Интервју со Деканот на Факултетот за медицински науки при УГД Штип - Проф. д-р Рубин Гулабоски

Денес ви даваме можност да го запознаете Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев од Штип преку ова ексклузивно интервју со деканот Проф.Д-р Рубин Гулабоски

Доктори.мк: Почитуван Декане најпрво во име на тимот на Доктори.мк би сакал да ви се заблагодарам затоа што го прифативте ова интервју и одвоивте дел од вашето драгоцено време за да ни кажете повеќе за Факултетот за Медицински Науки (ФМН) кој работи во склоп на Универзитетот Гоце Делчев - Штип. Најпрво би ве запрашал какво е чувството да се биде на чело на еден медицински факултет и со какви предизвици секојдневно морате да се справувате?

Рубин Гулабоски: Многу Ви благодарам за можноста да поразговараме и да изнесеме некои работи за нашиот факултет. Факултетот за медицински науки е втор најголем факултет во Македонија, со околу 3000 активни студенти. Имаме 9 академски програми на прв циклус на студии, од кои три се интегрирани академски студии (Општа медицина, Дентална Медицина и Фармација) и 6 стручни студии. Покрај тоа, имаме 10тина студиски програми на втор циклус на студии, една студиска програма (Радиофармација) на англиски јазик и четири акредитирани  студиски програми од трет циклус на студии (докторски студии). Факултетот егзистира 8 години и за овој период предизвиците со кои се соочуваме со огромни и бараат голема жртва од сите вработени. Првенствено, ние сме Факултет што нема своја клиника, па за клиничките вежби мораме да склучуваме договори со Клиничката Болница од Штип, со Ремедика, Филип Втори и други реномирани институции, со кои имаме одлична соработка. Бројот на вработени што го имаме не е доволен да ги задоволиме потребите, па имаме наставници избрани во насловни звања што се придружни членки на нашиот факултет. Тоа е неопходно да се излезе во пресрет на сите предизвици, на сите обврски кон наставата и вежбите на студентите и да се реализира студиската програма на најквалитетен начин, во условите што ги имаме. Да се води еден ваков комплексен факултет со толкав број на студенти е огромен предизвик, бара големи жртви и јас многу често не се чувствувам ниту како декан ниту како професор, во најголем дел од моето работно време се чувствувам како „слуга на студенти и вработени„ и тоа е неопходно во буквална смисла на зборот, доколку сакаме работите да се движат во насока на доброто образование на студентите. Никогаш не се поистоветувам со функцијата „декан„ и таа некако ми тежи и претставува огромен терет во другите обврски. Додека имам сили, ќе гледам да помагам на студентите, но не зависат сите работи од мене. Се заблагодарувам на сите вработени на ФМН за поддршката, сите до последен се солидаризираат и работат во функција на доброто образование на студентите, а сите до еден работат несебично и пожртвувано.

Доктори.мк: Каква е соработката на Факултетот за медицински науки со останатите државни и приватни установи?

Рубин Гулабоски: Со Клиничка Болница Штип, со Ремедика и со Филип Втори имаме одлична соработка. Имаме соработка и со голем број други државни здравствени институции од Македонија, кои ни помагаат во реализацијата на специјализациите, што веќе трета година се реализираат на нашиот факултет. Меѓутоа, имаме соработка и со голем број на институции и факултети од Балканот и од Европа, а голем број на американски доктори редовно одржуваат семинари на нашиот факултет, скоро секој месец. До минатата година имавме одлична соработка и со УКИМ Скопје, но оваа година тие решија еднострано да ја прекинат соработката, не знам од кои причини (во суштина добро ги знам причините за раскинување на соработката, но тие работи не сакам да ги нотирам во едно вакво интервју). Нека им служи на „чест„ на одредени личности од УКИМ за сите нивни опструкции што ги правеа кон УГД. И покрај сѐ, ние имаме потенцијал за квалитетно одржување на настава и оваа година самите се уверивме дека и во услови на големи опструкции од надвор, факултетот за медицински науки може да функционира и тоа доста успешно.

Доктори.мк: Каво е вашето искуство со професорите, асистентите и сите соработници кои се дел од ФМН?

Рубин Гулабоски: Проблемот кај нас е што немаме доболен број на наставен и соработнички кадар, но тој кадар што го имаме, дали се редовно вработени или професори избрани во насловни звања, сѐ се тоа врни експерти од кои може многу да се научи. Да не заборавам некого, но доколку ви кажам дека имаме врвни стручњаци од клинички предмети како Глигор Димитров, Андреја Арсовски, Вело Марковски, Васо Талески, Милка Здравковска, Петанчески, Бабушку, Зафировски, Андреј Петров, Чибишев, Марија Вавлукис, Ана Миновска, Цена Димова, Ивона Ковачевска, Татјана Рушковска, Филипче, Нојков, Дарко Бошњаковски, Ленче Николовска, Скендер Саити, Папакоча, Лабан-Гучева, Челева, Блажевска Бужаровска, Зденка Стојановска, Бистра Ангеловска, Ѓорѓеска, Јаневиќ, Милошева, Јовевска, Шуманов, голем број на млади доценти...сигурно многумина заборавив, нека ми извинат, но секој што поминал на нашиот факултет и секој што е упатен во медицината, знае што значат овие имиња. На нашиот факултет има двајца професори што се на листата на десетте најцитирани автори во Македонија од сите подрачја на сите времиња и тоа зборува за квалитетот на наставниот кадар. Сигурно секогаш е можно да има уште повеќе и уште подобри, но тие наставници и соработници што ги имаме даваат сѐ од себе да го пренесат знаењето и тоа го прават максимално коректно и несебично. Сите имаат целосен респект кон студентите и тоа е она што не прави горди.

Доктори.мк: Со какви кабинети и опременост располага Факултетот за медицински науки?

Рубин Гулабоски: Морам да истакнам дека од Ректоратот на УГД имаме голема поддршка од почеток. Така, во моментов имаме најмодерен стоматолошки центар на Балканот (опремен со 10 стоматолошки столици со 11 фантоми...), каде работат студентите по Дентална медицина, имаме одлични лаборатории за Забни техничари и Оптометристи, како и целоснои опремен систем за Физикална терапија и Традиционална кинеска медицина. Имаме свој симулаторски центар, неколку предклинички лаборатории се веќе во функција, неколку се во фаза на доекипирање и она што ни недостасува во моментот е само повеќе наставен и соработнички кадар, повеќе простории (или свои простории) и поголем простор за клинички вежби за студентите по Општа медицина.

Доктори.мк: Дали Факултетот за медицински науки има соработка со стански професори и институции и дали студентите можат да остварат пракса надвор од државата?

Рубин ГулабоскиНашиот факултет има активна соработка со 20тина странски медицински факултети од Германија, Швајцарија, Америка, Русија, Хрватска, Србија, Бугарија, Романија, Шпанија, Португалија, Турција, од каде доаѓаат голем број на визитинг професори да држат предавања на нашиот факултет. Покрај тоа, на голем број од овие факултети нашите студенти имаат можности да реализираат повеќемесечни пракси и тоа е она што е најголем бенефит од тие соработи-на студентите им даваме можности да отидат надвор, да запознаат нови методи, да стекнат искуство од врвни стручњаци, да работат во други услови. Најмалку 300 студенти од нашиот факултет досега имаат отидено преку разни програми и проекти  на пракса во странски партнерски инситуции. Таа соработка ќе трае и тоа е еден од нашите приоритети.

Доктори.мк: ФМН минатата година организираше  меѓународни и студентски симпозиуми дали оваа традиција ќе продолжи и понатаму?

Рубин Гулабоски:Минатата година имавме два симпозиуми од интернационален карактер-еден за Биомедицина-сениорски, и еден студентски. И на двата симпозиуми имаше огромен интерес за учество, имаше по повеќе од 600 учесници, а ги организиравме скоро без денар поддршка и буџет! Единствено од УГД имавме поддршка. Таа традиција на организирање на симпозиуми ќе продолжи, бидејќи тоа е еден од начините за анимирање на студентите, за нивно вклучување во науката и тие симпозиуми се одлична можност за остварување на контакти меѓу студентите и еминентни професори и експерти.

Доктори.мк: Што ново би можело да очекуваме во блиска иднина?

Рубин Гулабоски: Со изградбата на новата болница во Штип, квалитетот на клиничката настава ќе биде на многу повисоко ниво. Она што е во тек, е опремување на лаборатории за Биоелектрохемија, Биомедицина кои ќе служат за работа на студентите и на докторантите. Вклучувањето на студентите во наши проекти ќе биде уште поинтензивно. Досега, само во мојот мандат од 3 години, повеќе од 100тина студенти од ФМН при УГД Штип добија странски стипендии, а повеќе од 300 студенти реализираа студентски пракси во некоја европска здравствена институција. Нашите напори да излегуваме во пресрет на студентите и да им помагаме да го трасираат нивниот пат кон оформување на нивната кариера и нивниот научен и медицински профил ќе бидат уште поголеми и покрај огромните проблеми и опструкции со кои се среќаваме. Она што сакам да го истканам е фактот дека нашиот факултет покажува голема општествена одговорност. Така, од 2017 година, за сите студенти на УГД Штип и за сите социјално ранливи категории граѓани од Штип и околината, во нашиот стоматолошки центар на ФМН ќе бидат вршени бесплатни стоматолошки услуги (пломбирање и екстракција на заби, чистење на забен камен...). Покрај тоа, за сите студенти на УГД Штип ќе бидат вршени бесплатни офталмолошки прегледи од стручњаците-Офталмолози на нашиот факултет. Имаме голема поддршка и од Општина Штип и сакаме да се оддолжиме на некој начин на Штип и на студентите што ни ја дадоа довербата.

Доктори.мк: Со какви проблеми во моментот се соочува ФМН?

Рубин Гулабоски: Главните проблеми со кои сите се соочуваме се немањето доволен број на кадар и немањето на доволна сопствена инфраструктура. Но, со ентузијазмот што го имаат сите вработени и ангажирани наставници и соработници и со квалитетот што го поседуваат, сигурен сум дека сите проблеми ќе се надминат. Она што посебно не радува се успесите на голем број на нашите студенти. Студентите се огледало на нас. Фактот што огромен успех нашите студенти покажуваат на државните испити и 100% од нашите студенти од трета година го положија првиот дел од државниот стручен испит, зборува дека тоа што го правиме и што го даваме вродува со плод. Проблеми имало и ќе има, за еден медицински факултет да се оформи и да почне да функционира како што треба се неопходни 100тина професори и асистенти и 30тина години на функционирање, со обезбедена инфраструктура. Ние немаме ниту 20% од овие услови, а самите сте сведоци дека тоа што го правиме во вакви тешки услови е за огромен респект.

Доктори: За крај како декан и редовен професор на Факултетот за медицински науки што би сакале да им порачате на студентите кои студираат на овој факултет, но и на матурантите кои ја разгледуваат опијата следната година да станат дел од  него?

Рубин Гулабоски: Кој се запишува на некоја од студиските програми на факултетот за медицински науки, треба да биде сигурен дека ќе се стекне со вештини и ќе има еден вид „занает„ што ќе го направи независен во општеството. На студентите од нашиот факултет сакам да им порачам да учат за да научат, да бидат коректни кон колегите и професорите, да не се обидуваат со „финти„ да завршат факултет, еднаш тие грешки некој скапо ќе ги плати. Бидете упорни, учете за да научите-а не за да положите, и секогаш барајте повеќе, секогаш бидете активни, учествувајте во проекти, учествувајте на симпозиуми и конгреси, таму ќе стекнете и знаења и пријатели. Не се задоволувајте со тоа што го знаете-секогаш барајте повеќе!

Како уредник на доктори.мк би сакал да Ви се заблагодарам за одвоеното време и да ви посакам успех на Вас како декан а со тоа и на целиот Факултет.

Проф. д-р Рубин Гулабоски

www.rubingulaboski.synthasite.com

 

Уредник на интервјуто: Д-р Роберт Николовски

www.doktori.mk, 28.10.2016

Последна вест

Најчитани статии - медицина