корен речиси секогаш останува незабележан. Но кога би знаеле колку моќ и здравје се складирани во едно парче ѓумбир веќе следното купување ќе го побарате низ рафтовите и ќе го сместите во купувачката кошничка.
Ѓумбирот е коренесто растение кое потекнува од Југоисточна Азија. На неговата употреба се препишуваат огромен број здравствени придобивки поради што брзо се распространил ширум светот, а до ден денес придобивките од неговото консумирање не престанале да се потенцираат. Поради неговата широка примена на пазарот е достапен како свеж, сушен, ѓумбир во прав или во облик на масло.
Поради специфичната арома и интензивниот луткаст вкус примената на ѓумбирот како свеж е релативно ограничена (меѓутоа најпрепорачлива). Многу поширока употреба наоѓа ѓумбирот во прав кој најчесто се користи за подготовка на разни ладни пијалоци и чаеви.
Ѓумбирот ја ублажува надуеноста во цревата и гасовите, ја подобрува цревната апсорбција на храната и го регулира апетитот. Го потикнува обновувањето на цревната флора со што влијае на регулирање на столицата (опстипација и дијареа). Со редовна употреба ѓумбирот го регулира варењето на храната, помага во смирување на стомачни болки и нагон на повраќање, посебно кај бремени жени. Со најновите истражувања се смета дека ѓумбирот го спречува растот на туморските клетки кај ракот на дебелото црево.
Поради своите антимикробни, антивоспалителни и антиоксидантни својства ѓумбирот влијае на подобрување на имунолошкиот систем и е добар сојузник во борба против алергии. Редовната употреба на ѓумбир во сезоната на настинки и грип ја спречува појавата на овие болести, ги олеснува симптомите и превенира компликации.
За чајот од ѓумбир се смета дека ја зголемува плодноста кај мажите, односно бројот и подвижноста на сперматозоидите и има позитивно влијание врз еректилната дисфункција. Од друга страна чајот од ѓумбир е мнофу ефикасен за намалување на менструалните болки и симптомите на ПМС.
Моќниот ѓумбир покажува своја ефикасност и во подобрувањето на психичкото здравје, односно го намалува стресот, помага при мигренозни болки и главоболки од друга етиологија (ја подобрува циркулацијата), а се смета за природен стимулатор на личноста со зголемување на силата и енергијата во текот на денот. Одредени студии покажале дека редовната употреба на чај од ѓумбир ја подобрува целокупната функција на мозокот притоа зголемувајќи ги концентрацијата и помнењето.
Посебни напомени:
- Кога купувате ѓумбир осигурајте се дека купувате свеж производ. Младиот и свеж ѓумбир има многу подобар вкус, а воедно и здравствените придобивки од него се многу поголеми.
- Бидете посебно внимателни со чајот од ѓумбир доколку имате проблем со хипогликемија, низок притисок, камења во жолчка или примате антикоагулантна терапија.
- И покрај големиот број здравствени придобивки се препорачува употребата на чајот од ѓумбир да се ограничи на максимум две чаши дневно.