Нутриционизмот на македонските простори - Интервју со нутриционистот Влатко Таневски

Дипломиран радиолошки технолог, студент по фармација

ВТ диет клубот, првиот Интернет диет клуб во Р. Македонија, егзистира веќе 9,5 месеци во македонскиот сајбер простор. ВТ диет клубот е силен промотор на здравата исхрана и здравиот животен стил.
 

Доктори.мк: Здраво Влатко! Вие веќе долг период сте дел  од тимот на Доктори.мк и ние секојдневно ги следиме  сите Ваши активности и активностите на ВТ диет клубот.  ВТ диет клубот веќе 9,5 месеци егзистира во  македонскиот сајбер простор од каде што луѓето  добиваат секојдневно најнови информации за здравата  исхрана и здравиот животен стил. Па, затоа одлучивме да  направиме едно кратко интервју со Вас на темата:  „Нутриционизмот на македонските простори“. Факт е дека  луѓето се повеќе се интересираат за здравата исхрана.  Па, каков е интересот на македонскиот народ за здравата  исхрана?

 

 

Таневски Влатко: Пред да ви дадам одговор на Вашето  прво прашање, јас би сакал да Ви се заблагодарам за  пројавениот интерес да направиме едно едукативно  интервју. Мене ме радува фактот што луѓето се повеќе и  повеќе се освестуваат за значењето на здрава исхрана и здравиот животен стил. Особено голем интерес за здравата исхрана и здравиот животен стил покажуваат младите генерации. Но, сепак сме далеку од идеалната слика. Постарите генерации многу малку и придаваат значење на здравата исхрана. Тие обично се освестуваат за здравата исхрана кога нивното здравје ќе биде доведено под знак прашалник. Исто така, многу ме загрижува и сликата што имаме се повеќе и повеќе млади особи со вишок на килограми. Во Македонија 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина. Мене како нутриционист ме загрижува овој статистички факт. Самиот статистички факт говори дека треба да работиме повеќе на полето на здравата исхрана и здравиот животен стил. 

Доктори.мк: Статистичкиот факт кој го спомнавте несомнено е поразителен. На што се должи порастот на дебелината кај младата популација во Р. Македонија? 

Таневски Влатко: Одговорот е едноставен: премалку движење, премногу алкохол и лоша исхрана. Исто така, често слушам изговори од младите дека финансиската состојба не им дозволува да се хранат здраво или едноставно немаат време за да се хранат здраво и да водат здрав животен стил. Но, според мене тоа се изговори. Младите не се хранат здраво не поради тоа што немаат пари да купат храна или поради тоа што немаат време, туку поради тоа што немаат сознанија и немаат интерес да ги осознаат квалитетите на хранливите состојки и готвењето. Младиот човек за да се храни здраво нема потреба да купува скапи намирници кои се несекојдневни за македонската трпеза. Доволно е да појдеме на нашите пазари и ќе најдеме здрава и евтина храна во изобилство. 

Доктори.мк: Нутриционизмот е релативно нова појава на македонските простори и обичните луѓе го доживуваат како помодарство. Дали во Р. Македонија има квалитетни нутриционисти? 

Таневски Влатко: Нутриционизмот во Р. Македонија е во зачеток. На Технолошко – техничкиот факултет во Велес веќе неколку години успешно функционира студиската програма за нутриционизам. Веќе излегоа и првите генерации нутриционисти од овој факултет. Јас сум уверен дека многу од овие млади, амбициозни луѓе имаат одлични познавања од областа на нутриционистичката наука и уверен сум дека многу од нив ќе бидат квалитетни нутриционисти. Исто така, постојат и нутриционисти од постарите генерации, кои имаат огромно искуство и знаење. Имиња нема да наведувам, бидејќи целта на интервјуто не е да правиме реклама на поедини нутриционисти. Во овој контекст сакам уште да наведам дека посетата на нутриционист не е помодарство. Нутриционистичкиот совет им е драгоцен на голема таргет група на луѓе: бремени жени, здрави особи, спортисти, луѓе кои патат од различни патолошки состојби и сл. 

Доктори.мк: Постојат се повеќе надрилекари и лажни исцелители кои го валкаат исконското лице на медицината. Тие многу често манипулираат со здравјето на тешко болните пациенти, за да печалат пари на нивниот грб. Дали постојат такви појави и во полето на нутриционизмот?

Таневски Влатко: Да, такви појави постојат и во нутриционизмот. Голем број на надрилекари, тревари, биоенергетичари, исцелители и сл. даваат непрофесионални совети и препораки во врска со исхраната како што се: исхрана според крвните групи, диета со супа од зелка, лимонова диета со јаворов сируп итн. Ваквите препораки за исхрана не само што не се професионални, туку може да бидат и штетни за здравјето на пациентот. Но, мене повеќе ме загрижува една друга појава. Голем број на нутриционисти и здравствени професионалци (лекари, фармацевти, здравствени работници) даваат грешни совети поврзани со исхраната. 

Доктори.мк: Дали со Вашата изјава укажувате дека многу нутриционисти и здравствени професионалци имаат слаби познавања од исхраната?

Таневски Влатко: Јас познавам лекари, фармацевти, нутриционисти кои имаат страшни познавања од областа на исхраната. Но, познавам  и луѓе од браншите што претходно ги спомнав кои цело време се тапкаат во гради со своите дипломи, а имаат многу оскудни познавања за исхраната. Дипломата е обично парче хартија на која е испишана некоја титула. Квалитетните нутриционисти и здравствени професионалци се препознаваат по нивното знаење, а не по нивната диплома. Квалитетниот нутриционист и здравствен професионалец никогаш не вели: „Јас имам диплома! Јас сé знам!“ Напротив, квалитетните нутриционисти и здравствени професионалци не се плашат да признаат дека нешто не знаат и постојано трагаат по нови знаења, нови информации. Кога пациентот ќе му постави прашање на лекарот: „Што да јадам?“, ако лекарот има оскудни познавања од областа на нутрицијата не е срамота да му каже на својот пациент: ,,Обрати се кај нутриционист“. Во овој случај лекарот ќе излезе многу поголем професионалец, отколку да се фали дека знае сé. Квалитет се стекнува со постојано учење, постојано надоградување, а не со тапкање со дипломата во гради. Македонскиот народ е многу мудар. Помеѓу народот постои поговорката: „Човекот учи додека е жив“. 

Доктори.мк: Дали можете да ни посочите некој пример за погрешна информација кој ја добил некој пациент/ка од страна на здравствен професионалец?

Таневски Влатко: Да, секако дека можам. Често нутриционистите и лекарите на луѓето кои патат од дијабет им препорачуваат да не јадат лубеница поради нејзиниот висок гликемичен индекс кој изнесува 72. Но, проблемот тука лежи во тоа што нутриционистите и лекарите воопшто не ја земаат во предвид количината на внесот на јагленохидрати. Просечно парче лубеница (120 гр.) обезбедува само 6 гр. јагленохидрати, што ни од далеку не е доволно да го зголеми нивото на гликоза во крвта. Ист е случајот со млекото и млечните производи за кои се пропагира да ги консумираме поради високата содржина на калциум, за да ги заштитиме своите коски  од остеопороза. Но, најновите научни податоци за корисноста на калциумот од млекото покажуваат дури далеку спротивни тврдења, односно млекото како храна се покажа како многу штетно за здравјето на коските, и токму млекото е причина за појава на остеопороза. Со пиење на млеко не само што не се зацврстува коскеното ткиво, туку напротив, се троши калциумот од коските и се исфрла со урината. Затоа велам дека човек мора да чита, да учи, да се надоградува, да посетува семинари, да посетува обуки итн. Тоа е клучот за стекнување на вистинско знаење. 

Доктори.мк: Често на Интернет кружат различни ,,магични“ рецепти за слабеење и најразични диети. Кое е Вашето мислење за нив?

Таневски Влатко: Да, за жал, кружат на Интернет најразлични диети и различни „магични“ рецепти за слабеење. И за ситуацијата да биде уште потрагична, луѓето ,,паѓаат“ на ваквите диети и рецепти за слабеење. На Интернет ќе пронајдете најразлични рецепти за слабеење: пијалок од зелен чај и немасно млеко, „Саси“ вода за слабеење итн. Заедничко за сите овие рецепти за слабеење е тоа што тие не ни овозможуваат вистинско слабеење со топење на масното ткиво, туку овозможуваат само исфрлање на вишокот течности насобрани во нашето тело. Вистинско слабеење е она каде што има топење на масното ткиво, а не исфрлање на вишокот вода од организмот. А, уште пострашно е што луѓето веруваат во голем број на диети што ќе ги пронајдат на Интернет. Па, така ќе најдете и диети кои ви гарантираат дека за 5 дена ќе изгубите 2,5 до 5 кг. Знаете ли што значи да изгубите 5 кг. за 5 дена? Тоа е шок за организмот. 

Доктори.мк: Влатко, Ви благодариме за одвоеното време. и за крај, која би била Вашата нутриционистичка порака до читателите на Доктори.мк?

Таневски Влатко: Ви благодарам и јас на Вас за одлично обавеното интервју. За крај, на читателите на Доктори.мк би им порачал да се хранат здраво и да живеат активен, здрав живот. Почувствувајте го вкусот на здравјето!

Дознјате повеќе за Влатко Таневски >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 26.01.2016

Последна вест

Најчитани статии - исхрана