Што (не) знаеме за цинкот?

доктор на медицина

Сведоци сме на секојдневното потенцирање на потребата од здрава храна и здрав начин на живот. Веќе не постои човек кој не е свесен за потребата од внесување  железо, калциум, магнезиум и најразлични витамини во организмот, но информираноста добива други размери кога ќе се спомне за потребата од цинк. Што претставува цинкот, која е неговата функција, колкави се дневните потреби, што предизвикува недостатокот од цинк во организмот, на кој начин се внесува?

Цинкот е минерал за кој иако не се зборува многу има незаменлива улога во организмот. Накратко, неспорна е неговата улога во подобрувањето на имуниот и репродуктивниот систем како и во одржувањето на нормалната функција и здравје на кожата и косата.

Цинкот е минерал кој е многу важен за метаболизмот на јаглехидратите и протеините, а од друга страна е неопходен за искористување на витаминот А од црниот дроб. Цинкот учествува во синтезата на ДНК и РНК како и во голем број физички процеси во организмот:  клеточно дишење, раст и развој на коските, создавање резерви инсулин. Во последно време се направени многу истражувања кои го поврзуваат недостатокот на цинк во организмот со голем број проблеми со кожата, особено со појавата на акни. Ова се должи на улогата на цинкот во регулирањето на функцијата на лојните жлезди. Нормалното количество на цинк во организмот го одржува здравјето на кожата, го забрзува процесот на заздравување на рани, ја зголемува регенерацијата на кожата и слузниците и ги намалува иритациите.

Колкава е препорачаната дневна доза на цинк и која храна е најбогата со овој есенцијален минерал? Дневните потреби за цинк кај жените се движат од 10-12 мг, додека кај мажите се нешто поголеми, околу 15мг. Кај бремени жени и доилки потребите од цинк се поголеми и достигаат и до 30 мг. Цинкот е најзастапен во морските плодови, рибата, сирењето, јајцата,месото, мешункастиот зеленчук, јаткастите плодови, сојата и пченичните никулци.

Несоодветното внесување на цинк во организмот е пропратено со низа благи, но и понагласени симптоми од кои најзастапени се: чести инфекции, губење на сјајот на кожата и косата, иритации на кожата,бавно заздравување на рани, губење на чувството за вкус, пречки во растот и развојот кај децата, намален имунитет,невролошки пореметувања, пасивност.

www.doktori.mk, 24.10.2016

Последна вест

Најчитани статии - медицина