Доктори.мк | ЕКГ курс чекор по чекор - Кардиоваскуларна анатомија | EKG-kurs-cekor-po-cekor---Kardiovaskularna-anatomija | Портал за медицина и здравје

ЕКГ курс чекор по чекор - Кардиоваскуларна анатомија

Срцето е шуплив мускулен орган кој се наоѓа во просторот помеѓу двете белодробни крила (средоградие или медијастинум), во средината на градниот кош. Тоа се простира зад градната коска и над дијафрагмата. Околу две третини од срцето лежат лево од средната линија на градната коска. Останатата третина лежи на самата средна линија од градната коска. Базата, или задната страна на срцето е формирана од страна на левата преткомора, еден мал дел од десната преткомора, како и проксималните делови на горната и долната шуплива вена, како и проксималните делови на четирите белодробни вени. Предната страна на срцето се крие зад градната коска и ребрените ‘рскавици. Таа е формирана од страна на делови од десната преткомора и на левата и десната комора. Врвот на срцето, или топографски, неговиот долен дел, е формирано од страна на врвот на левата комора. Истиот лежи само над дијафрагмата, на приближно ниво на петтиот меѓуребрен простор, во правец на медиоклавикуларната линија. 

Структура на срцето

Слоеви на срцевиот ѕид

Ѕидовите на срцето се составени од три ткивни слоја: ендокард, миокард и епикард. Најскриениот слој на срцевиот ѕид, ендокардот, е составен од тенок, мазен слој од епително и сврзно ткиво, како и од: линиите од внатрешноста на срцевите шуплини, валвули, тендинозни хорди и папиларни мускули. Ендокардот е во континуум со артериите во внатрешниот слој, вените, како и капиларите од тој слој, и на тој начин создава континуиран, затворен циркулаторен систем. Миокардот (средниот слој) е дебел, мускулен слој, кој се состои од срцеви мускулни влакна (мускулни клетки), кои се одговорни за срцевата активност. Најоддалечениот слој на срцето се нарекува епикард. Епикардот содржи крвни капилари, лимфни капилари, нервни влакна и масно ткиво.

Срцеви шуплини

Срцето има четири шуплини. Двете горни се наречени лева и десна преткомора. Целта на преткоморите е да ја примаат крвта на следниов начин: Десната преткомора прима крв сиромашна со кислород (редуцирана крв) од горната шуплива вена (која носи крв од главата и горните екстремитети), долната шуплива вена (која носи крв од долниот дел на телото), како и од коронарниот синус (најголема вена во која претходно се влеваат сите вени кои ја враќаат крвта сиромашна со кислород од срцевото ткиво); Левата преткомора добива крв богата со кислород директно од белите дробови, преку четирите белодробни вени. Двете долни срцеви шуплини отпаѓаат на левата и десната срцева комора. Нивната цел е да ја испумпуваат крвта, и тоа: десната комора ја испумпува крвта во белите дробови, а левата комора во периферијата, до сите делови на човечкото тело.

Срцеви залистоци

Постојат четири еднонасочни залистоци во срцето: два атриовентрикуларни и два семилунарни залистока. Залистоците се отвораат и затвораат во одредена секвенца, со цел да помогнат во производството на притисочниот градиент потребен помеѓу срцевите шуплини, со цел да се обезбеди непречен проток на крвта низ срцето, а воедно и спречување на враќањето на крвта во спротивна насока. Атриовентрикуларните залистоци ги разделуваат преткоморите од коморите. Трикуспидалната валвува е АВ-валвула која се наоѓа помеѓу десната преткомора и десната комора. Се состои од три одделни листови, т.н. клапи. Таа е со поголем дијаметар и со потенки листови од митралната валвула. Митралната (бикуспидална) валвула има само два листа. Се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора. Пулмоналната и аорталната валвула се оние т.н. семилунарни валвули. Тие го спречуваат повратниот проток на крвта од аортата и пулмоналното стебло во коморите. Семилунарните валвули имаат по три листа, во облик на полумесечини. Нивните отвори се помали од оние кај атриовентрикуларните валвули, а исто така, и нивните листови се помали и подебели од оние кај атриовентрикуларните валвули. За разлика од АВ-валвулите, семилунарните валвули немаат тендинозни хорди. 

Крвоснабдување на срцето

Коронарната циркулација се состои од коронарни артерии и вени. Главните коронарни артерии лежат на надворешниот слој на срцето (епикардијални артерии). Тоа се три големи коронарни артерии: лева предна десцендентна артерија, циркумфлексна артерија и десна коронарна артерија. За едно лице се вели дека има коронарна артериска болест (КАБ) доколку постои повеќе од 50% стеснување на дијаметарот (стеноза) на една или повеќе од овие крвни садови. Коронарните вени патуваат покрај артериите. Коронарниот синус е најголемата вена која го канализира срцевото ткиво. Тој лежи во еден засек, кој ги одделува преткоморите од коморите. Крвта која минува низ миокардијалните капилари се исцедува во гранките на коронарните вени, кои на крај се приклучуваат (се вливаат) на коронарниот синус. 

продолжува...

Автори на рубриката " EКГ курс - Чекор по чекор":

                                                 Страхил Тодоров
                                                 Роберт Николовски

 

 

www.doktori.mk, 06.10.2015

Последна вест

Најчитани статии - медицина