Јајца од кокошка – симбол на плодноста

Причините според кои јајцето се поврзува со Велигден, се смета дека се биолошки и културолошки. На зима, кокошките несат помалку јајца, заради природниот процес на несење јајца. Околу Велигден, кога започнува пролетта, кокошките повторно почнуваат да несат повеќе јајца.  Обичајот на вапсување на јајцата е обичај стар и популарен уште во најстарите цивилизации.

Физиологија на јајцето

Кокошкиното јајце се состои од три дела: лушпа (која е составена од калциум и магнезиум карбонат и калциум и магнезиум фосфат), белка (претежно вода и протеини) и жолчка (нутритивно најважен дел од јајцето кој е богат со протеини, железо, фосфор како и масти, витамини и минерали)

Нутритивна вредност на јајцето

Во едно јајце има околу 4.5 – 6 г протеини од кои половината се наоѓаат во белката. Затоа, белката се смета за идеален извор на протеини бидејќи  ги содржи сите есенцијални аминокиселини. Од мастите застапени се незаситените масни киселини. Јајцата се добар извор на колин, лутеин, железо, рибофлавин (Витамин Б2), фолна киселина, биотин, Витамин Б12, Витамин Д и Витамин Е. Едно јајце содржи 185 – 215 мг холестерол, па според тоа не се препорачува оние кои имаат проблем со холестеролот да консумираат многу јајца.

Придобивки по здравјето од консумирањето јајца

Колинот е нутритиент кој е потребен за одржување на добро здравје. Тој е клучна компонента на многу структури во клеточните мембрани. Според тоа има и голема важност во одржувањето на функцијата и здравјето на мозокот. Колинот е составен дел од ацетилколинот, неуротрансмитерот кој пренесува импулси од една до друга нервна клетка.
Според некои истражувања, каротеноидите лутеин и зеаксантин можат превентивно да делуваат на развојот на макуларната дегенерација и катарактата кои често се јавуваат како последица на стареењето. Јајцата се добар извор на биотин, витаминот кој учествува во метаболизмот на мастите и јагленитехидрати па според тоа консумирањето на јајцата може да предизвика создавање повеќе енергија.Маските за коса кои содржат јајца на косата и даваат бујност, сјај и здравје. Жолчката релативно рано може да се воведе во исхраната на децата, а белката не се препорачува да се даде пред навршена година бидејќи може да даде алергиска реакција.

Останати карактеристики

Тежината на кокошкиното јајце варира од 45 до 75 грама, а бојата на лушпата зависи од сортата на кокошката, а независи од нутритивниот состав на самото јајце. Бојата на жолчката варира од светло жолта до темно портокалова зависно од  присуството на растителните пигменти (каротеноиди) во исхраната на кокошката. Вкусот и мирисот се карактеристични. Поради порозноста на лушпата јајцето лесно поприма мириси. Свежите јајца може да се чуваат во фрижидер до 30дена.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!