Страв

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Запознајте го непријателот за подобро да се борите против него. Стравот може да ги уништи и најголемите животни соништа, но тоа може да се избегне. Сè се сведува на едно: дека ќе се најдеме во ситуација од која не ќе можеме или не ќе знаеме да се извлечеме. Стравот не е основниот проблем. Многу е потешко да се донесе одлука и да се соочите со тоа од што се плашите.

Во нашето општество стравот станува епидемија. Се плашиме да почнеме; се плашиме од крајот. Се плашиме од успехот; се плашиме од неуспехот. Се плашиме од живеењето; се плашиме од смртта. Стравот се вовлекува во сите пори на животот. И тоа верижно. Стравот продира во сите пори на квалитетниот живот на сите нивоа.

За среќа, стравот е победлив противник – со малку добра волја и со многу храброст.

Уништете го непријателот во себе. Замолчете го внатрешниот глас што ви внесува несигурност и страв. Преземете ја контролата над внатрешниот непријател. Станува збор за гласот што ги најавува лошите исходи. Сигурно ви е познато: „Ако му телефонирам, можеби, ќе мисли дека сум досадна, ако, пак, не го повикам, ќе помисли дека не сум заинтересирана. Ако му е вклучена секретарката, тогаш цела вечер ќе размислувам кај излегол и со кого е, ама ако не му телефонирам, пак ќе се прашам каде е...Можеби вечерва не треба да излезам зашто, ако тој ме повика, а мене ме нема, ќе помисли дека сум излегла  и дека не ми дошло до него. Ама, ако му телефонирам, ќе знае дека ми дошло до него, па ќе почне да се повлекува...“ Или, друг пример. „Зошто шефот утрово мене не ме повика на состанок? Тој воопшто не ја цени мојата работа. Навистина не се исплатува многу да работиш. Никогаш не те наградуваат за својот труд...“

Морате да се дружите со непријателите, дури и кога се тие внатре во вас. Штом забележите дека повторно сте почнале внатрешен монолог на жртва, прекинете го и почнете да размислувате за позитивен исход. Постапката бара долготрајно и упорно усовршување.

Стравот не исчезнува. Секоја нова ситуација предизвикува страв. Откако ќе се решите од еден страв при презентација пред колегите, не значи дека без проблеми ќе излезете пред поголем број на луѓе. Кога ќе дојдете на непозната територија, или ќе се поставите пред светот на нов начин, ќе го почувствувате стравот. Трикот е во тоа тој да се почувствува, но сепак „тоа нешто“ да се направи.

Се плашиме зашто не веруваме во себе. Независно од што се плашите: од тоа што ви се случува (самотија, несреќа, болест), сопствено дејствување (донесување на одлуки, барање работа, промена на кариера) или повреда на егото (неуспех, губиток на углед, неодобрување) – сите стравови се сведуваат на тоа дека нема да знаете да излезете накрај со проблемот.

Треба да се развива довербата во сопствената способност, да се фатите бескомпромно со сето она што ќе ви излезе на патот! Секогаш, кога ќе почувствувате страв, треба да се потсетите дека тоа е затоа што не сте задоволни со себе. Секогаш треба да ја повторувате следната реченица: „Било што да ми се случи, јас со тоа можам да се носам“.

Единствен начин да стекнете подобро мислење за себе е да го направите она од што се плашите. Битно е стравот да се совладува системски. Ако понекогаш и се откажете, морате да се обидете повторно. Најмалиот успех ќе ви ги зајакне самодовербата и вербата во себе.

Пробивањето низ стравот е помалку страшно од живеењето во него. Секој кој потклекнува пред стравот, создава кожурец во која се чувствува сигурен. Но, наспроти таа (лажна) сигурност и удобност, во кожурецот и понатака ве демне стравот. Стравот предизвикува чувство на бесмопошност. Се опседнувате со можни катастрофи: „Што ако...“ Луѓето што одбиваат да рескираат, живеат со чувство на страв, кој е многу посилен од она што би го почувствувале кога би се впуштиле во некој ризик.

Стравот им се случува и на другите. Верувале или не, сите се плашат, само што некои подлегнуваат на стравот, а некои храбро одат понатака, иако се плашат. Стравот не може да се избегне, но можеме да го преобликуваме во сопатник кој не следи во сите наши возбудливи зафати.

Работи што предизвикуваат страв во вас. За некои стравот е потполно неважен. Кај други предизвикува состојба на парализа. Кај првите стравот е од позиција на моќ (избор, енергија и дејствување), а кај другите од позиција на болка (беспомошност, депресија и повлекување). Кога од позиција на болка ќе го преместите во позиција на моќ, фактот дека чувствувате страв ви станува сосема небитен. Како да го направите тоа? Негативните изјави, со кои е богат вашиот речник, треба да ги замените со позитивни зашто тие ви оставаат повеќе простор за дејствување. Проучете ја следната табела и засекогаш исфрлете ги од својот речник негативните фрази што постепено, ама сигурно, ја слабеат вашата волја.

Фрази на жртва

(позиција на болка)

Став на особа со самодоверба

(позиција на моќ)

Не можам

Не сакам

Би требел

Би можел

Не сум јас крив

Преземам одговорност

Тоа е проблем

Тоа е прилика

Не сум задоволен

Сакам да напредувам

Животот е грозен

Животот е авантура

Се надевам

Знам

Да сум барем

Следен пат

Што ќе правам сега?

Ќе се обидам тоа да го решам

Ова е страшно

Ова е добро искуство

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 05.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил