ВТ ДИЕТ КЛУБОТ СО НОВ ВТ ДИЕТ ПРОГРАМ

Дипломиран радиолошки технолог, студент по фармација

Пред 5 месеци во сајбер просторот осамна ВТ диет клубот, првиот Интернет диет клуб во Р. Македонија. Главни цели на ВТ диет клубот се:

    Преку едукативни текстови и стории од областа нa нутрицијата и фитнесот да ги научи луѓето да се хранат избалансирано и да водат здрав и активен живот;
    Преку изработка на индивидуализирани режими на исхрана да им помогне на луѓето да го победат вишокот килограми, како и да го подобрат сопственото здравје.

Исто така, ВТ диет клубот располага и со своја специфична диет програма – ВТ диет програм. ВТ диет програмот се базира на принципите на метаболитичката исхрана. Метаболитичката исхрана претставува сет од принципи со чијашто практична примена се зголемува размената на материи на телото, се зголемува елиминацијата на токсичните материи од нашиот организам, се согоруваат повеќе калории, а на тој начин се намалува метаболитичката возраст. Стариот назив за метаболитичката нутриција е природна хигиена. Принципот на природната хигиена го носи потеклото од стара Грција, 400-тини години пред Христа, кога Хипократ рекол:

„Нека храната ти биде лек, а лекот храна“

Основниот принцип на метаболитичката нутриција се темели на фактот дека телото секогаш тежнее кон здравјето на човекот и дека тоа го постигнува со непрекинато самоисчистување од штените материи. Од се што кажавме претходно може да се заклучи дека ефектите од метаболитичката исхрана се јасно видливи: намалување на телесната тежина и повраток на здравјето или подобрување на здравствената состојба.

Новитет за сите ,,диеталци“ и за сите поборници за здрава исхрана и здрав животен стил е новиот ВТ диет програм. Новата диет програма на ВТ диет клубот е еден од начините за спроведување на здрав животен стил каде исхраната зазема централно место. На тој начин се промовира полно здравје, силен имунитет и отпорност кон сите болести.

 

- Во долговековната македонска традиција кружи една многу убава пословица: ,,Волкот влакното го менува, ама ќудта не ја менува“. Има бројни сведоштва за успешноста на ВТ диет програмот од страна на нашите членови. ВТ диет програмот се темели на принципите на метаболитичката нутриција, кои се универзални, непроменливи. Со оваа реченица сакам да кажам дека ВТ диет програмот си ги задржа основните карактеристики, само си го промени рувото. Неодамна нашиот диет клуб имаше еден нов диет програм – ВТ баланс програм, како надополнување на ВТ диет програмот. ВТ баланс програмот му ги отвори вратите на ВТ диет клубот за изработка на групни режими на исхрана за различни таргет групи: фамилија, спортисти, боди-билдери, дијабетичари, заболени од кардиоваскуларни болести итн. Меѓутоа ние како нутриционисти сме должни постојано да ги пратиме новите откритија во нутриционизмот. Нутриционизмот не е статична наука, туку многу динамична наука. Кој одбрал да биде нутриционист и смета дека во нутриционизмот нема нови откритија, гадно се излажал. Воведувајќи ги метаболитичките рецепти, ние го надминавме недостатокот на ВТ диет програмот и затоа многу брзо го исклучивме од употреба ВТ баланс програмот. Сега претстои нова еволуција пред ВТ диет клубот – новиот ВТ диет програм. Новиот ВТ диет програм има 3 клучни нови карактеристики:

1. Ефектите од ВТ диет програмот остануваат исти: намалување на телесната тежина и повраток на здравјето или подобрување на здравствената состојба;

2. Членовите на ВТ диет клубот ќе имаат економска заштеда: повеќе нема да има потреба да купуваат скапи намирници од типот: киноа, чиа, хељда итн. Факт е дека овие намирници се многу корисни за нашето здравје, но истите се премногу скапи и сечиј џеб не може да си ги дозволи. Овој пат членовите на ВТ диет клубот ќе можат да слабеат и да го подобрат сопственото здравје преку конзумирање на лесно достапни, локални, органски и сезонски намирници.

3. Членовите на ВТ диет клубот ќе имаат право на избор. Што се подразбира под тоа? Стариот ВТ диет програм во метаболитичкиот распоред точно наведуваше кои намирници треба да се конзумираат за појадок, кои за ручек, а кои за вечера. Новиот ВТ диет програм ќе има поедноставен метаболитички распоред каде што членовите на ВТ диет клубот ќе може да си одберат кои намирници ќе ги конзумираат.

Овие промени ќе овозможат членовите на ВТ диет клубот полесно да ја прифатат метаболитичката исхрана како свој животен стил и на тој начин здраво да ја намалат телесната тежина и истата да ја зачуваат до крајот на својот живот – објаснува нутриционистот Таневски, основач на ВТ диет клубот.

www.doktori.mk, 15.10.2015

Последна вест

Најчитани статии - животен стил