Белодробна туберкулоза – смееме ли да ја заборавиме чумата од минатото?

Белодробната туберкулоза обележа значаен период од историјата на човештвото, беше синоним за страв и трепет меѓу населението,безмилосно пустошеше цели семејства. Денес е заборавена како никогаш да не постоела. Но, дали навистина туберкулозата остана во минатото? Во продолжение прочитајте за каква болест станува збор, кои се нејзините симптоми и во кој случај да се посомневате на ова заболување.

Белодробната туберкулоза е хронична инфективна болест чијшто главен предизвикувач е Коховиот бацил. Извор на зараза е болен од туберкулоза – најчесто пулмонална или екстрапулмонална. Болниот болеста ја пренесува најчесто по воздушен пат со директно зборување, кашлање или кивање. Потребен е многу мал број бацили за да се пренесе болеста, а дали таа клинички ќе се манифестира зависи од имунолошкиот статус на потенцијалниот пациент.

Според клиничките манифестации белодробната туберкулоза може да биде примарна и постпримарна. Примарната туберкулоза најчесто се јавува кај децата и е резултат на иницијална инфекција со туберколозни бацили. Најчесто се манифестира со зголемени хиларни лимфни јазли, а многу поретко може да се манифестира со замор, летаргија, субфебрилност со позитивна туберкулинска проба. Во многу случаи болеста минува и асимптоматски. Постпримарната или адултна форма на белодробна туберкулоза најчесто настанува во услови на нарушен имунолошки статус на домаќинот со реактивирање на туберкулозните жаришта настанати со примарната инфекција. Болеста има бавен почеток со дискретна клиничка слика. Главен симптом е кашлицата која опстојува повеќе од три недели, со оскуден искашлок или со крвни примеси во искашлокот, придружени со замор, малаксаност, намален апетит, субфебрилност и потење кое посебно е изразено во раните утрински часови.

Со подобрувањето на животниот стандард и огромниот напредок во дијагностиката и терапијата бројот на заболени од туберкулоза е значително намален, но се уште се смета за глобален здравствен проблем. Имено, и денес една третина од светската популација е инфицирана од туберкулозниот бацил (латентна форма), а секоја година нови 8 милиони луѓе во светот заболуваат од туберкулоза од кои 2 милиони умираат. Во Македонија во 2012 година биле регистрирани 355 нови случаи на заболени од туберкулоза, во 2013 година 323 случаи и во 2014 биле регистрирани 285 новозаболени.

www.doktori.mk, 26.11.2016

Последна вест

Најчитани статии - медицина