Проблеми со оралното здравје за време на бременост

0

Бременоста (graviditas) е физиолошка состојба на жената. Многу е важно во текот на истата, жената да се грижи за оралната хигиена, а со тоа да се спречат сите несакани компликации и тешкотии и се разбира да се зачува оралното здравје.

Зошто настануваат проблеми со забите за време на бременоста?

Погрешно е мислењето дека за време на бременоста забите страдаат од недостаток на калциум. Доколку настане дефицит на калциум кај плодот, истиот се надокнадува од коските на мајката, а не од забите. За време на бременоста се менува соодносот и нивото на хормоните и тоа е една од причините заради која страдаат забите и пародонтот (потпорниот систем на забите). Истите стануваат поподложни на бактериски инфекции. Многу е важно трудниците да внимаваат на степенот на оралната хигиена, бидејќи возможно е вертикално пренесување на бактериите (од мајката на плодот).

 

Најчести заболувања на дентицијата (забалото) и меките ткива за време на бременост

Како што веќе спомнавме, најчесто страда пародонтот (потпорниот апарат на забите), т.е. гингивата. Доаѓа до нејзино отекување, крварење за време на четкањето на забите, пропратено и со зголемена осетливост.

  • Гингивитис (воспаление на гингивата) е најчестата состојба кај трудниците и создава непријатно чувство кај истите. После консумирањето на храната, заради присутниот оток на гингивата околу забите, доаѓа до задржување на делови од храната (се создава плак исполнет со бактерии), а со тоа и црвенило и крварење. Крварењето на гингивата е знак дека станува збор за инфламаторна состојба (gingivitis), но со соодветен третман (механичко отстранување на плакот) може да се спречи понатамошен развој на состојбата.
  • Доколку не се третира воспалението на гингивата, болеста може да се развива понатаму во пародонтитис. За разлика од претходната состојба која е инфламаторен реверзибилен процес, пародонтозата е деструктивна болест. Формирањето на пародонталните џебови предизвикува деструкција на потпорното ткиво, забниот цемент и алвеоларната коска, односно разнишување и испаѓање на забите. Оваа болест е сериозна и може да предизвика компликации и по плодот.

Утрински мачнини

Заради pH вредноста на желудочната киселина, истата може да ја оштети глеѓта на забот, па затоа се препорачува да не се четкаат забите непосредно по повраќањето. Наместо тоа, устата треба да се исплакне со вода, да се испере со некое средство за испирање или да се нанесе паста на прстите и со нив да се измијат забите. Четкањето треба да се одложи за по еден час.

  • Гадење

Во првото тромесечје од бременоста може да се осети гадење при самото четкање на забите па затоа се препорачува користење на помала четкичка за заби или некое средство за испирање.

Како проблемите со забите може да влијаат на плодот?

Заради пародонтозата некогаш може да дојде и до предвремено раѓање или раѓање на бебето со помала тежина. Затоа е важно да се посети стоматологот на време и да се превземе потребниот третман како би се спречила појавата на пародонтоза. Освен тоа инфламацијата на меките ткива во оралната празнина може да се прошири и во другите делови на организмот, а со тоа да предизвика компликации и тешкотии во бременоста.

Лечење на забите во бременостa

Оралната хигиена и редовната контрола на забите можат да го намалат ризикот од појава на гингивитис и пародонтоза. Стоматологот треба да се посети најмалку два пати во текот на бременоста. Постојат различни препораки кога е најдобро да се посети стоматолог, некои препорачуваат сите интервенции да се завршат до 13-тата гестациска недела, а според други тоа е второто тромесечје кога сите витални органи на плодот се веќе формирани. Меѓутоа најдобро е претходно жената да се консултира со гинеколог. За време на бременоста се избегнува рентген снимање на забите, а доколку треба да се изврши интервенција при која се користи локален анестетик, се разбира треба повторно да се консултира гинеколог. Секоја промена која ќе се забележи, крварење или воспаление на гингивата, непријатен мирис во устата, е знак за известување на стоматологот.

И се разбира, секогаш при посета на стоматолог, треба истиот да се извести за бременоста!!!