Електричниот систем на срцето

0

Срцевиот мускул, изграден како идеална природна пумпа не би бил тоа што е, доколку би немал механизам кој ќе го поттикнува да работи синхроно и прецизно. Иако патиштата на еволуцијата не ни се докрај разјаснети, финалниот производ неопходен за неговата работа е познат.

Секое срцево отчукување е сочинето од сложена низа на настани во самото срце. Во секој срцев циклус срцевите преткомори и комори наизменично се релаксираат и контрахираат пумпајќи ја крвта, додека пак срцевите валвули се отвораат и затвораат насочувајќи го нејзиниот пат. Електричниот спроводен систем на срцето е своевиден диригент, заслужен за усогласувањето на овој процес. Во прилог накратко ќе зборуваме за него и неговата важност.

1. Каде се наоѓа?

Овој систем се наоѓа во самото срце. Изграден е од специјални невромускулни клетки групирани во јазли, снопови и нивни гранки. Овие необични клетки имаат способност за спонтана активација и ритмично создавање на електрични импулси.

Одејќи од почетокот до крајот на разгранувањето на спроводниот систем, брзината на спонтано создавање на импулси постепено опаѓа, па затоа импулсот во нормални услови се создава во неговиот почетен дел – синоатријалниот јазол.

2. Од што се состои?

  • Синоатријален јазол

Се наоѓа во ѕидот на десната преткомора. Уште е познат и како природен пејсмејкер. Неговата способност за спонтана активација е поголема од другите делови на спроводниот систем. Токму затоа овој јазол ја одредува брзината на пулсот.

Неговата главна улога е да го создаде импулсот кој патувајќи низ срцето ќе предизвика синхрона контракција на мускулната пупма.

  • Преткоморни патишта

Од синоатријалниот јазол импулсот патува од една страна преку преткоморни патишта до атриовентрикуларниот јазол, а од друга страна кон мускулните влакна на преткоморите.

  • Атриовентрикуларен – АВ јазол

Овој важен дел на срцето се наоѓа во меѓу преткоморите и коморите. Дејствува како забавувач на спроведувањето на електричните струи (импулсот) кон срцевите комори, овозможувајќи краток временски период во кој ќе настане испумпување на крвта од преткоморите кон коморите. Поедноставно кажано, на срцето му е потребно ова временско одлагање со цел да заштеди енергија и крвта полесно да ја спроведе во посакуваната насока.

  • Снопот на Хис, неговите гранки и Пуркиниевата мрежа

Импулсот кој излегува од АВ јазолот патува преку атриобентрикуларниот сноп(снопот на Хис) кој е сместен во горниот дел на меѓукоморната преграда. Снопот на својот пат се дели на две поголеми гранки (десна и лева), по една за секоја комора. Гранките на Хисовиот сноп во својот пат се разгрануваат, изградувајќи ја Пуркиниевата мрежа како свој завршен дел.

Токму оваа мрежа на спроводни клетки дел доаѓа во контакт со миоцитите (срцевите мускуни клетки). Електричниот импулс кој стигнува до срцевите мускулни келтки предизвикува деполаризација на мембраните иницирајќи го механизмот за  нивна контракција.

“Шведскиот научник Вилхем Хис помладиот (1863-1934), бил професор на Берлинскиот универзитет.  Овој познат кардиолог и анатомист е еден од првите научници кои посочиле дека срцевиот ритам е одреден од индивидуални клетки во срцевото ткиво. Во 1983 го открил (докажал) постоењето на атриовентрикуларниот спроводен сноп, кој подоцна во стручната литература го добива неговото име.”

3.  Видео анимација 

Ова видео најсоодветно ќе демонстрира како електричниот импулс кој спонтано започнува во синоатријалниот јазол патува низ срцето и како ја иницира неговата контракција.

iFrame

4. Значење во срцевата патологија

Широка палета на состојби и болести на срцето или други делови на организмот можат да предизвикаат нарушувања во спроведувањето на електричните сигнали на било кое место на спроводниот систем.

Абнормално спроведените сигнали кои резултираат со неправилност, односно несинхронизираност на срцевите оттчукувања се нарекуваат аритмии, односно блокови на спроводниот систем на срцето.

5. Како се визуелизира?

Електричната активност на срцето најчесто се визуелизира преку неинвазивната метода – електрокардиографија, многу корисна алатка за лекарите од различни специјалности. Промените во електроардиограмот(ЕКГ) може да зборуваат за срцев удар и други срцеви или системски заболувања. Постојат и инвазивни електрофизиолошки испитувања на срцевите струи, но тие се строго ограничени за специфични болести и состојби.

– авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување –

Д-р Бојан Шешоски, роден 1985г во Охрид. Основно и средно образование завршува во Охрид. Дипломира на Mедицинскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" од Скопје во 07.2009г со просечен успех 9.62. професионално искуство доктор на медицина - ЈЗУ "Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања" - Охрид (2010-во тек) посетува едномесечен тренинг на Клиниката за ортопедија при Медицинскиот универзитет во Грац, Австрија (08.2009) како член на ССММ (Сојуз на студенти по медицина на Македонија) работи во одделот за студентски размени како локален офицер за размена (LEO) во Охрид (2004/2009); Учествува на субрегионален тренинг на IFMSA-Меѓународна федерација на медицинските студентски асоцијации (05.2009) останато Претставник на Р Македонија во следните младински лидерски програми: “Seeds of Peace - international conflict resolution program” - програма поддржана од Обединетите нации. Учесник на два едномесечни кампови во Мејн, САД и повеќе работилници (2001- 2011); учествува во SEEYLI (Младински лидерски институт за југоисточна европа) во Балтимор, Мериленд, САД - програма на Стејт департментот на САД администрирана од ИОО, IDEA и Towson University (2002); учествува во меѓународниот проект “Children of Аbraham" (2004г);