Како најбезбедно да ги укинеме рестриктивните мерки?

Брзата еволуција на пандемијата COVID-19 и значајните непознати страни на новиот вирус и болеста што ја предизвикува, доведоа до невидени предизвици за здравствените системи, како и до драматични социо-економски влијанија во Европа и целиот свет. Кризата веќе однесе илјадници животи и продолжува да ги става здравствените системи под огромно оптоварување. Преземени беа вонредни, досега невидени мерки – како економски, така и социјални.

Сите земји забранија јавни собири, ги затворија (целосно или делумно) училиштата и воведоа ограничувања на границите/патувањата. Повеќе од половината од земјите-членки на ЕУ прогласија вонредна состојба.

Овие рестриктивни мерки беа неопходни за да се забави ширењето на вирусот и веќе спасија десетици илјади животи. Но, тие исторемено предизвикаа високи социјални и економски трошоци. Вршат притисок врз менталното здравје и ги принудуваат граѓаните радикално да го променат секојдневниот живот. Создадоа огромни удари во економијата, а меѓународните ланци на снабдување и слободата на движење на луѓето сериозно се нарушија.

Ова доведе до потреба од јавна интервенција за контрабаланс кон социо-економското влијание во сите земји во светот, па и кај нас. И покрај преземените мерки, економското и социјалното влијание ќе биде сериозно.

И покрај тоа што патот назад кон нормалноста ќе биде многу долг, исто така е јасно дека вонредните рестриктивни мерки не можат да траат неодредено време. Потребна е континуирана проценка за тоа дали тие сè уште се пропорционални.

Фазата на рестартирање на економските и социјалните активности мора да се планира така што во исто време да се минимизира какво било влијание врз здравјето на луѓето.

Пристапот кон реализација на таа фаза се темели на советите дадени од Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC), Советодавниот панел на Комисијата за COVID-19, како и упатствата од Светска здравствена организација (СЗО).

Рестриктивните мерки дефинитивно не може веднаш да бидат укинати. Тоа треба да зависи од развојот на епидемиолошката состојба.

КОГА ДА СЕ УКИНАТ МЕРКИТЕ?

Рестриктивните мерки што ги воведовме беа неопходни за да се одложи ширењето на епидемијата и да се олесни притисокот врз здравствениот систем („израмнување на кривата“). Овие мерки беа засновани на достапните информации во врска со епидемиолошките карактеристики на болеста.

Тие мерки овозможија да се купи драгоцено време за да подготви здравствениот  систем, да се обезбеди лична заштитна и лабораториска опрема, достапна терапија и опрема за инфектолошките оддели. Тие исто така доведоа до намалување на стапката на пренесување на вирусот.

Бидејќи рестриктивните мерки се на сила повеќе од два месеци, природно се поставува прашањето кога и како можат да се релаксираат.

Јасно е дека дури и со рестриктивните мерки, вирусот продолжува да циркулира и секое ниво на нивно постепено релаксирање неизбежно ќе доведе до соодветно зголемување на бројот на нови случаи.

Ова ќе бара постојан и детален мониторинг, како и подготвеност за прилагодување и доколку е потребно, повторно воведување нови мерки.

Исто така е јасно, дека како општество ќе треба да живееме со вирусот, сè додека не се најде вакцина или ефикасен третман.

КРИТЕРИУМИ ЗА УКИНУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ

За процена дали е дојдено време да се започне со релаксирање на рестриктивните мерки, релевантни се три групи на критериуми:

  1. Епидемиолошки критериуми кои покажуваат дали ширењето на болеста е значајно намалено и стабилизирано во тек на постојан временски период. Ова може да се покаже со следење на еден глобален епидемиолошки параметар, базичниот репродуктивен број Ro, кој задолжително мора да има вредност под 1,0.

Други конкретни показатели на дневна основа се:

  • постојан пад на бројот на нови инфекции;
  • постојан пад на бројот на хоспитализации;
  • постојан пад на бројот на пациенти на интензивна нега;
  • постојан пад на бројот на смртни случаи.
  1. Доволен капацитет на здравствениот систем, во однос на зафатеност на единиците за интензивна нега, соодветен број болнички кревети, пристап до фармацевтски препарати потребни во единиците за интензивна нега, обновување на залихите на медицинска опрема, обезбедување пристап до здравствените услуги, особено за ранливите групи, достапноста на примарната здравствена заштита.

Овој критериум е од суштинско значење, бидејќи укажува на тоа дали здравствениот систем може да се справи со можно идно зголемување на случаите по укинување на мерките.

Во исто време, треба да се има предвид дека болниците многу веројатно ќе се соочат со зголемен број интервенции во врска со други патологии, кои беа привремено одложени за време на пандемијата. Ова подразбира неопходна потреба од обезбедување доволно капацитет и за овие потреби, а не само за КОВИД-19.

  1. Мониторинг и масовно тестирање заради откривање и следење на ширењето на вирусот во комбинација со трасирање на контакти и можности за изолирање на поединци во случај на повторна појава и понатамошно ширење на инфекции.

Со детекција на антитела кај специфични популациски групи со посебно општествено значење (здравствените работници, наставниот кадар во претшколските установи, училишта, полиција, трговија, услужни дејности, индустриски работници) би се обезбедиле податоци за пропорцијата на населението кое успешно ја има надминато болеста и за мерење на стекнатиот имунитет. Тоа може да послужи понатаму за ангажирање на имуните работници на работни места со висок ризик од инфекција со коронавирусот.

Исто така, особено епидемиолошко значење има скринингот на општата популација со помош на репрезентативен примерок, со цел за тековно следење на дистрибуцијата на можни, скриени кластери на асимптоматски случаи, но и за согледување на нивото на колективниот имунитет.

ПРИНЦИПИ ЗА УКИНУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ

Два основни принципи за укинување на мерките се следните:

  1. Укинувањето на мерките треба да се заснова на наука: Одлуката да се стави крај на рестриктивните мерки е мултидимензионална политичка одлука, која треба да вклучува балансирање на придобивките за јавното здравство, наспроти другите социјални и економски влијанија. Таа треба да се темели на достапните научни докази.
  2. Активностите треба да се координираат меѓу нашата земја и другите земји во Регионот и Европската унија.

ПРИДРУЖНИ МЕРКИ

Успешноста на постепеното укинување на рестриктивните мерки бара комбинација на одредени придружни мерки.

  1. Стабилен информатички систем: Усогласеното собирање и споделување на податоците за ширење на вирусот од страна на центрите на јавно здравје, карактеристиките на заразените и оздравените лица и нивните потенцијални директни контакти е од суштинско значење за подобро менаџирање со укинувањето на мерките.

Во исто време, знаејќи дека голем број луѓе можат да бидат асимптоматски носители на КОВИД-19 или може да имаат само дискретни симптоми, треба да се има на ум дека информациите за регистрираните случаи може да претставуваат само врв на леден брег. Тука стапува на сцена користењето на математички модели, со чија помош може да се разбере ширењето на КОВИД-19 и да се предвиди и процени потенцијалното влијание на различните рестриктивни мерки.

Драгоцена помош може да се обезбеди од социјалните медиуми и операторите на мобилни мрежи, кои може да понудат  податоци за мобилноста, социјалните контакти, како и доброволни информации за појава на лесни симптоми (преку т.н. партиципативен надзор). Ваквите податоци, доколку се соберат и користат во анонимизиран, агрегиран формат, во согласност со правилата за заштита на личните податоци и приватноста, може да придонесат за подобрување на квалитетот на моделирање и предвидување на епидемијата на ниво на држава. Мобилната апликација

  1. Cледење (трасирање) на контакти со употреба на мобилни апликации, што ја почитуваат приватноста на податоците: мобилните апликации кои ги предупредуваат граѓаните за постоење на зголемен ризик, поради контакт со лице тестирано позитивно за КОВИД-19, се особено релевантни во фазата на укинување на рестриктивните мерки.

Врз основа на искуството на други земји, овие апликации можат да помогнат во прекинување на ланците на инфекција и да го намалат ризикот од понатамошно пренесување на вирусот.

Употребата на вакви мобилни апликации треба да биде доброволна, врз основа на согласност на корисниците и треба целосно да бидат почитувани правилата за заштита на приватноста и личните податоци.

Следењето на блискоста меѓу мобилните уреди треба да се дозволи само на анонимна и збирна основа, без следење на граѓаните, а имињата на евентуално заразените лица не треба да бидат откриени на другите корисници. Апликациите за мобилно следење и предупредување треба да ги задоволат барањата за транспарентност, да бидат деактивирани веднаш штом кризата COVID-19 ќе заврши и сите останати податоци да бидат избришани.

Довербата во овие апликации и нивното почитување на приватноста и заштитата на податоците се од најголема важност за нивниот успех и ефективност.

  1. Проширување на капацитетот за тестирање: Масовното тестирање е клучно за справување со пандемијата и предуслов за укинување на мерките за социјално дистанцирање во иднина.
  2. Зголемување на капацитетот на здравствениот систем: Постепеното укинување на одредени рестриктивни мерки неизбежно ќе доведе до појава на нови инфекции. Оттука, неопходно е новите пациенти со КОВИД-19 соодветно да бидат згрижени од здравствениот систем.
  3. Обезбедување доволни количини на адекватна лична заштитна опрема: Кризата со COVID-19 доведе до голем пораст на побарувачката за медицинска и лична заштитна опрема (маски, скафандери, ракавици и др). Побарувачката не секогаш соодветствуваше со доволна понуда. Оттаму, од извонредна важност е благовремено да се обезбедат соодветни резерви.

ПРЕПОРАКИ

Врз основа на научните совети на ECDC, препораките се следните:

  1. Активностите треба да се спроведуваат постепено.
  2. Општите мерки треба постепено да се заменуваат со конкретно насочени. Ова ќе овозможи постепено враќање во нормалност, при истовремена заштита на населението од вирусот. На пример:

а) Повеќето ранливи групи треба да бидат заштитени подолго време: Доказите покажуваат дека постарите лица и лицата кои страдаат од хронични заболувања се изложени на поголем ризик. Луѓето со ментални заболувања се друга можна група под ризик. Треба да се предвидат мерки за продолжување на нивната заштита, а притоа укинувајќи ги ограничувањата за другите групи.

б) Дијагностицираните лица или лицата со благи симптоми треба да останат во изолација и соодветно да се лекуваат: Ова ќе помогне да се прекинат ланците на пренос и да се ограничи ширењето на болеста.

в) Општите прохибитивни мерки треба да бидат заменети со безбедни алтернативи: Ова ќе овозможи таргетирање на изворите на ризик, додека во исто време ќе се врши постепено враќање на неопходните економски активности (на пр, интензивно и редовно чистење и дезинфекција на транспортните средства (автобуси), продавници, наместо целосна забрана на работа и обезбедување адекватни мерки или опрема за заштита на работниците и купувачите/клиентите).

г) Општата вонредна состојба со исклучителни овластувања на владата треба да биде заменета со специфично насочени интервенции, согласно уставните овластувања.

  1. Потребен е фазен пристап за отворање на границите. Патните ограничувања и граничните контроли што се применуваат во моментов треба да бидат укинати, откако епидемиолошката состојба на граничните региони ќе го дозволи тоа и откако правилата на социјално дистанцирање ќе се применуваат одговорно. Во фазата на транзиција, треба да се зајакнат напорите да се одржи непречен проток на стоки и да се обезбедат ланци на снабдување.
  2. Повторното започнување на економската активност треба да биде во фази, со што се обезбедува власта и деловните субјекти соодветно да се прилагодат на зголемените активности на безбеден начин.

Почетниот фокус треба да биде на помалку загрозените сектори, кои се неопходни за олеснување на економската активност (на пр. транспорт). Бидејќи социјалната дистанца треба да остане на сила, „онлајн“ работењето треба да продолжи да се фаворизира. На работното место треба да се почитуваат правилата за здравствена безбедност при работа.

  1. Собирањата на луѓето треба да бидат постепено дозволени. Фокусот треба да се стави на специфичностите на различните категории на активности, како што се:

а) Училишта и универзитети (со специфични мерки, како што се различни термини за ручек, интензивирано чистење, помали училници, поголемо потпирање на е-учење и сл.);

б) Комерцијална активност (на мало) со можна градација (на пр. максимален број на дозволени лица, итн.);

в) Мерки за социјалните активности (ресторани, кафулиња и сл.), со можна градација (ограничено работно време, максимален број на дозволени лица, итн.);

г) Масовни собири (на пр. фестивали, концерти, итн.)

Колективните превозни средства треба да функционираат со неопходни мерки на ограничување (на пр. намалување на густината на патниците во возилата, поголема фреквенција на услуги, давање на лична заштитна опрема на возачите и / или патниците, употреба на заштитни бариери, ставање на гел за дезинфекција / дезинфекција на располагање во автобуските постојки и автобусите, итн.)

  1. Треба да се продолжат напорите за спречување на ширењето на вирусот:
    Граѓаните да продолжат со стекнатите хигиенски практики (употреба на дезинфициенси, миење на рацете, бонтон за кашлање / кивање, чистење на површини со многу контакти и сл). Упатствата за социјална дистанца треба да продолжат да се применуваат. Употребата на маски за лице или марами да продолжи, особено во затворени простори, како дуќани, трговски центри или при користење јавен превоз или и на отворен простор, ако не е можно да се одржи социјална дистанца од два метра.
  2. Мора да постои подготвеност за враќање на построги рестриктивни мерки, во случај на прекумерен пораст на стапките на инфекција.