Во „Нова Македонија“ на 23 март годинава осамнува напис со наслов „Нешто ја труе крвта кај заразените со ковид-19“ од Снежана Калабакова.
Во него, меѓу другото, Лилија Чолакова Дервишова, специјалистка по семејна медицина, претседателка на Здружението на приватни лекари, тврди: „Така што сето ова, од нашите многугодишни работни искуства, нѐ наведува да се сомневаме дека се случува НЕШТО што го напаѓа организмот и тоа е нешто ТОКСИЧНО. Нешто прави интерваскуларни коагулации, НЕШТО прави депресија на коскената срцевина.“ (Патем, се вели „интраваскуларни“, а не „интерваскуларни“).
Нешто токсично? Што? Да не алудира на боен отров, можеби? Сарин ли се викаше? Дали таа е застапник на таа теорија на заговор? Со каква намера се искажани овие инсинуации? Да внесат немир и страв кај луѓето? На сета мака, уште вакво „труење“ ли им фали?
Загрижува обидот своите небулози да ги припише генерално на матичните доктори.
Како одговор на паушалното и тенденциозно тврдење дека „нешто ја труе крвта на заразените со КОВИД-19“, на читателскиот аудиториум му нудам линкови до три студии, кои објаснуваат на што се должи тоа „труење“.
1. Во списанието „Clinical Rheumatology“, на 21 јануари 2021 година објавен е научен труд со наслов „Анти-фосфолипидни антитела и имуни комплекси кај пациенти со КОВИД-19: претпоставена улога во текот на болеста за анти-анексин-V антитела“, во која воспалителните реакции и хиперкоагулабилните состојби кај КОВИД-19 се поврзуваат со настанување на одредени автоимуни антитела. (линк до статијата)
2. Вториот труд со наслов „Протромботични автоантитела во серумот од пациенти хоспитализирани со COVID-19“ е објавен во списанието „Science Translational Medicine“ на 18 ноември 2020 година (линк до статијата) , а осврт кон ова истражување е објавен во ЈАМА на 2 февруари оваа година. (линк до статијата)
3. Третиот труд со наслов „Автоимуна хемолитичка анемија асоцирана со инфекција со КОВИД‐19“ објавен е во списанието „British Journal of Haematology“ на 27 мај 2020. (линк до статијата)
Ова се само дел од бројни објавени студии последниве месеци, во кои недвосмислено се покажува дека тешките симптоми кај КОВИД-19, пред сѐ, се должат на автоимуни реакции.
А не на „труење“…