Механизам на дејство на антибиотиците и појава на резистенција

студент по медицина

Секој пат кога човекот зема антибиотици осетливата бактеријата е убиена, но отпорните бактерии можат да останат, растат и да се разможуваат. Повторувачка и несоодветна употреба на антибиотиците е примарна причина за зголемување на антибиотик-резистентните бактерии и можна појава на супербактерија отпорна кон сите антибиотици како глобална закана на светот. Додека антибиотиците се користат за лекување на бактериски инфекции, тие не влијаат на вирусите. Во следната статија ќе се запознаеме со механизмот на делување на антибиотиците и причините за појава на отпорност кон нив.

Градба на бактеријата

Поделба на антибиотиците според механизмот на дејство

I.  Инхибиција на синтезата на клеточниот ѕид на бактеријата

Бактерискиот клеточен ѕид е изграден главно одсложена материја т.н. пептидогликан кој е изграден од амино-шеќери: N-acetyl glucosamine(NAG), N-acetyl muramic acid (NAM) и амино киселини: L-alanin, D-glutamic acid, L-lysine и D-alanineповрзани со врски меѓу Д-аланинот и Л-лизинот. Создавањето на овие врски е спречено од страна на антибиотиците. Пептидогликанот не е присутен во растителните и животинските клетки, само во бактериските. Токму оваа разлика овозможува антибиотиците да не го напаѓаат ѕидот од човечката клетка.

Во оваа група на антибиотици спаѓаат:

  •  Пеницилини: природни или полусинтетски

  •  Цефалоспорини: од 1 генерација (цефалексин), 2 (цефуроксим, цефахлор, цефокситин), 3 (цефтриаксон, цефотаксим, цефтазидим, цефиксим) и 4 генерација (цефепим, цефпиром)

  • Гликопептиди:ванкомицин и теикопланин

  • Бацитрацин, циклосерин, новобиоцин

II. Инхибиција на синтеза на протеини на бактеријата

После пеницилините и цефалоспорините (бета лактамски антибиотици), овие лекови се на второ место по употреба во медицината. Го спречуваат процесот на транслација (создавање на нови протеини од амино киселини, за потребите на бактеријата). Процесот на создавање нови протеини е со помош на органели рибозоми во кои една РНК (транспортна) ги носи новите аминокиселини кои се спојуваат за да создадат протеин, а друга РНК (информациона) дава информација кој протеин треба да се синтетизира.

Во оваа група на антибиотици спаѓаат:

  • Аминогликозиди (стрептомицин, неомицин, канамицин, гентамицин, амикацин, тобрамицин и др.)

  • Тетрациклини (тетрациклин, доксициклин (вибрамицин) и др.)

  • Макролиди (еритромицин, макропен, сумамед и др.)

  •  Линкосамини (линкомицин и клиндамицин)

III.Инхибиција на синтезата или функцијата на бактериската ДНК

Бактериската ДНК се состои од ДНК материјал(бактериски хромозом) расфрлан низ бактериската клетка и од ДНК-плазмид кој му дава специфични функции како што е отпорноста кон некои антибиотици.

Во оваа група на антибиотици спаѓаат:

  •  Кинолони (од 1 и 2 генерација)

  •  Сулфонамиди

  •  Триметоприм и рифамицини (рифампицин)

IV.Антибиотици кои делуваат врз функцијата на цитоплазматската мембрана(опишана погоре):

Во оваа група спаѓаат: Полимиксин-Б и Колистин кои што се доста токсични, па затоа колистинот се употребува само во вид на инхалации кај деца. Исто така и Амфотерицин и Нистатин.

V.Антибиотици со друг механизам на дејство:

-Изониазид, етамбутол, метронидазол, нитрофурантоин

Несакани ефекти од употреба на антибиотиците

  • Токсични реакции: Локални- иритација или болка на местото на инекцијата, мачнина, повраќање, дијареа. Системски- на црниот дроб, бубрезите, хематопоетскиот систем, централниот нервен систем.

  • Алергија

  • Биолошки компликации: рецидиви (повторно јавување на болеста поради недоволно долго или недоволни дози на антибиотската терапија).

  • Суперинфекции: секундарна инфекција предизвикана од друг микроорганизам, кој е резистентен на лекот користен за примарната инфекција.

  • Хиповитаминози и хипервитаминози:антибиотиците со широк спектар може да предизвукаат и пореметувања на нормалната флора во дигестивниот систем која учествува во синтеза на вит. К и вит. Б комплекс.

  • Појава на резистентни (отпорни на антибиотици) соеви

Отпорност на бактериите кон антибиотици 

Појавата на резистентни соеви како што е МРСА (метицилин резистентен Staphylococcus aureus), е најзначајното несакано дејство на антибиотиците. Процесот на размножување кај бактериите е во голема мера побрз одколку кај луѓето, што укажува на тоа дека бактериите многу побрзо се навикнуваат на промените во околината одколку човекот. Тоа се единствени лекови чија неразумна употреба влијае негативно врз здравјето на пациентот, како и здравјето во глобална смисла. Како главни причини за ваква појава се сметаат:

  1. Некои доктори употребуваат повеќе антибиотици истовремено во лекувањето на пациентот, иако само еден е доволен. Исто така препишуваат антибиотици кај самоизлекувачките инфекции или кај вирусни инфекции.

  2. Антибиотиците се додаваат во храната за животни за превентивно да се спречат инфекции, а со тоа да се забрза растот на животното. Научниците веруваат дека така се селектираат отпорни микроорганизми кај животните кои можат да се пренесат кај човекот.

  3. Отпорните бактериите ги пренесуваат гените (плазмид ДНК) за отпорност на осетливите бактерии, со што и тие стануваат отпорни.

  4. Некои бактерии имаат вродена резистенција кон некои антибиотици

  5. Луѓето често земаат антибиотици на своја рака, по препорака на некое нестручно лице.

Дознајте повеќе за авторот Филип Стојановски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 
www.doktori.mk, 05.12.2015

Последна вест

Најчитани статии - фармација