ЕКГ курс чекор по чекор - Кардиоваскуларна физиологија

Десната и левата страна на срцето се одделени со внатрешен ѕид од сврзно ткиво, наречен срцева преграда (септум). Интератријалниот септум ги одделува левата и десната преткомора. Интервентрикуларниот септум ги одделува левата и десната комора. На тој начин срцето е поделено на две функционални пумпи.
 

Десната преткомора и десната комора сочинуваат една пумпа. Левата преткомора и левата комора ја сочинуваат другата пумпа. Десната страна на срцето е систем со низок притисок, чија работа е да ја пумпа редуцираната крв од периферијата на телото кон белите дробови, и преку нив, до левата страна на срцето. Ова се нарекува белодробна (мала) циркулација или крвоток. Работата на левото срце е да ја прими оксигенираната крв од белите дробови, преку четирите белодробни вени до левата преткомора, за потоа преку левата комора да се испумпа крвта кон периферијата на телото. Ова се нарекува системска (голема) циркулација или крвоток. Крвта од срцето до сите органи и ткива на телото доаѓа преку затворен систем од артерии, артериоли и артериски капилари. Крвта се враќа во десното срце по обратен редослед: венски капилари, венули и вени. (Ова кое го објаснивме наједноставно е прикажано на видеото погоре)

Срцев циклус (револуција)

Срцевиот циклус се однесува на повторувачки процес, кој во себе ги вклучува сите настани поврзани со протокот на крв низ срцето. Циклусот има две фази за секоја срцева шуплина: систола и дијастола.  Систола претставува период во кој шуплината се контрахира и крвта се испумпува од неа. Систолата вклучува контракција на миокардот на двете преткомори и двете комори. Дијастола претставува период на релаксација на срцевата мускулатура, во тек на која шуплината не е во можност да испумпува крв. Во овој период миокардот ја добива својата потреба од оксигенирана крв преку коронарните артерии, при т.н. вентрикуларна дијастола. За време на срцевиот циклус, притисокот во рамките на секоја шуплина на срцето се зголемува во систола, а опаѓа при дијастола. Срцевите валвули ја осигуруваат крвта да тече само во една, физиолошка насока. Крвта тече од една шуплина кон друга единствено тогаш кога притисокот во првата шуплина е поголем од оној во следната. Овие притисочни односи (градиенти) зависат од внимателниот тајминг на контракциите. Спроводниот систем на срцето го обезбедува потребниот тајминг на сите настани кои се случуваат при атријалната и вентрикуларната систола. 

Десната преткомора прима крв сиромашна со кислород од горната и долната шуплива вена и коронарниот синус. Крвта тече од десната преткомора, преку трикуспидалната валвула во десната комора. Кога десната комора ќе започне да се контрахира, трикуспидалната валвула се затвора. За време на систолата, десната комора ја испумпува крвта преку пулмоналната валвула во пулмоналното стебло. Тоа стебло се дели на лева и десна белодробна артерија, од која крвта потоа се транспортира до соодветното белодробно крило. Таму, редуцираната крв тече низ белодробните артерии во белодробното ткиво (кислородот и јаглеродниот диоксид се разменуваат во белодробните капилари на ниво на белодробните алвеоли), за потоа, преку четирите белодробни вени да се испумпа во левата срцева преткомора. Левата преткомора добива оксигенирана крв од белите дробови преку четирите белодробни вени (две од десното и две од левото белодробно крило). Крвта се испумпува од левата преткомора, преку митралната (бикуспидална) валвула во левата комора. Кога левата комора ќе започне да се контрахира, митралната валвула се затвора. Тогаш крвта од левата комора, преку аортната валвула се испумпува во аортата, од која, преку нејзините гранки потоа се дистрибуира низ целото тело. Крвта од ткивата на главата, вратот и горните екстремитети се празни во горната шуплива вена. Крвта од долниот дел на телото се празни во долната шуплива вена. Потоа двете шупливи вени ја носат редуцираната крв од целото тело во десната преткомора, за повторно да започне истиот срцев циклус, објаснет во детали во горниот текст. 

Механичката активност на срцето се гледа од пулсот и крвниот притисок. Крвниот притисок е притисокот кој што се добива кога циркулирачката крв притиска на ѕидовите на артериите, и обратно.  Волуменот на крв во артериите е директно поврзан со вредноста на артерискиот крвен притисок. Крвниот притисок е еднаков на производот од кардијалниот аутпут и периферниот отпор. Периферен отпор е отпорот на крвните садови кон протокот на крв, утврден со нивниот дијаметар и тонусот на нивната васкуларна мускулатура. Крвниот притисок е под влијание на услови или лекови кои влијаат на периферниот отпор или минутниот волумен. Минутниот волумен е количеството на испумпана крв во аортата во тек на една минута од страна на срцето.  Се дефинира како ударен волумен, кој е количина на крв исфрлена од коморите со секое срцево отчукување, помножен со бројот на срцеви отчукувања во временски интервал од една минута. Кај здрави возрасни лица, минутниот волумен во одмор изнесува околу 5 L/min. Процентот на крв испумпана од една шуплина со секоја контракција е наречена ежекциона фракција. Нормалната ежекциона фракција на левата комора (LVEF) изнесува помеѓу 50% и 65%.

Автори на рубриката " EКГ курс - Чекор по чекор":

                                                 Страхил Тодоров
                                                 Роберт Николовски

 

Продолжуваме, следете не ...

www.doktori.mk, 07.10.2015

Последна вест

Најчитани статии - медицина