Проф. д-р Драган Даниловски, кој беше предавач во онлајн дискусија што секоја недела ја организира Лекарската комора на РСМ, со цел размена на најновите сознанија и искуства во лекувањето на Ковид-19 меѓу здравствените професионалци, кажа:
-Се наоѓаме во некоја фаза спроти епилогот на пандемијава, која ги смени нашите животи до непрепознатливост.
Таа стана предизвик на глобално ниво, зашто коронавирусот не почитува национални, државни граници. Но, исто толку стана предизвик и на национално, државно ниво, но и на локално ниво, каде што луѓето одлучуваат дали ќе ги прифатат владините препораки и дали ќе се поддржуваат меѓусебно, ако затреба.
Милијарди луѓе беа (и се) во „локдаун“, не можат да се посетуваат едни со други, не можат да одат на работа, не можат да одат на училиште, не можат да се среќаваат слободно на јавни места. Луѓе ширум светот се очајни, одделени од своите најблиски во болниците или во изолација дома. Во моменти на егзистенцијална опасност, ние инстинктивно посакуваме да бидеме до семејството и пријателите, да ги држиме за раце, да ги прегрнеме – но сега, сега тоа ни е забрането, секој физички контакт – секој израз на љубезност и сочувство – може да донесе некому болест и смрт.
Соочени сме со вистинска несигурност на човечкото постоење. Колку често сите што се занимаваат со истражувања ја имаат игнорирано неизвесноста на нашето постоење, погрешно заменувајќи ја со веројатностите генерирани од статистичките модели? Со ладни бројки… Колку често сме ја игнорирале својата ранливост, преправајќи се дека ги контролираме нашите судбини? Пандемијава ни покажа колку сме грешеле.
Лице в лице сме со фундаменталните прашања на животот. За што сме ние тука? Што сторивме со нашите животи? Што уште би сториле, ако би имале можност? Кој навистина ни значи во нашите животи? Што е тоа што навистина го сакаме во животот? Пандемијата ни залепи шлаканица: Ако знаеме кој вистински ни значи и што најмногу сакаме, зошто тогаш толку малку им се имаме посветено на овие работи во животот?
Пандемијата ни покажа колку е страшно да си го арчиме животот, преокупирани со бесконечни битки за богатство, статус, моќ.
Пандемијата ни покажа колку е страшно да не умееме да ја препознаеме вредноста во луѓето околу нас – не само семејството наше и пријателите, не само колегите и сограѓаните, туку и кај потполните странци.
Пандемијата ни покажа колку е страшно на животите наши да не им даваме значење – постојано, секој час во секој ден – преку почитување на светоста на животот и почитување на сите живи суштества.
Пандемијата ни ја покажа вредноста на слободата – слободата да се движиме, да бидеме со оние што ги сакаме, да живееме достоинствено и безбедно – и за нас самите и за оние околу нас.
И пред сѐ и над сè, пандемијата ни ја покажа важноста да ја препознаеме вистинската цел на сите наши бизниси и економии, политичките партии и владите, локалните граѓански асоцијации и меѓународните организации: имено, да им служат на човечките потреби и цели. Но, не потребите и целите само на поединци, туку на општествата и на природата.
Сите сме меѓусебно зависни. Еден поединец не може да успее без соработка со други. Ние соработуваме на различни нивоа – локално, регионално и национално (државно). Пандемијата ја истакна опасноста од игнорирање на нашата меѓузависност и важноста на глобалната соработка. Пандемијата кристално јасно ни покажа дека целото човештво е на ист брод. Ни покажа дека сме затворен систем на врзани садови! Вирусот може да се победи некаде, само кога е поразен насекаде! И тоа ни ја покажа страшната глупост на оние што се преправаат дека можат да си постигнат безбедност изолирано, во границите на својата држава, култура.
Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации неодамна му влепи шлаканица на цел свет: „Десет држави располагаат со 75% од вакцините, а 130 држави немаат ниту една!“
Пандемијата ни покажа дека нашите економски, политички и социјални системи можат да им служат на нашите потреби и цели, само тогаш кога ќе бидеме натерани на соработка.
И сите наши системи првично биле водени од овој стремеж. Националната држава им овозможи на луѓето да соработуваат во поголеми размери, отколку некогашните кнежевства и градови-држави.
Но, секој обид за воспоставување соработка од поголеми размери – на повисоко ниво (ЕУ на пример или светската заедница) секогаш носи ризик тој обид да биде искомпромитиран од себичното однесување на одделни групации (членки)!
Ова е основен проблем кој никогаш нема да исчезне. Сè што можеме да направиме е да бидеме свесни за тоа, да останеме будни, да ги прилагодиме нашите наративи според големината на предизвиците со кои се соочуваме и соодветно на тоа, континуирано да ги прилагодуваме нашите институции.
Тие потреби пандемијата ги истакна на најбрутален начин!
Во рамките на функционалните држави, граѓаните знаат кога треба (или мораат) да отстапат од својот индивидуален суверенитет во полза на општото добро, интересот на колективитетот, народното здравје! Во нефункционални држави, кога институциите се без авторитет, во недостиг на кохезиона сила, секогаш постои едно малцинство граѓани кои тврдоглаво инсистираат на индивидуализмот. И тој егоизам на малцинството го компромитира, дури и опструира општествено одговорното однесување на мнозинството граѓани!
Се поставува прашање, не можело ли тоа мнозинство со одговорно однесување да биде повнимателно и да се наметне над малцинството?
Се поставува уште едно прашање: Во ова време на глобална закана, зошто одговорните политичари ширум светот (ако се такви, нели) не се собраа во институциите на мултилатерална соработка и не се договорија дека е неопходно националните и мултилатералните цели да се надополнуваат меѓусебно?
Што уште ни направи пандемијата?
Пандемијава направи да почнеме да ја цениме вистинската вредност на многу луѓе чии улоги во општеството обично се потценети: медицинските сестри, болничарите, касиерите во супермаркетите, куририте во фирмите за испорака и уште многу други.
Пандемијата покажа на најдиректен начин дека докторите и другите здравствени работници во ковид центрите се херои во вистинска смисла на зборот. Кои покажаа и покажуваат и понатаму огромна храброст и посветеност. Наспроти сите Сцили и Харибди низ кои поминааа и поминуваат. И не само докторите во болниците.
Га не ги заборавиме и колегите во примарната здравствена заштита.
Тие, кои на своите плеќи ја држат пирамидата на здравствената заштита.
Тие, „пастирите“, кои имаат „света“ професионална мисија да се грижат за здравјето на своето „стадо“. Не да му го лекуваат изгубеното здравје! „Тo care, not to cure”!
Тие, кои се најдоа распнати на неколку фронта. Следењето на ковид пациентите кои се на домашно лекување, плус редовните пациенти. Повеќе од доволно за „прегорување“ (burn out)… Поклон до земја на сите!
Ќе осамне „ДЕНОТ ПОСЛЕ“ – наскоро!
Лекцијата што треба да си ја понесеме со себе во новата ера, треба да биде:
Време е да ги мобилизираме добрината, љубовта – и да ги поставиме на централно место во нашите животи! („Ако љубов немам, ништо не сум…“)
Време е целите на бизнисот, економските активности, на владеачките институции на сите нивоа да ги редефинираме. Време е тие цели да бидат хуманоцентрични (исполнување на човечките потреби и цели).
Како што му прилега на општество на мислечки суштества…
СПЕЦИЈАЛЕН ДЕЛ
Улогата на повеќекратни системи врз товарот од КОВИД-19
Иако остануваат бројни неизвесности, доказите покажуваат дека причините, сериозноста и ефектите на КОВИД-19 пресекуваат повеќе системи:
1. Систем на животната средина
2. Здравствен систем
3. Политички
4. Економски
5. Социјален
6. Системот за снабдување со храна
1. Систем на животна средина – Потребни се повеќе докази за да се разбере точното потекло на КОВИД-19. Но, јасно е дека неговото потекло лежи во човечките влијанија врз системот на животната средина водени од економските проблеми. Активности како уништувањето на шумите, населувањето, рударството и градењето на транспортната инфраструктура доведоа до поблиска интеракција помеѓу патогени микроорганизми и човечки популации, олеснувајќи го трансферот на вируси помеѓу животните и луѓето. Доказите покажуваат дека 71,3% од новите заразни болести, како КОВИД-19, се префрлени на луѓето од дивиот свет, а бројот со текот на времето значително се зголеми.
Интензивното земјоделско производство исто така доведе до повисоки нивоа на интеракција помеѓу дивите микроорганизми и добитокот, повторно зголемувајќи ја веројатноста за трансфер од животни кај луѓе. Трговијата со диви животни е сѐ почеста, доведувајќи ги луѓето во сè поблизок контакт со животни, повторно олеснувајќи го прелевањето на вируси на луѓето.
2. Здравствен систем – Многу земји се соочија со големи предизвици во тестирањето, трасирањето на контакти, обезбедувањето на критична нега и пристапот до доволен капацитет за човечки ресурси. Постојат извештаи од целиот свет дека здравствените системи, како што рече портпаролот на СЗО, „се распаѓаа под притисок на премногу случаи“. И покрај доказите дека заштитната опрема е ефикасна во спречувањето на пренесувањето на здравствената работна сила, многу здравствени работници починаа. Исто така, постои загриженост дека другите неопходни здравствени услуги се компромитирани.
3. Политички систем – Примарната одговорност за спроведување на мерките против КОВИД-19 секогаш паѓа на политичкиот систем. Со јасен императив да се реагира, политичарите насекаде беа засегнати. На располагање им беше стратегијата „чекан и танц“. Креаторите на политиките во најмалку 160 земји наметнаа „заклучувања“ за да се ограничи преносот од човек на човек. Додека политиките за заклучување значително варираа во нивниот вид, строгост и тајминг, вообичаените мерки вклучуваат ограничувања во средбата со луѓе надвор од домаќинството, ограничувања на јавни собири, затворање на училишта, мерки за физичко растојание и ограничувања за патувања.
4. Социјален систем
Мерките за заклучување спроведени за да се намали ширењето на КОВИД-19 имаа големи ефекти врз социјалните системи, бидејќи луѓето
не беа во можност да комуницираат како порано. Јасно беше дека социјалната изолација е главен фактор на ризик за низа лоши здравствени исходи. Спроведените „локдауни“ доведоа до анксиозност, депресија и посттрауматски стрес. Многу веројатно нѐ очекува „втора пандемија“ на проблеми со менталното здравје. Исто така, има извештаи за зголемено ниво на домашна злоупотреба и злоупотреба на деца.
Сепак, социјалниот систем, исто така, одговори позитивно на КОВИД-19. Постојат бројни примери на самоорганизирани групи во заедницата и кујни во заедницата, на соседи кои поддржуваат ранливи луѓе, вршат купување храна и собираат лекарски рецепти и на луѓе кои се поврзуваат преку електронски платформи.
Социјалните ставови влијаеа на тоа дали луѓето навистина се придржуваат до правилата за социјално дистанцирање. Извештаите од САД, на пример, покажуваат дека социјалните ставови кон науката влијаеле на степенот на усогласеност со заклучувањата. Социјалните системи беа длабоко погодени од КОВИД-19, но исто така играа улога во влијанието врз неговата сериозност и одзивот на истите.
5. Економски систем – Економската активност одигра голема улога во потеклото на КОВИД-19; тоа беше исто така еден од најсилно погодените системи. Со намалување на потрошувачката и редуцирање на способноста на луѓето да работат и да произведуваат, се случија и се случуваат економски потреси низ целата глобална економија (Светска банка, 2020; Гопинат, 2020б).
6. Систем за храна – Влијанието врз системот за храна беше тесно поврзано со влијанието врз економскиот систем, делумно затоа што системот за храна е економски систем.
Исхраната, исто така, одигра голема улога во сериозноста на КОВИД-19. Пред пандемијата, нездравите диети се проценува дека се втора водечка причина за глобално лошо здравје и предвремена смртност во светот. За време на пандемијата, се покажа дека состојбите директно поврзани со нездрава диета – дебелина и незаразни болести – го зголемуваат ризикот од компликации на COVID-19. Доказите покажуваат дека дебелината, особено потешката дебелина, е поврзана со зголемена стапка на смртност и / или третман што бара инвазивна вентилација.
Хипертензија, дијабетес и срцеви заболувања – а на сите нив влијаат диетите – исто така се покажа дека го зголемуваат ризикот од компликации и хоспитализација.
ИМПЛИКАЦИИ ЗА ГЛОБАЛНИОТ РЕСЕТ
Две активности се од витално значење за да се овозможат промени:
Чекор 1: Обучени лидери за носење одлуки во склоп на постоење на мултипли системи
Ако луѓето со одговорност за решавање на глобалните предизвици не можат да размислуваат на системски начин, тие нема да можат да разберат ниту да применат решенија низ повеќекратните системи. Овие вештини на „лидершипот“ се најважни во покренувањето на ресетирањето напред.
Чекор 2: Вработување на нов кадар за комуникација меѓу системите
Без човечки капацитети во организациите, деловните субјекти и владите, за да се вклучат и да се поврзат со други системи, можноста за спроведување на промените ќе биде сериозно ограничена.