Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. Во овој текст, конкретно, ќе дознаете како да помогнете при нечие крварење.
Силното крварење побарува моментална реакција и примена на постапки за негово сопирање на самото место на настанот.
Под крварење се подразбира секое излегување на крвта надвор од крвните садови. Според причината разликуваме случајни, односно трауматски крварења предизвикани со механичка повреда на крвниот сад и крварења поради одредени болести (на пример пореметување во згрутчувањето – коагулацијата на крвта).
Со оглед на местото од каде се крвари, разликуваме:
- Надворешно крварење – видливо крварење од раната.
- Внатрешно крварење – последица на повреди на внатрешните органи, кога крвта се насобира во телесните шупплини (граден кош, абдоминална шуплина, черепна празнина). Внатрешните крварења не се видливи, па на нив треба да се посомневаме секогаш кога се воочливи општите симптоми на искрвавување.
Со оглед на видот на оштетениот крвен сад, кај надворешните крварења разликуваме:
- Артериско крварење – крвта од раната излегува во млаз и е со светлоцрвена боја. Често се јавува како пулсирачко крварење. Најопасно е затоа што наеднаш излегува голема количина на крв.
- Венско крварење – крвта е темноцрвена, нема пулсации, се излева рамномерно преку рабовите на раната.
- Капиларно крварење – станува збор за ситни крварења кои се прекинуваат спонтано па во тој случај настанува краста.
Постапки за прва помош во запирањето на надворешното крварење
Силното крварење побарува моментална реакција, што значи примена на постапки за негово сопирање на самото место на настанот. При сопирање на крварењето на екстремитетите, истите треба да се држат во елевирана (подигната положба).
1. Притисок на артерија
Крварењето на главата и екстремитетите може да се сопре со притисок врз артеријата која крвта ја доведува на повреденото место. За таа постапка се потребни вештина и точно познавање на местото кое треба да се притисне. Местото на притисокот секогаш се наоѓа помеѓу срцето и повреденото подрачје (раната).
Внимание – Во постапката на сопирање на крварењето артеријата треба со прсти да се притисне силно врз коскена подлога. Никогаш не смее истовремено да се притиснат двете вратни артерии.
2. Компресивен завој
Раната може да се притисне со компресивен завој, и тоа на следниов начин:
- На раната поставете стерилна газа;
- Над газата ставете неколку гази, точно над местото на крварење;
- Со помош на кружен завој цврсто стегнете ја раната и јазолот поставете го точно над местото на крварењето.
Внимание – Компресивниот завој на смее да биде премногу стегнат (не смее да го спречи протокот на крвта во подрачјето пониско од завојот).
Поради тоа, после поставување на компресивен завој проверете го пулсот и бојата на рацете дистално од компресивниот завој. Компресивниот завој не треба да се поставува во подрачјето на вратот.
3. Притисок на раната
Со помош на парчиња од стерилна газа цврсто притиснете го местото на крварење. Ако раната е на раката или ногата, подигнете го повредениот екстремитет и задржете го во таква положба.
Внимание – Ако во раната е забодено страно тело (нож, дрво, стрела), не смеете да го извадите. Крварењето ќе го прекинете со притисок на рабовите на раната околу туѓото тело.
4. Подврзување на екстремитетите
Подврзувањето на екстремитетот предизвикува прекин на циркулацијата под местото на подврзување што може да доведе до изумирање на ткивото и губиток на екстремитетот. Затоа подврзувањето смее да се примени само во следниве случаи:
- Ампутациски повреди (прекинување или отсекување на дел од раката или ногата) ако не очекуваме повторно спојување на одвоениот екстремитет.
- Силно нагмечување и дробење на екстремитетот кога неговиот губиток е неизбежен.
- Силно крварење кое не може да се сопре со ниту една друга постапка.
За подврзување се користат наменски произведени широки гумени врвки или платнени врвки со копче (Езмархова повеска), но може да послужи и триаглеста марама положена на ширина од 5 цм, кравата или пак дебело јаже. Не треба да се користат тенки матријали, бидејќи може да го засечат ткивото.
Преврската се поставува на надлактицата или натколеницата. Се затегнува се додека крварењето не престане. Треба да се забележи датата и часот на поставување на повеската.
Ако е оправдано и правилно поставена, не смее да се тргне ни попушти пред пристигнувањето на Брзата медицинска помош.
Поради опасности кои настануваат ако повеската е премногу стегната и со подолго времетраење, повредениот треба што побрзо да се пренесе во медицинска установа.
5. Автотрансфузиска положба
После примена на методите на запирање на крварењето повредениот треба да се постави во положба на авто-трансфузија. Во истата положба се спроведува и итниот транспорт на лицето со надворешно крварење. Со тоа се постигнува слевање на крвта од нозете кон срцето и надокнадување на изгубениот волумен на крвта. Положбата се користи само ако крварењето е споро бидејќи во спротивно ќе се засили. Лицето лежи на грб со нозе и раце подигнати над нивото на срцето. Положбата се постигнува со подигнување на нозете на подлога на висина од 20-30 цм.
После сопирање на крварењето треба да се обработи раната. Стерилна газа треба да се натопи со средство за дезинфекција и внимателно да се исчисти околината на раната, и тоа од рабовите кон надвор, а не во насока кон раната, бидејќи на тој начин целата нечистотија од околината би се внела во раната и таа дополнително ќе се загади. Од таа причина раната не смее да се испира со вода.
Потоа на раната со распрскување ќе се нанесе средство за дезинфекција и така се остава да делува околу 30 секунди, после што се поставува стерилна газа, таканаречен прв завој. Ако станува збор за екстремитет, тој треба да се имобилизира, а повредениот треба итно да се пренесе во болница бидејќи секоја поопсежна рана мора примарно да се обработи во текот на првите шест до осум часа од повредата.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-