Осетливи заби

0

Што е тоа осетливост на забите?

Осетливоста на забите е честа појава. Под овој термин се подразбира појава на неочекувана остра болка или непријатност, кои во забите се јавуваат при одредени ситуации. Тоа чувство може да се јави:

  • При консумирање ладна храна или напитоци;
  • При консумирање топла храна и напитоци;
  • При консумирање на слатки;
  • При контакт заб со заб или контакт на јазикот со забот.

Постојат два вида на осетливост на забите:

1. Дентална осетливост – се јавува кога дентинот е оголен. Дентинот обично е прекриен со емајл над гингивалниот маргинален раб и со цемент под него. Низ дентинот поминуваат многубројни дентински каналчиња во кои се наоѓаат нервните завршетоци од забната пулпа. Кога дентинот е оголен, топлината, студот или притисокот делуваат на нервните завршетоци и предизвикуваат забна осетливост.

Оголувањето на дентинот може да настане поради:

  • Неправилна техника на четкање на забите;
  • Лоша хигиена на оралниот медиум поради што се создаваат забни наслаги и забен камен;
  • Несанирани кариозни лезии;
  • Стара пломба на која се забележува пукнатина или отвор;
  • Абразија, атриција и ерозија на забите;
  • Повлекување на гингивата и оголување на забниот корен;
  • Избелување на забите кај лица кај кои забниот корен е веќе оголен;
  • Често консумирање на кисела храна и напитоци.

2. Пулпалната осетливост ја погодува забната пулпа. Забната пулпа е маса од крвни садови и нервни завршетоци во централнот дел на забот. Причинители на пулпалната осетливост се:

  • Кариес или инфекција;
  • Нова пломба;
  • Силен притисок предизвикан од шкрипење или стискање на забите;
  • Напукнат или скршен заб.

Дијагноза

Стоматологот најпрво ги дознава тегобите кои се јавуваат кај пациентот и прави преглед на усната празнина. Рентгенската снимка дава податоци за евентуална скршеница на забот или за постоечки проблем со забниот нерв. Треба да се утврдат и евентуални постоечки орални навики на пациентот. Шкрипењето со забите и силното стискање на вилиците може да бидат причина за осетливост на забите. Стоматологот треба добро да ја утврди состојбата на забите, во каква состојба се пломбите и дали е оголен коренот на забите.

Забот може да биде осетлив на ладно и неколку недели после извршено пломбирање на истиот. Металите во амалгамските пломби, како што е среброто, се одлични спроводници на ниска температура, која ја дразни забната пулпа. Пломбите со боја како и природните заби, бараат третирање на забот со киселина пред поставување на пломбата. Во некои случаи, третирањето со киселина, може да ја истенчи глеѓта на забот и истиот да стане осетлив.

Доколку забот станал осетлив после поставување на длабоко полнење, проблемот може да исчезне сам по себе, после неколку недели. Понекогаш пломбата е масивна и притисокот на забот при загриз е пресилен, па стоматологот треба тоа веднаш да го реши. Доколку по извесен период осетливоста на забот не се намалува, тоа е знак дека е потребно да се изврши ендодонтско лечење на забот.

Превенција

Денталната осетливост може да се избегне доколку се придржуваме кон одредени совети кои ги даваат стоматолозите:

  • Миење на забите двапати дневно и употреба на забен конец;
  • Употреба на средно тврда – медиум четка за заби и нежно четкање на забите со движења кои се насочени горе – доле, а не лево – десно;
  • Употреба на паста за заби и раствори за испирање на устата кои содржат флуор;
  • Употреба на паста за заби наменета за осетливи непца и заби;
  • Да се побара помош од стоматолог во случај на бруксизам.

Третман

Денталната осетливост се лечи лесно, без оглед на причинителот.

Доколку забите се премногу осетливи, стоматологот употребува локален анестетик и врши чистење на забен камен, меки наслаги и субгингивални конкременти, а по чистењето ги премачкува со препарат на база на флуор кој привремено ја смалува осетливоста на забите и истовремено ги прави појаки. Во поново време осетливоста на забите се третира со примена на забен ласер.

Употребата на забните пасти и течности за испирање на уста, исто така ја намалува осетливоста на забите. При изборот на течностите за испирање на база на флуор потребно е да се консултира стоматологот, бидејќи во продажба се наоѓаат препарати со поголем степен на киселост кои кај осетливите заби може да предизвикаат контраефект.

Пулпалната осетливост се лечи со вадење на забниот нерв. Нервот се отстранува, просторот добро се чисти и потоа се полни со соодветно полнење.

Осетливоста на забите предизвикана од шкрипење на забите и силното стегање на вилиците се лечи со употреба на пластичен штитник за заби, кој се носи за време на спиење.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Слаѓана Пашовска е родена на 01.06.1983 год. во Берово. Основно образование завршува во родниот град, а средно образование во ДСМУ „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје, отсек забен техничар. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ”Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. и се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. По завршувањето на студиите стажира и волонтира во повеќе стоматолошки ординации во Берово и Скопје. Учесник е на повеќе конгреси, семинари и саеми од областа на стоматологијата. Од 2011 год. работи во сопствена ординација по општа стоматологија „Д Е Н Т И К О“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје. -Доктори.мк е портал кој мене лично многу ми се допаѓа. Единствено место каде секој може да научи нешто ново и нешто корисно. Портал кој ги приближува пациентите кон докторите, овозможува да се добијат повеќе мислења на едно место, да се одбере најблиската потребна ординација преку локаторот на доктори.мк и да се дознаат најновите и најзанимливите работи од областа на медицината. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк и се надевам дека сите заедно здружени ќе придонесеме да се подигне здравствената свест кај нашата популација. Секоја чест за оснoвачите, за нивната добра идеа и голема посветеност... Само напред